1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТрговијаБлиски Исток

Заливот пред стопирање на нафтата?

10 март 2026

Цената на нафтата скокна по нападите врз Иран и блокадата на Ормускиот Tеснец. Со заглавени танкери и погодени нафтени постројки во Заливот, производителите немаат доволно складишта за да го одржат производството.

https://p.dw.com/p/5A6mS
Саудиска Арабија, нафта, август 2023
Блискиот Исток снабдува околу една третина од светската сурова нафта што се транспортира по мореФотографија: John Moore/picture alliance/AP Photo

Цената на нафтата на 9 март накратко се искачи на речиси 120 долари за барел, откако Израел викендов ја нападна енергетската инфраструктура на Иран, а Техеран го прогласи Моџтаба Хаменеи за нов врховен лидер. Вредноста потоа повторно се стабилизираше на околу 90 долари на 10 март.

Продлабочувањето на воениот судир го засилува ризикот по енергетската инфраструктура на Блискиот Исток, каде што производителите веќе трпат штети и се соочуваат со блокада на најкритичниот поморски коридор за транспорт на нафта.

Бидејќи производителите немаат доволно складишта за да го одржат производството, се наметнува прашањето: дали земјите од Персискиот Залив ќе бидат принудени да го запрат производството за само неколку дена?

Зошто заканата за запирање на производството стана толку сериозна?

Главните производители — Саудиска Арабија, ОАЕ, Катар, Кувајт и Бахреин — се најдоа меѓу линиите на огнот во конфликтот меѓу САД и Израел од една страна и Иран од друга.

Иран започна напади врз енергетски постројки, аеродроми, хотели, станбени објекти и американски бази во регионот, со што предизвика остри реакции и закани со можна воена одмазда.

Најголем притисок создава фактичкото затворање наОрмускиот Теснец — тесниот премин меѓу Иран и Оман преку кој поминува околу една петтина од светската понуда на сурова нафта. Прекинот на сообраќајот таму е најлошо можно сценарио за глобалниот пазар.

Според анализите на компанијата за анализа на поморски сообраќај „Кплер“, запрен е речиси целокупниот комерцијален поморски транспорт - што го прави ударот врз снабдувањето уште поголем.

Што се случува со резервите и складиштата?

Танкерите што превезуваат нафта и течен природен гас (ЛНГ) се заглавени и производителите очекуваат дека теснецот повторно ќе се отвори. Саудиска Арабија и ОАЕ имаат алтернативни рути преку Црвеното Море и Оманскиот Залив, но останатите држави од Заливот зависат речиси исклучиво од сопствените складишта, кои брзо се полнат.

ЏП Морган проценува дека земјите од Заливот имаат капацитет да складираат вкупно 343 милиони барели — што само го одложува прекинот. Нормално, низ Ормускиот Теснец секој ден минуваат околу 15 милиони барели сурова нафта и над четири милиони барели рафинирани деривати. Банкaта пресметува дека на 28 февруари заливските држави имале резерви доволни за само 22 дена непречена работа.

нафта, Саудиска Арабија
Земјите од Персискиот Залив би можеле да ги затворат славините ако Ормускиот Теснец не се отвори наскороФотографија: Maksym Yemelyanov/Zoonar/picture alliance

Дали прекинот веќе започна?

Ирак, кој имал капацитет за складирање од само шест дена, веројатно ги исцрпи резервите и минатата недела го намали производството за 1,5 милиони барели дневно.

Норвешката истражувачка компанија „Ристад енерџи“ предупреди дека ирачките полиња се соочуваат со „неизбежно, речиси сигурно затворање“.

Саудиска Арабија на 28 февруари имаше капацитет за складирање од 66 дена, но само ако дел од извозот се пренасочи по алтернативни рути. Сепак, „Ристад енерџи“ смета дека реалниот временски простор пред присилно намалување е само седум до девет дена.

Најголемиот светски извозник на нафта „Сауди Арамко“ пренасочува големи количества кон пристаништето Јанбу на Црвеното Море, а ОАЕ извезуваат преку Фуџаира, која исто така беше нападната. Но, преку тие рути може да се транспортира само околу една третина од нафтата што обично минува низ Ормускиот Теснец.

„Фајненшл Тајмс“ објави дека Саудиска Арабија веројатно веќе тајно го намалува производството, што го потврдија и Блумберг и Ројтерс. ИНГ извести дека и Кувајт и ОАЕ почнале да кратат производство.

Повторното активирање на полињата по прекин може да трае со недели, а долгиот застој носи ризик од технички и геолошки дефекти.

Се заканува ли нова енергетска криза?

Какви би биле последиците за цената на нафтата?

Прекин на голем дел од производството би предизвикал нов ценовен шок, бидејќи регионот обезбедува околу една третина од глобалниот поморски извоз на сурова нафта. Катарскиот министер за енергетика предупреди дека цената може да достигне 150 долари за барел, ако конфликтот продолжи и ако биде неопходно запирање на производството.

Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) предупреди дека долготрајни прекини би го турнале светскиот пазар во значителен дефицит.

По нападот на ирански дронови на 2 март врз Рас Танура, најголемата рафинерија на „Сауди Арамко“ со капацитет од 550.000 барели дневно, таа беше затворена за да се направи проценка на штетата. Истиот ден беше нападнат и Рас Лафан во Катар — најголемата светска извозна постројка за ЛНГ. Катар Енерџи го прекина работењето и прогласи „виша сила“ за извоз - клаузула која на компаниите им овозможува да се ослободат од обврската за испорака во случај на војна или природни катастрофи.

Иако иранскиот претседател Масуд Пезешкијан во саботата им се извини на соседите од Персискиот Залив и вети дека ќе ги запре нападите, спорадичните напади продолжија. Цел беше големиот рафинериски комплекс Ал Мамер на островот Ситра во Бахреин. А саудиското Министерство за одбрана вчера (9.03) соопшти дека неговата воздушна одбрана уништила четири беспилотни летала што летале кон нафтеното поле Шајба на југоистокот на земјата.

Како реагираат САД и Г7?

Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека, доколку прекинот на снабдувањето продолжи, САД ќе пуштат дополнителни количини од своите стратешки резерви на нафта. Паралелно, тој предупреди дека секој нов напад врз инфраструктурата на сојузниците ќе се смета за „директна агресија врз американските интереси“.

Г7 одржа итен видеосостанок за координирано пуштање резерви на светските пазари, за да се спречи цената трајно да остане над 100 долари. Но, аналитичарите предупредуваат дека резервите на Г7 не можат долгорочно да ја надоместат нафтата што обично се транспортира низ блокираниот Ормуски Теснец.