Имаше зошто изборите во Унгарија на 12 април беа перцепирани како „судниот ден“ за многу политички актери во Европа, а особено во регионот. Се очекуваше дека Петер Маѓар, тој „анфан терибл“ на унгарската политика, ќе му ја испорача фактурата на Виктор Орбан на гласачките места (така велеа анкетите), но поразот што го доживеа владејачката Фидес не што беше спектакуларен, тој е изборен масакр. Партијата Тиса на Маѓар, со пребројувањата на гласовите од странство во петокот, стигна до неверојатни 140 мандати, од вкупно 199 и тоа е комотно двотретинско мнозинство. Најдобриот резултат на сите досегашни победи на Орбан беше 135 мандати.
Еуфоријата од поразот на Орбан во поголемиот дел од Европа е едно, а можниот развој на настаните во Унгарија и идниот однос на Будимпешта со Брисел и соседите е друго. Многу работи се нејасни, допрва ќе се разбиструваат. Но за некои веќе можат да се обликуваат заклучоци.
1. „Кралот Лир“ од Будимпешта е покосен, време е за свртување кон принцот
Имаше повеќе тивко плачење во осаменост за поразот на Орбан во крајнодесничарските одаи во европската куќа. А и овде кај нас во регионот, особено во Србија, Македонија и Република Српска. Но колку време треба да се тагува за „братот“ од Кармелитскиот манастир во Будимпешта. Ден-два-три. Доволно е. Доаѓа време за брзо вртење кон принцот што го наследи истрошениот „Крал Лир“ од Будимпешта.
Оној што го викаше често на гости во Мар-а-Лаго, Доналд Трамп, веднаш покажа дека нема време за жалење за пријателот, кој беше вистинска инспирација за политиките на неговото движење МАГА. Трамп во интервју за Еј-Би-Си рече дека не е загрижен за поразот на Орбан и кажа дека му се допаѓа новиот премиер Петер Маѓар. „Мислам дека новиот човек ќе заврши добра работа - тој е добар човек“, му рече Трамп на новинарот. Тој го испрати потпретседателот Џ.Д. Венс во Будимпешта да води кампања за Орбан, но ни тоа не помогна. Трамп рече дека Орбан толку многу заостанувал во анкетите, што никаква помош од него не би успеала. Тој рече „не бев вклучен во ова“ (поддршката) што беше изненадувачки кога се знае дека цела машинерија од Белата куќа, самиот тој и целото движење МАГА работеше за Орбан. Бадијала.
Многу коментатори се прашуваа колку брзо американскиот претседател ќе се откаже од Орбан со оглед на неговиот изборен пораз за да избегне да биде виден како поддржувач на „губитници“, но изгледа дека никој не предвиде дека тоа ќе се случи инстантно. Трамп имаше и една утешна речениза за Орбан: „Сепак, Виктор е добар човек“.
И во Македонија не изгледаше дека владејачката елита толку брзо јавно ќе се откаже од Орбан. Фидес и ВМРО-ДПМНЕ беа како сијамски близнаци. Фидес помагаше во пишувањето на изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ (според наводите од македонската партија); премиерот Христијан Мицкоски отиде на десетина дена пред изборите во Будимпешта со бројна владина делегација да држи предавања дека „Виктор Орбан е бранителот на Европа“ и бараше од Унгарците да бидат „горди“ и да гласаат за Фидес. Веројатно во владата го очекуваа поразот, иако вицепремиерот Александар Николоски на три дена пред гласањето изјави дека „според она што ми е познато Виктор Орбан ќе ја предводи владата на Унгарија и во наредните четири години“. Можеби работите нему не му биле познати, како што и самиот Орбан изјави пред два дена дека бил убеден оти ќе победи.
Мостот кон новите власти му беше препуштено да го гради шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски. Тој имаше блиски односи со Петер Сијарто, но не беше таков член на братската дружина со Орбан како Мицкоски и Николоски. Ќе беше претерано, малициозно и дури предавнички мостот да го гради Николоски, па затоа му беше оставено на Муцунски прв да ја честита победата на Тиса (Мицкоски тоа не го направи официјално, туку во изјава за новинарите), да разговара со веројатната идна шефица на унгарската дипломатија, Анита Орбан; да ѝ каже нешто што не е за јавноста и да нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да плаче по Виктор Орбан и ќе соработува со новата унгарската влада. „Владите се менливи“, рече Муцунски и го симна големиот камен од грбот на неговиот шеф. Дали и пријателството ќе биде менливо ќе треба да видиме?
