1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаУнгарија

Унгарија: Што ќе биде со Орбан и неговиот систем?

30 април 2026

Виктор Орбан е пред урнатините од неговото животно дело. Системот Орбан почнува да се распаѓа, а не се знае и каква ќе биде неговата политичка и лична иднина. Орбан сè уште се доживува како лидер на „националната страна“

https://p.dw.com/p/5D322
Унгарија Будимпешта 2024 | Виктор Орбан пред полагањето заклетва на претседателот Тамаш Шуљок
Дали Виктор Орбан, на сликата овде на положувањето заклетва на претседателот Тамаш Шуљок во 2024 година, навистина ја напушта политичката сцена по 16 години на власт?Фотографија: Marton Monus/dpa/picture alliance

Кога Виктор Орбан на изборите во 2002 година за првпат беше симнат од власт, тој доживеа длабока лична криза. Тесниот изборен пораз го коментираше со зборовите „Татковината не може да биде во опозиција!“ Со други зборови, според неговата претстава само тој и неговата партија може навистина да ги застапуваат интересите на унгарската нација, тој е нејзиниот единствен легитимен претставник. Оваа изјава длабоко се врежа во свеста на унгарската јавност.

Искуството од 2002-та го наведе Орбан од 2010 година со двотретинско мнозинство да го воспостави својот „Поредок на национална соработка“ (НЕР), за да се спречи сценарио како она во 2002. Притоа не само што го прилагоди изборниот систем на својата партија Фидес, туку за да ја бетонира својата моќ тој создаде и разгранет клиентелистички систем, надзор и огромна пропагандна машинерија.

16 години таквиот систем му помогаше да остане на власт, а пораз на партијата Фидес за Орбан беше практично незамислив сѐ до изборната ноќ на 12 април годинава. Но, поразот беше толку голем, што Орбан, за разлика од пред 24 години, прво делуваше речиси занемен, а на моменти и како скршен човек кој веќе не го разбира светот. Во првите неколку дена Орбан испари од јавноста. Потоа во едно интервју - единственото во тој обем дадено по изборниот пораз – на Јутјуб каналот Патриота зборуваше за „болката и празнината“ што го исполнува, но истовремено најави „отпор против уништувањето на она што го изградивме“. Дали неговата влада правела грешки? Да, за жал проширувањето на нуклеарната централа Пакс - планирано со руска помош - не било финализирано. Новинарката што го интервјуираше, која всушност е поддржувач на Орбан, остана без зборови.

Нагласен порив за пресметка

Што ќе се случи со Орбан и системот што го изгради во последниве 16 години? Дали долгогодишниот автократ ќе има уште шанса да остане во политиката? Или е дојден крајот на неговата кариера? Дали планира бегство, како што кружат гласини? Што ќе се случи со неговата партија Фидес, целосно прилагодена на него? Што со неговата семејна династија, која натрупа огромно богатство, што ќе биде со олигарсите и десетиците илјади добро платени корисници од неговиот режим?

Парламентарни избори Унгарија 2026 | Петер Маѓар и неговите поддржувачи ја слават победата над Виктор Орбан
Противкандидатот на Орбан, Петер Маѓар, ја слави својата убедлива победа со своите поддржувачи на денот на изборитеФотографија: Leonhard Foeger/REUTERS

Ова се прашања што си ги поставува унгарската јавност. Многу медиуми во земјата непрекинато известуваат и за најмала ситница кажана од Орбан или од неговите партиски соработници, за секое и најмало поместување на неговите олигарси и пријатели, со цел да добијат одговори. По 16 години Орбан, ова покажува колку Унгарците со години всушност се чувствувале како негови заложници и колку е силен проивот за пресметка и промена на системот.

Нема каење

Премиерот во заминување досега не покажува јавно покајание и одбива на каков било начин да преземе одговорност за корупцијата и злоупотребата на моќта во рамките на неговиот систем. За време на изборната кампања во однос на својата иднина тој најави дека ќе остане пратеник до пензионирањето, но во случај на изборен пораз, ќе си поднесе оставка на функцијата претседател на Фидес - иако прашањата за потенцијален пораз ги одговараше со иронија.

