Бела Куќа: Номинација на Трамп за Нобел од Јапонија
28 октомври 2025
Јапонската премиерка Санае Такаичи ќе го номинира американскиот претседател Доналд Трампза Нобелова награда за мир, изјави портпаролката на Белата куќа Каролин Ливит за новинарите.
Такаичи денеска се сретна со Трамп во Токио, каде разговараа за економски и за безбедносни прашања.
„За толку краток временски период, светот почна да ужива во повеќе мир“, им рече Такаичи на новинарите. „Бев толку импресионирана и инспирирана од вас, господине претседателе“.
Трамп и Нобеловата награда за мир
Откако се врати на власт во јануари, Трамп е сè повеќе фокусиран на Нобеловата награда за мир. Тој тврди дека ставил крај на неколку конфликти низ целиот свет.
Меѓутоа, експертите ги оспоруваат неговите тврдења.
Многу светски лидери и пратеници усвојуваат нова тактика за да останат во милоста на Трамп - фалејќи ги неговите напори за мир и номинирајќи го за награда за мир.
Меѓу светските лидери кои го номинираа за престижната награда е израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој рече дека тоа би било „заслужено“.
Во јули, претседателот на Габон, Брајс Олигуи Нгуема, се осврна на улогата на Соединетите Американски Држави во посредувањето за договорот меѓу Руанда и Демократска Република Конго за прекин на крвавиот конфликт. Тој рече дека Трамп „сега го враќа мирот во регион каде тоа никогаш не било можно, па затоа верувам дека заслужува Нобелова награда за мир. Тоа е мое мислење“.
Во понеделникот, камбоџанскиот премиер Хун Манет, исто така, го номинираше Трамп за време на неговата азиска турнеја.
Единствените американски претседатели кои се добитници на Нобеловата награда за мир се Џими Картер и Барак Обама.