И Кремљ брзо ја истресе прашината од пантолоните и ги исфрли од џебовите сите подароци што ги носеше таму Виктор Орбан. „Никогаш не бевме пријатели со Орбан“, рече портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, додавајќи дека Москва останува отворена за дијалог и за градење добри, заемно корисни односи со Будимпешта. Со Орбан беше отворен за дијалог, кога на пресретнатите разговори се слушаше како унгарскиот премиер му кажува на Владимир Путин – „Ви стојам на услуга“.
Обемот на поразот на Орбан ја остави Москва (како и Скопје, Белград и Вашингтон) со малку избор освен да ја признае загубата на клучен партнер во Европа. „Унгарија го направи својот избор. Ние го почитуваме тој избор“, рече Песков. Тонот на Кремљ потсетува на неговите пораки по падот на Башар ал-Асад. Кремљ брзо се дистанцира од Асад, обидувајќи се да ја зачува секоја моќ што може да ја има врз новото раководство на Сирија.
2. Можеби е прерано да се слави крајот на европската крајна десница
„Историски“ е придавка што се користи премногу често овие денови, со ризик да се тривијализира зборот и да се разводни неговата суштина. Но, нема сомнение дека унгарските избори ја заслужуваат таа етикета. Главниот архитект на европскиот илиберализам, човекот што го демонтираше владеењето на правото во Унгарија, претседаваше со систем на ендемска корупција и стоеше како отворен непријател на Украина, го снема.
Но, аналитичарите предупредуваат дека спектакуларниот пораз на Орбан можеби им нанесе само привремен удар на крајнодесничарските популисти во Европа. И дека не може да се каже дека ќе означи пресврт во плимата на национал-популистичкиот бран. Оние политичари што сметаат на таков цунами се наивни, па може да се каже дури и глупави. Орбан ги загуби изборите затоа што неговото владеење во Унгарија беше потрошено, затоа што немаше нови идеи, затоа што корупцијата, кронизмот и неверојатното богатење на кругот околу него ги преминаа сите граници, а тој речиси ја киднапира државата. Но тоа не значи дека ќе се намали наклонетоста за Алетрантива за Греманија, за Националниот собир на Марин Ле Пен во Франција, или Вокс во Шпанија. Тие партии никогаш не биле власт во нивните земји и гласачите го немаат тој однос кон нив како Унгарците кон Орбан.
Иако постои симболичен елемент. Лидерот на крајна десница со најдолг стаж во Европа, инспирација за сите нив, беше поразен - дури и кога системот беше наместен во негова корист. Но тешко е да се докаже со вистински податоци дека успехот или неуспехот на крајната десница во една земја има какво било изборно влијание во друга. Самите европски националисти понудија различни објаснувања за поразот на нивниот лидер. Некои, вклучувајќи го и белгискиот министер за одбрана, Тео Франкен, и личности од Алтернатива за Германија (АфД), ги обвинија блиските врски на Орбан со МАГА на Трамп. Генерално, Орбан ќе им недостига на „патриотите“ кои ја поддржуваат „слободата, суверенитетот и традиционалните вредности“. Французинот Ерик Земур инсистираше дека поразот не бил „ниту идеолошки ниту политички“, туку поради околностите.
