1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонскиот јазик: Аманет од предците - одговорност денес

5 мај 2026

Пораките од државниот врв, институциите и меѓународната заедница упатуваат на заедничката одговорност – македонскиот јазик да се чува како аманет за идните генерации.

https://p.dw.com/p/5DIRN
Правопис на македонскиот јазик, 17.02.2016
На 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, Македонија се потсетува на јазикот како темел на националниот идентитетФотографија: MIA

На 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, Македонија се потсетува на јазикот како темел на националниот идентитет, жив сведок на историјата и едно од најголемите национални богатства. Пораките од државниот врв, институциите и меѓународната заедница упатуваат на заедничката одговорност – македонскиот јазик да се чува како аманет за идните генерации.

Македонскиот јазик – жив сведок на историјата и идентитетот

Македонскиот јазик не е само средство за комуникација, туку силен носител на колективната меморија, културата и духовната самобитност. Во него се вткаени вековните борби, надежи и стремежи на генерации што го граделе и зачувале македонското постоење, вели премиерот Христијан Мицкоски. 

„Нека 5 Мај биде потсетник дека преку јазикот ја чуваме душата на народот“, порача тој, нагласувајќи дека заштитата и афирмацијата на македонскиот јазик претставуваат заеднички национален долг и темел на државничката одговорност.

Чувањето на јазикот е лична и институционална одговорност

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, истакна дека македонскиот јазик е едно од најголемите национални богатства и основа на македонскиот идентитет.

Таа потсети дека на 5 мај 1945 година е озаконета азбуката на македонскиот јазик, врз принципот „еден глас – една буква“, како дел од континуитетот на богатата писмена и усна традиција. „Чувањето на јазичното наследство е долг на сите нас – не само институционална, туку и лична одговорност“, порача Јаневска, додавајќи дека Министерството обезбедува континуирана грижа преку образование, наука и културни политики.

Македонскиот јазик во меѓународен контекст

„Македонскиот јазик е нашиот идентитет и никој не може да ни го одземе“, порачаа и од СДСМ. Според нив,  во периодот на Владата на СДСМ беа донесени значајни одлуки за заштита и унапредување на македонскиот јазик. Тој денес е рамноправен и меѓународно признаен јазик, вклучувајќи ја и Европската Унија.

„За првпат, договорот со ФРОНТЕКС беше потпишан на македонски јазик, без фусноти и ѕвездички – конкретна потврда за неговата меѓународна валидност“, велат од партијата. 

Богатството од македонскиот јазик

Амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер на социјалната мрежа Х го честиташе Денот на македонскиот јазик.

„На овој ден, и секој ден, инспиративно е да се види како Дојче Веле фрла светлина врз македонскиот јазик на глобалната сцена – само еден од 32 претставени јазици! Поддршката на јазичната разновидност е приоритет на германската надворешната политика“, порача таа. 

Британскиот амбасадор Метју Лосон го честиташе Денот на македонскиот јазик преку видео-обраќање на македонски јазик, истакнувајќи дека секојдневно ужива во неговата употреба во професионалната и личната комуникација.

„Богатството од познавањето на македонскиот јазик ќе го носам засекогаш“, наведе Лосон, споменувајќи ја љубовта кон македонската литература и музика.

Денот на македонскиот јазик 5 Мај се одбележува официјално од 2019 година, во чест на Решението на Народната влада на Федерална Македонија од 1945 за усвојување на азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо, откако на заседанието на АСНОМ во 1944 македонскиот е прогласен за официјален јазик во целата република.  Македонскиот јазик е кодифициран и стандардизиран и со озаконувањето на првиот правопис, на 7 јуни 1945.