Но, сега сѐ е обратно, па Орбан си поднесе оставка на функцијата пратеник, а не објави повлекување како лидер на Фидес, туку само ѝ ја понуди оставката на партијата - нагласувајќи дека стои на располагање „за заедницата“ доколку го повикаат. На партиски Конгрес во јуни годинава ќе се одлучува за местото претседател на Фидес. Дилемата притоа е дека без него партијата ќе се распадне, бидејќи е целосно фокусирана на Орбан. Со него на чело, пак, надвор од нејзиното мало јадро на гласачи, ѝ останува имиџот на корумпирана партија на еден автократ. Орбан своите идни планови ги најави во видео на Фејсбук, на семантички извонреден начин: „Ние сега немаме потреба од мене во парламентот, туку во делот на реорганизација на националната страна“.

Орбан прво ќе сочека

Многу унгарски набљудувачи во тоа гледаат продолжение на долгогодишниот наратив на Орбан, дека Унгарците што тој ги предводи се дел од нацијата, а сите други не. Многумина неговата оставка на местото пратеник ја толкуваат како микс од избегнување на одговорност и право на доминација. Орбан не сака како пратеник да се изложи на критики на негова и на сметка на неговиот систем, а истовремено очигледно го доживува како да е под чест да биде само пратеник.

Унгарски парламентарни избори 2026 | Виктор Орбан го призна изборниот пораз
Вечерта на изборите, видливо потресениот Виктор Орбан го призна поразотФотографија: Attila Kisbenedek/AFP

Политикологот Даниел Рона за новинскиот портал Телекс прогнозира дека Орбан ќе сочека каков ќе биде развојот на нештата во следните месеци пред да донесе одлука за неговата политичка и лична иднина. Дека Орбан одмерува бегство во САД и азил, како што наведува истражувачкиот новинар Саболч Пањи, е малку веројатно. Со тоа би го уништил неговото животното дело и би нанел смртоносен удар на неговата политичка заедница и на неговата партија, а би предизвикал и голема штета на неговата семејна династија.

Дали „орбановата мафија“ прави трансфер на парите?

Неговиот татко и помладиот брат, меѓу другото, се занимаваат и со рударство и градежништво и се меѓу најбогатите бизнисмени во земјата. Неговата најстара ќерка Рахел и неговиот зет Иштван Тиборч, се исто така меѓу најбогатите луѓе во Унгарија, а минатата година тие емигрираа во САД.

Европската служба за борба против измами многупати водеше истраги против Тиборч поради добивање измамнички тендери. Службата констатираше неправилности и упати препораки до унгарските власти за враќање на средствата од ЕУ. Постапките во Унгарија беа прекинати.

Движења за иселување се забележани и меѓу олигарсите и блиски луѓе на Орбан. Идниот премиер Петер Маѓар пред неколку дена ја обвини „орбановата мафија“ дека ги трансферира своите милијарди во странство за да ги избегне антикорупциските истраги и планираното „враќање на средствата“. Но, конкретни докази за тоа досега не се изведени.

САД Вашингтон 2025 | Виктор Орбан и Доналд Трамп во Рузвелтовата соба во Белата куќа
Добри пријатели: Виктор Орбан со Доналд Трамп за време на неговата посета на Белата куќа минатата годинаФотографија: Daniel Torok/Avalon/Photoshot/picture alliance

Унгарските медиуми во изминатите денови известуваат за бројни сомнителни финансиски трансакции од олигарсите на Орбан, меѓу кои и неговиот пријател од детството, Лоринц Месарош, инсталатор за гас од родниот град на Орбан, Фелчут, кој уште пред години стана најбогатиот човек во Унгарија.

Во партијата на Орбан, пак, и натаму владее шок во врска со изборниот праз. Парламентарниот спикер во заминување, Ласло Ковер, го доживува како „моментална победа на сатанистичките сили“, но додава дека „на крајот победата му припаѓа на Исус Христос“. Прочуениот инфлуенсер од таборот на Орбан, Жолт Јешенски, смета дека Орбан при посета на Индија во 2025 година „без намера извршил идолопоклонство“ и на тој начин „ја отворил вратата на злите духови во неговиот живот“. Други политичари од Фидес сметаат дека „крлежите“ – се мисли на опортунистичките профитери од системот на Орбан - го предизвикале изборниот пораз. Во потрагата по причините досега не беа споменати само два збора кои најреално би го објасниле поразот - корупција и злоупотреба на моќ.

Кено Верзек, новинар на ДВ
Кено Верзек Уредник, автор и новинар за Европската програма на ДВ