3. Национално-популистичките епизоди оставаат длабоки лузни
Сигурно дека демократската јавност и во Унгарија и Европа не треба да очекува премногу и прерано. Иако победата на Тиса покажа дека илибералзмот не е неизбежен. Јасно е дека едни избори не можат да донесат моментално враќање кон либералната демократија. Национално-популистички епизоди не се само епизоди, тие оставаат длабоки лузни на кои им требаат години за да заздрават. Погледнето го примерот на Полска. Кога Граѓанската коалиција на Доналд Туск ја победи партијата Право и правда (ПиС) на крајот од 2023 година, имаше слична еуфорија. Поминаа две и пол години оттогаш, а владеењето на правото во државата не е обновено, ниту пак националистите се маргинализирани. Победата на Карол Навроцки на ланските претседателски избори тоа добро го покажува. Претседателот на Полска има полуизвршна функција за разлика од шефот на државата во Унгарија, кој има само церемонијална. Навроцки со секој можен чекор што му е дозволен ја блокира работата на владата на Туск и нејзината агенда. Едно неодамнешно истражување на францускиот Институтот Монтењ, покажа дека владата на Туск се соочи со дилема: како може да ги корегира судските назначувања и одлуки од изминатата деценија без да ја поткопа правната сигурност или да ги прекрши процедуралните заштитни мерки?
Национално-популистичкиот експеримент на Полска траеше „само“ осум години; Орбан беше на власт 16. ПиС немаше двотретинско мнозинство потребно за целосна промена на полскиот устав, па сепак ја демонтираше државата според партиските узанси. Орбан го вгради својот илиберализам во темелите на унгарската држава. Маѓар наследува „заробена“ држава во која лојалистите остануваат вкоренети во секоја јавна структура, додека клучните сектори на економијата и општеството - од медиумите до приватизираните универзитети - остануваат под контрола на олигархијата што го поддржува Орбан.
Како што забележува професорката Бланш Леридон од Sciences Po во Париз поразот на Орбан беше неизбежен и нецелосен. Беше неизбежен, со оглед на абењето на долгорочната моќ и неуспехот да ги исполни сопствените основни ветувања за национална величина и нативистичка политика. Но, дека неговиот пораз останува и нецелосен, бидејќи е потребно бесконечно повеќе време и енергија за обнова отколку за демонтирање. Орбан ќе се обложува на фрустрацијата на гласачите кога историската промена за која гласаа нема да произведе моментално чудо. Како што рече Орбан во неделата вечерта откако го призна поразот: „Никогаш не се откажуваме. Една работа ја знаат луѓето за нас: никогаш не се откажуваме“.
4. Поддршката од Трамп станува токсична за крајната десница
Уште пред поразот на Виктор Орбан најголем дел од европската крајна десница настојуваше да се дистанцира од политиките на МАГА и уште повеќе од самиот Доналд Трамп, особено по неговите најави дека сака да го заземе Гренланд и сегашнава војна со Иран. Расположените во европската јавност во сите држави е изразито анти-Трамп, па потпирањето на човекот од Белата куќа ѝ носи повеќе штета на крајната десница отколку корист. По поразот на Орбан и директното вклучување на Трамп во неговата изборна кампања во канцелариите на крајната десница ѕвонат алармите за тревога.
„Треба да ја одржиме дистанцата“, им рече Французинката Марин Ле Пен на своите колеги од Националниот собир на состанок во вторникот, според висок партиски функционер кој присуствувал, а неговата изјава ја пренесува „Политико“.
За да се стави во најдобра позиција да победи на претседателските избори во Франција следната година, Националниот собир веројатно ќе се обиде да избегне да биде виден како близок до администрацијата на Трамп.
Пратениците од германската АфД размислуваат слично. Матијас Мосдорф изјави дека „претенциозното прикажување на пријателство“ меѓу Будимпешта и администрацијата на Трамп, вклучително и одлуката на Ванс да го поддржи Орбан, „висат како воденички камења околу вратот на Орбан“.
Дополнителен фактор беше нападот на Трамп врз папата Лав XIV. Италијанската премиерка Џорџа Мелони беше можеби последниот силен европски лидер што се обидуваше да одржува добри односи со Трамп, но таа одлучи да ги напушти кога тој гнападна папата, а потоа и неа. „Мелони бараше изговор да се дистанцира од Трамп, а неговиот директен напад ѝ ја даде таа можност“, изјави за Блумберг Лоренцо Кастелани, истражувач на Универзитетот ЛУИС во Рим. „Нападите врз папата и економската неизвесност [во Италија] веројатно ги променија пресметките во врска со одржливоста на сојузот со него“.
