1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судир:„Криминалецот“ Мицкоски против „дезертерот“ Ковачевски

ДТЗ
19 септември 2022

Судирот помеѓу ВМРО ДПМНЕ и скопската градоначалничка Данела Арсовска се прелеа и кон владејачката партија, со меѓусебни обвинувања меѓу партиските ривали за криминал, уцени и скандали.

https://p.dw.com/p/4H3Dn
 Христијан Мицкоски Димитар Ковачевски
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека премиерот Димитар Ковачевски го избегнал отслужувањето на воениот рокФотографија: Petr Stojanovski /DW

Судирот меѓу ВМРО ДПМНЕ и скопската градоначалничка,Данела Арсовска се прелеа и кон владејачката партија, со меѓусебни обвинувања меѓу партиските ривали за криминал, уцени и скандали. Додека опозициската партија тврди дека обелоденила афера во која се обвинува премиерот Димитар Ковачевски за дезертерство и избегнување на воениот рок, тој порача дека ваквите напади се само обид да се сврти вниманието на јавноста од големите корупциски скандали и превирања во опозициската партија. 

Криминал и дезертерство 

ВМРО ДПМНЕ на прес-конференција објави документ кој, според партијата, „покажува дека премиерот Димитар Ковачевски го избегнал отслужувањето на воениот рок, правдајќи се со лекарско мислење дека е трајно неспособен за служење војска“.

„Ова е документот, извадок од евиденциска книга на АРМ, објавен на социјалните мрежи. Од овој документ јасно се гледа дека Ковачевски од страна на лекари е прогласен за трајно неспособен. Ова води до два заклучока. Или Ковачевски го злоупотребил влијанието на татко му кој тогаш бил градоначалник на Куманово и партиски функционер на СДС и добил лажно лекарско мислење, или тој навистина е трајно неспособен“, изјави  на прес-конференција Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО ДПМНЕ. 

Според него, доколку Ковачевски не лажел и не се служел со измама, тогаш „за премиер на државата имаме трајно неспособен човек, а самата дијагноза кажува дека неговата неспособност не може да се отстрани, т.е. дека таквата состојба кај него е трајна, што значи дека може само да се влошува“.

„Доколку Ковачевски лажел за својата здравствена ситуација, тогаш ние на чело на државата имаме патолошки лажго. Ако лажел да избегне служење војска правејќи се трајно неспособен, тогаш не можеме ниту да претпоставиме за што сѐ друго би лажел. Доколку пак Ковачевски навистина е трајно неспособен, не знаеме дали таа состојба кај него прогресирала и дали тој е целосно функционален да ги извршува државничките задачи“, рече Ковачки, повикувајќи го Ковачевски да си даде оставка. 

Данела Арсовска Град Скопје
ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува и Данела Арсовска дека е „дезертер градоначалничка“, дека е уценета со неколку кривични пријави и дека одработува за властаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Злоупотреба  

„ВМРО ДПМНЕ не бира ниту средства ниту начин за да го сврти вниманието на јавноста од големите корупциски скандали и превирања во нивната партија. Тоа само потврдува дека сѐ она што го гледаме во јавноста изминатата недела е вистина и ВМРО ДПМНЕ се наоѓа во огромна криза“, посочува премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, во реакцијата по објавувањето на документот од страна на ВМРО-ДПМНЕ. 

Ковачевски додава дека како претседател на СДСМ никогаш нема да дозволи политичката дебата да падне толку ниско како што посакува ВМРО-ДПМНЕ и оти културно ќе одговори на лагите и навредите. 

„Никогаш ниту сум избегнувал, ниту бегал од одговорноста за служење на воениот рок. Само нечесни и уплашени луѓе злоупотребуваат нечиј здравствен предизвик и последователна хируршка интервенција од пред 20 години за да го прикријат својот срам и криминал“, вели Ковачевски и додава дека не е изненаден и за сите други лаги, клевети, лажни вести и манипулации од ВМРО ДПМНЕ.

„Тие не се менуваат, а скандалите во Град Скопје само потврдуваат дека не само што партијата не е реформирана, туку дополнително криминализирана. Граѓаните тоа го гледаат и самите ќе судат“, наведува премиерот.  

„Дезертер градоначалничка“ 

ВМРО ДПМНЕ ја обвинува и Данела Арсовска дека е „дезертер градоначалничка“, дека е уценета со неколку кривични пријави и дека одработува за власта.

„Данела Арсовска е уцената со неколку кривични пријави од страна на клептоманската власт предводена од СДС и е дел од дезертерската коалиција на антимакедонската СДС. Дезертер градоначалничката е седната во скутот на СДС заради најмалку две нејзини кривични пријави - едната за скандалот со пречистителната станица за Град Скопје и втората за палењето на автомобилот на претседателката на стопанските комори, каде што Арсовска е посочена како главен виновник во ова дело. Од одржаните тајни средби со Ковачевски и врвот на СДС  било договорено Арсовска да застане на чело на клептоманската новоформирана коалиција, а во замена кривичините против неа да завршат во нечија фиока“, наведуваат од партијата. 

Според нив, СДСМ и платило на Арсовска билборди против ВМРО-ДПМНЕ и токму затоа не бараат нејзина оставка. „Дека Арсовска работи за СДС говори и фактот што четири дена од партијата жестоко ја бранат и одговараат во нејзино име исто како да го бранат Ковачевски. На целокупната јавност им е јасно дека Данела Арсовска одработува за клептоманската власт на СДС. Дали заради сите овие незаконски дејствија сторени од Данела Арсовска, сега таа бара спас во друштвото предводено од дезертерот Ковачевски?“, е ставот на ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката СДСМ, пак, возвратија дека „шпицниот градоначалник Христијан Мицоски и скопската градоначалничка Данела Арсовска се скараа, не за идеолошки или политички прашања, туку за јавните пари, за тендер вреден 136 милиони евра“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема