1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Надежта во Мерц се претвори во фрустрација

Сабине Кинкарц
12 мај 2026

Никој немаше поголеми очекувања од канцеларството на Фридрих Мерц од германската бизнис заедница. Сепак, почетната еуфорија денес е заменета со горчливо разочарување.

https://p.dw.com/p/5DcgJ
Германскиот канцелар Фридрих Мерц. декември 2025
Доаѓањето на власт на Фридрих Мерц пред една година донесе голема надеж за германскиот бизнисФотографија: Christoph Hardt/Panama Pictures/picture alliance

Кога Фридрих Мерц стапи на функцијата во мај 2025 година, управните одбори на големите компании беа исполнети со надеж. Лидерот на конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ) вети ништо помалку од „економски пресврт“. Под негово водство, како што изјави, на секоја политичка одлука ќе и претходи прашањето: дали тоа ќе ја зајакне конкурентноста на германската економија?

Ваквите најави изгледаа убедливо. Пред да се врати во политиката, Мерц изгради кариера во бизнис-секторот. Четири години беше претседател на надзорниот одбор на БлекРок (BlackRock) во Германија и автор на книгата „Осмелете се на повеќе капитализам“.

Како кандидат за канцелар, Мерц најавуваше дека Германија ќе се оттргне од, како што рече, „левичарските политики“ и по преземањето на функцијата повика на поголема економска ефикасност. „Нема да можеме да го одржиме просперитетот на оваа земја ако се потпираме само на четиридневна работна недела и рамнотежа меѓу работа и приватен живот“, изјави тој.

Во средината на мај 2025 година, претприемачите и менаџерите го поздравија ова гледиште на Економскиот ден – настан во организација на Економскиот совет при ЦДУ.

Со околу 13.000 членови од деловниот сектор, Економскиот совет не е партиско тело, туку лобистичко здружение кое ги застапува бизнис-интересите и се смета за советник на ЦДУ. Во периодот од 2019 до 2021 година и самиот Мерц беше потпретседател на овој совет.

Германија како индустриски центар „под егзистенцијална закана“

Од економска перспектива, Мерц не ги исполни очекувањата во првата година од мандатот и реализира мал дел од амбициозните ветувања.

Сојузот на германската индустрија оцени дека „речиси ниту една од итно потребните структурни реформи не е спроведена“ и дека нема сеопфатен план за мерки што би го поттикнале растот и конкурентноста. Дополнително, се предупредува дека позицијата на Германија како индустриски центар е „под егзистенцијална закана“. 

Илустрација: патни знаци за инсолвентност и криза.
Расте бројот на германски компании кои пријавуваат банкрот.Фотографија: MICHAEL BIHLMAYER/CHROMORANGE/picture alliance /

Асоцијацијата на германските стопански комори, која ги претставува пред сè малите и средни претпријатија, наведува дека Германија денес се перципира како земја со сложена и скапа бирократија, додека во други држави условите за инвестиции и иновации се значително поповолни.

Претседателот на Германската занаетчиска конфедерација, Јерг Дитрих, во медиумски настапи говори за „фрустрација од реформите наместо економско закрепнување“. Оптоварувањето во секојдневното работење не е намалено, туку во одредени случаи дури и зголемено.

Една година по формирањето на владата, очекувањата за економски подем се претворија во „видливо разочарување и јасна фрустрација“ во економскиот сектор.

Во меѓувреме, бројот на банкроти во Германија достигна ниво какво што не е забележано од времето по финансиската и економската криза пред повеќе од една деценија. Економијата стагнира, без знаци на раст, а довербата е на најниско ниво од врвот на пандемијата на КОВИД-19 во мај 2020 година.

Студен прием за Мерц и пад на довербата

Истражувањата на институтот „иФо“ покажуваат дека довербата кај бизнис-заедницата опаѓа во сите сектори. Очекувањата се песимистички, делумно поради војната во Иран и кризата на Блискиот Исток. Цените на нафтата остануваат високи, авионското гориво станува дефицитарно, а блокадата на Ормускиот теснец создава проблеми во снабдувањето и го забрзува растот на инфлацијата. Надежите за брз економски пресврт засега се изгубени. 

Мерц: Германија се враќа!

Канцеларот Мерц е свесен за ваквото расположение. „Знам дека атмосферата во земјата е лоша, дури и многу лоша“, изјави тој во мај 2026 година на Економскиот ден – истиот настан на кој една година претходно беше славен. Овојпат приемот беше студен, а аплаузите воздржани.

Тој призна дека Германија се соочува со исклучително тежок период. „Веројатно од Втората светска војна досега немало покомплексен предизвик за владата, општеството и економијата“, рече Мерц пред индустриско-стопанската комора.

Иако прифаќа дека се потребни длабоки промени и ги разбира критиките од бизнис-заедницата, тој предупреди дека реформите не можат да дадат резултати преку ноќ. „Држава не се менува за една седмица или месец“, нагласи канцеларот.

Дополнителен предизвик е владеењето во коалиција со Социјалдемократската партија (СПД), со која ЦДУ/ЦСУ има значајни разлики, особено во економската и социјалната политика. Додека социјалдемократите се фокусираат на распределбата, ЦДУ инсистира дека прво мора да се создаде богатство.

Мерц исклучува можност за предвремени избори и останува решен да ја доведе коалицијата до успех. Сепак, сè помал број граѓани веруваат во тоа. Анкетите покажуваат значителен пад на довербата во брз економски пресврт.

Ова расположение го дели и деловната заедница. Според Сојузот на германската индустрија, „ако компаниите воопшто инвестираат, тоа најчесто го прават во странство“.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