Трамп претходно ја пофали Мелони, нарекувајќи ја „прекрасна млада жена“ која „ја освои Европа како бура“. Но, за време на состанокот во вторникот, тој ја нападна за нејзиното одбивање да ја поддржи војната во Иран и нејзините изјави во поддршка на папата. Во неделата, Трамп го критикуваше папата, кој повика на мир, нарекувајќи го „СЛАБ во однос на криминалот и ужасен во однос на надворешната политика“.
Мелони недвосмислено ги сметаше ваквите коментари за „неприфатливи“. Како одговор, Трамп изјави за весникот „Кориере дела сера“: „Шокиран сум од нејзиното однесување. Мислев дека е храбра, но грешев“.
Тој вели дека грешел, но европските крајни десничари гледаат дека имаат уште поголема грешка од Трамп што едно време се потпираа на неговата политика. Неговата поддршка за нив сега е како „бакнеж на смртта“.
На крајот на март, лидерката на АфД, Алис Вајдел, им наложи на своите пратеници во Бундестагот да го намалат бројот на патувања во САД, кои беа планирани за зајакнување на врските со републиканците од МАГА.
Дури и Британецот Најџел Фараж, осведочениот пријател на Трамп и водечка фигура за „Брегзит“ се обидува да се дистанцира од него, гледајќи дека блискоста почна да ги намалува изборните преференции на неговата партија Реформа. Кога Трамп го освои својот втор мандат Фараж најави „почеток на златното доба“. Фараж го поддржуваше Трамп за време на неговата кампања, го посети во Мар-а-Лаго и го спореди со Винстон Черчил. Но, во неодамнешно интервју за „Фајненшел тајмс“, тој го опиша своето познанство со претседателот на следниов начин: „Не го познавав многу, но тоа е тоа“.
5. Кој лидер на крајната десница може да влезе во чевлите на Орбан
Кас Муде, извонредниот познавач и проучувач на крајната десница, вели дека изборите во Унгарија се потсетник дека голем дел од јавниот дискурс диво ја преувеличува силата на авторитаризмот и слабоста на демократијата. Брзото прифаќање на поразот од страна на Орбан ја покажува големата дистинкција од Трамп, кој до ден денес не ги прифати резултатите од изборите во 2020 и го поттикна опасниот бунт на Капитол.
Американските републиканци веројатно ќе загубат силно на среднорочните избори подоцна оваа година, а Националниот собир можеби повторно нема да успее да ја освои француската претседателска функција следната година, но тоа нема да биде поради поразот на Орбан.
Иако неговото политичко влијание изгледа скромно, и покрај богатото финансирање на десничарските „тинк-тенкови“ и „универзитети“, овој резултат сепак има силна симболична вредност за европската политика, вели Муде. Орбан ја замени Марин Ле Пен како неофицијален лидер на поделената европска крајна десница за време на бегалската криза во Европа во 2015 година. Тој можеше да го направи тоа поради што беше единствениот глас на крајната десница во Европскиот совет, каде можеше да става вето, да опструира многу одлуки на Брисел, да бара концесии, да ги доведува до точка на кинење врските меѓу земјите-членки. Таа можност му даваше директна моќ во крајната десница и затоа сите нејзини лидери дојдоа во Будимпешта на три недели пред изборите да му дадат групна поддршка. Но и тоа не му помогна. Тој е моторната сила во групата Патриоти за Европа.
А сега ќе го нема. Барем не на европската сцена. А можеби по јуни и на унгарската. Но и да го има, ќе биде загубена неговата специфична тежина. Кој би го пополнил неговото место во шаторот на националистичките популисти и ќе биде подготвен да дава големи државни пари да го одржува ова друштво на купче. Тие што имаат реална моќ во државите. Џорџа Мелони по тешкиот пораз на референдумот за реформа на судството не би сакала да влегува во таква авантура за да не ја поткопа својата сѐ уште силна популарност. А Словакот Роберт Фицо, ниту има моќ, ниту умешност, а изгледа ниту желба. Таа празнина што ја остава Орбан веројатно е најважната работа на која се радуваат демократите во Европа.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.