Западен Балкан - бегалски камп во Европа?
28 март 2026
На почетокот на декември 2025 година, британски медиуми како„Тајмс“ известија дека Велика Британија размислува да ги префрли одбиените баратели на азил во „центри за враќање“ во Северна Македонија. Во Северна Македонија извештаите за овие таканаречени „Return Hubs" предизвикаа силни политички реакции и забележлива јавна реакција. Одеднаш, темата за миграцијата се најде во центарот на внатрешнополитичката дебата.
Уште во мај 2025 година, кога на владино ниво беше потпишан договорот за стратешко партнерство меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија, кружеа гласини дека договори поврзани со миграцијата би можеле да бидат дел од овој аранжман.
Во декември, македонскиот премиер Христијан Мицкоски ги отфрли тврдењата во британските медиуми и ги нарече шпекулации и лажни вести од опозицијата. „Додека сум јас премиер, нема да се изгради ниту еден камп за илегални мигранти и нема да прифатиме ниту еден мигрант“, изјави Мицкоски.
„Екстернализација“ на миграциската политика
Според британските медиуми, во договорот за партнерство било предвидено мигранти чии барања за азил во Обединетото Кралство биле одбиени да се депортираат во трети земји од Западен Балкан. Северна Македонија, заедно со Косово и Босна и Херцеговина, беше наведена како една од потенцијално вклучените земји, на кои Велика Британија, според извештаите, им нудела финансиска компензација за секој прифатен мигрант.
Критичарите ваквиот развој го нарекуваат „екстернализација“ на миграциската политика: контролата и сместувањето на мигрантите сè повеќе се префрлаат во држави што се надвор од правниот систем на ЕУ. Така, Велика Британија во 2022 година договори префрлање на баратели на азил во Руанда — проект што на крајот беше напуштен по одлука на Врховниот суд и промената на владата. Регионот на Западен Балкан сега се појавува како експериментално поле каде што може да се тестираат нови модели на управување со миграцијата.
Нееднакви односи на моќ
Клучно прашање тука е асиметричната позиција меѓу земјите од ЕУ и државите од Западен Балкан. Додека европските земји сè повеќе ја насочуваат својата миграциска политика кон контрола и изолација, земјите од Западен Балкан се под притисок да се претстават како сигурни партнери на Западна Европа — често со надеж за политичко приближување, безбедносна соработка или економски придобивки.
Политикологот Флоријан Бибер од Центарот за југоисточноевропски студии при Универзитетот Грац нагласува дека вклучувањето на западнобалканските држави не е случајно: нивната позиција надвор од правната рамка на ЕУ го прави политички полесно префрлањето мигранти таму. Иако овие земји како кандидати за членство го усогласуваат своето законодавство со ЕУ, формално тие се надвор од системот за азил на ЕУ.
Молкот на владите
Во општествата на Западен Балкан, миграцијата со години е многу чувствителна тема. Стравот да не станат „прифатен бегалски камп на Европа“ е широко распространет во регионот — особено по затворањето на границите долж „балканската рута“, по која бегалците, особено од Сирија, во 2015 година се движеа кон Западна Европа. Бибер истакнува дека оваа загриженост не произлегува само од ксенофобија, туку и од чувство на политичка инструментализација и губење контрола.
Дискусијата дополнително се заострува поради дефицити во политичката комуникација. Наместо навремено и транспарентно информирање, владите, како онаа во Северна Македонија, често даваат само фрагментарни детали за можни договори. Бибер смета дека тоа е свесна стратегија: отворената комуникација може политички да им наштети, особено ако се потпираат на конзервативно или националистичко гласачко тело. Но задржувањето информации создава вакуум кој брзо се исполнува со шпекулации, гласини и дезинформации.
На тоа предупредува и медиумската истражувачка Олга Кошевалиска од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Во македонските медиуми миграцијата често се прикажува сензационалистички и без доволен контекст, создавајќи впечаток на непосредна и неконтролирана закана. Оваа динамика е особено видлива на социјалните мрежи, каде што брзо се шират емоционализирани и екстремни содржини кои ја радикализираат дебатата. Како последица, јавниот дискурс сè повеќе се заострува, а миграцијата ретко се гледа како комплексен социјален феномен, а многу повеќе како безбедносен ризик, вели Кошевалиска.
Миграцијата како инструмент
Во исто време, прашањето за миграцијата служи како корисна алатка во внатрешнополитичките борби во земјите од Западен Балкан. Во Северна Македонија, опозицијата ја користи темата за да ја обвини владата за предавство на националните интереси и да мобилизира протести. Кошевалиска потсетува на 2017 година, кога извештаи за наводни планирани центри за мигранти доведоа до иницијативи за локални референдуми и големи тензии — пример колку лесно миграциските прашања можат да се искористат за мобилизација и поларизација.
Косово отворено за соработка
Додека Босна и Херцеговина, според извештаите, јасно го одбила британскиот предлог, косовскиот премиер Албин Курти покажа подготвеност за соработка — во замена за безбедносна поддршка.
Косово и претходно покажало подготвеност за слични договори и има искуство со вакви аранжмани: во 2021 година земјата прифати околу 1900 Авганистанци кои чекаа да заминат во САД, а подоцна склучи договор со Данска што ѝ овозможува да користи до 300 затворски места во Косово за осудени странци кои по издржувањето на казната треба да бидат депортирани.
Експертите предупредуваат од преоптоварување. Политикологот Неџмедин Спахиу од Приштина критикува дека одлуките премногу често се носат од опортунистички причини — на пример, за да се задоволат стратешки партнери како Велика Британија или да се зајакнат односите со меѓународните партнери. Притоа, долгорочните општествени и институционални последици не се доволно разгледани.
Изјавата на премиерот Курти е само „сервилен чин кон стратешки сојузник за одржување на односите“, вели Спахиу. Лојалноста кон сојузниците е важна, но мора да има граници — таму каде што се надминуваат сопствените капацитети. Во спротивно, Западен Балкан ризикува уште повеќе да стане оној „периферен простор“ на европската миграциска политика, каков што многумина веќе го гледаат денес.
Овој текст е напишан како дел од проектот „Отпорност против дезинформации во Северна Македонија“, кој е поддржан од владата на германската покраина Северна Рајна-Вестфалија @land.nrw @landtag_nrw