1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСеверна Америка

Ерин Брокович во битка против дата-центрите во САД

Штефани Хепнер
20 јуни 2026

Активистката Ерин Брокович покрена платформа за следење на дата центри во САД, предупредувајќи на огромна потрошувачка на енергија, вода и недостиг на транспарентност.

https://p.dw.com/p/5Elh1
Американската активистка Ерин Брокович. март 2023
Ерин Брокович во првите редови против изградбата на дата центриФотографија: MPI34/Capital Pictures/picture alliance

Глобалниот бум на изградба на дата центри предизвикува сè посилен отпор – а во првите редови сега застана и американската активистка Ерин Брокович. Позната по борбите за заштита на животната средина, таа покрена нова иницијатива насочена кон следење на експанзијата на овие објекти.

Шеесет и петгодишната Брокович, која стана светски позната преку холивудскиот филм со Џулија Робертс, лансира онлајн платформа под наслов „Brockovich Data Center“. Таа собира информации за планирани и тековни проекти за изградба на дата центри и ги прикажува на интерактивна карта во САД.

„Оваа карта ги прикажува вистинските траги од оваа трка – и открива модели на раст, конфликти и неизвесност“, наведува Брокович. Од стартот во април 2026 година, платформата добила илјадници дојави. Целта е, според неа, граѓаните да добијат глас и навремено да бидат информирани. „Јавноста не треба да дознава последна.“

Зошто расте отпорот кон дата центрите

Иако дата центрите постојат со децении, големите технолошки компании драматично ја забрзаа нивната изградба. Побарувачката расте паралелно со развојот на вештачката интелигенција, облачните услуги и дигиталните платформи.

Критичарите предупредуваат на сериозни последици. Најголем проблем, според нив, е огромната потрошувачка на енергија и вода. За функционирање и ладење на серверите потребни се значителни ресурси, а според невладината организација „Algorithmwatch“, една ваква постројка може да троши енергија колку мал град.

Во некои делови од светот, како во Индија, изградбата на дата центри доведува до недостиг на вода. Локалните жители сведочат дека имаат пристап до вода само неколку часа дневно.

Дополнително, брзото застарување на опремата создава големи количини електронски отпад. Брокович предупредува и на бучавата што ја создаваат овие објекти, што влијае врз луѓето и животните. 

Изградба на електромрежа околу дата-центар во Португалија. 2024
Дата-центрите бараат огромна електромрежа во поддршка на нивната работаФотографија: Jochen Faget/DW

Економската корист исто така е спорна. Иако инвестициите достигнуваат милијарди, бројот на нови работни места е ограничен. И покрај нивната големина, дата центрите обично вработуваат помалку од 100 луѓе.

Глобален раст и локален отпор

Најголемиот број дата центри се наоѓаат во САД – околу 5.400, далеку повеќе од која било друга земја. Следуваат Германија, Обединетото Кралство, Кина, Канада, Франција, Австралија, Холандија и Русија.

Во светот се планира изградба на илјадници нови објекти, најчесто во рурални региони. Особено се издвојува Источна Азија, каде Кина, Јапонија, Јужна Кореја и Тајван интензивно инвестираат. Истовремено, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија и Катар го прошируваат секторот, додека во Германија фокусот е на регионот Франкфурт.

Платформата на Брокович бележи и случаи на мораториуми – привремени запирања на проекти за да се проценат нивните последици. Такви мерки се регистрирани во повеќе американски сојузни држави.

Но тие не секогаш се успешни. Во државата Мејн, парламентот изгласа мораториум за дата центри над 20 мегавати, но гувернерката го блокираше со вето.

Слични отпори постојат и во други делови од светот. Во Ирска и Холандија темата е предмет на јавна дебата, додека во Чиле е успешно спречена изградба на дата центар за вештачка интелигенција. Во Бразил се формира отпор, особено во североисточниот дел.

Слични трендови се забележуваат и во Германија. Американската компанија Edgeconnex се откажа од изградба на гасна централа поврзана со дата центар поради противење од локалното население.

Невладината организација „Algorithmwatch“ предупредува дека локалната заедница често не е навремено информирана за вакви проекти. Во некои случаи, дури и градоначалници дознавале за нив преку медиумите.

Во тој контекст, интерактивната карта на Брокович има потенцијал да донесе поголема транспарентност и навремено информирање – барем во САД.