1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

Турција и војната во Иран: Страв од пожар во регионот

Елмас Топчу
6 март 2026

Како директен сосед на Иран, Турција со загриженост ја следи ескалацијата на Блискиот Исток. Анкара стравува од пожар во регионот, зајакнување на курдските групи и зголемување на бројот на бегалци.

https://p.dw.com/p/59tlA
Турција Ван 2026 | Иранци ја преминуваат границата на граничниот премин Капиќој
Турција има три гранични премини со Иран, вклучувајќи го и Капиќој во покраината ВанФотографија: Dilara Senkaya/REUTERS

Турција отсекогаш сакала да се позиционира како посредник меѓу Истокот и Западот, негувајќи дипломатски односи и со ЕУ и со државите од Блискиот Исток. И во спорот меѓу САД и Иран, Анкара повеќепати се обиде да преземе посредничка улога – безуспешно. Вашингтон не можеше да се одврати од напад, а и Техеран не се откажа од својата позиција.

Во најновите изјави на турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, по дипломатските напори од минатите години, се чувствува извесна доза на фрустрација: војната можеби само била одложена, вели Фидан. Тој зборуваше за телефонски разговор со Вашингтон што се одржал уште кон крајот на јануари: „Ме повикаа среде ноќ“, рече Фидан. Веднаш сфатил колку опасна била ситуацијата уште тогаш и веднаш го известил претседателот Реџеп Таип Ердоган. „Тоа беа многу мрачни моменти. Секоја минута очекувавме избувнување на војна или прв напад“, додава Фидан.

Турција Истанбул 2026 | Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан на прес-конференција
Турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, со месеци води интензивна дипломатија за да спречи понатамошна ескалација на војната во ИранФотографија: Burak Kara/Getty Images

Комплексен конфликт со повеќе ризици

Анкара стравува дека војната со Иран може брзо да прерасне во пожар што ќе го зафати целиот регион. Турција со Иран има граница долга околу 530 километри и сега се грижи за хуманитарните, економските и политичките последици.

Турција го гледа актуелниот конфликт како сложена криза со повеќе ризици: економски стравува од пораст на и онака високата инфлација, недостиг на енергенси и загуби во туризмот; политички ја загрижуваат неизвесните промени на моќта на Блискиот Исток, како и можна повторна ескалација на конфликтите со вооружени курдски групи во регионот. Поради ракетните напади во Иран и Јужен Либан, Анкара очекува и повторно зголемување на бројот на бегалци од двете земји.

Воздржаност во земјата-членка на НАТО

Досега, ниту воената база Инџирлик – која интензивно ја користат американските сили – ниту радарската станица на НАТО во Ќуречик не се нападнати од страна на Иран. Иако во средата (4.03) една балистичка ракета беше пресретната од НАТО-систем, Иран уверуваше дека Турција не била цел. И турски извори блиски до владата во Анкара сметаат дека станува збор за ракета излезена од траекторијата.

Турција останува неутрална и по избивањето на војната води уште поинтензивна дипломатија со САД, ЕУ и земјите од Заливот, повикувајќи ги сите страни да се вратат на преговарачката маса пред конфликтот да се прошири. Сепак, според Синан Улген од истанбулскиот Центар за економски и надворешнополитички истражувања (ЕДАМ), во моментов нема слух за посредничките напори. Во оваа фаза од војната разговори не се разгледуваат, па, според него, дипломатијата е обид за позиционирање во некој подоцнежен момент.

Иран Техеран 2026 | Оштетена фасада на болницата Ганди по воздушен напад
Според иранската Црвена полумесечина, над 100 цивилни цели низ целата земја веќе се сериозно оштетени, вклучително и болницата ГандиФотографија: Mahsa/Middle East Images/picture alliance

Според владини кругови, Анкара веќе работи на формула што во одреден момент би можела да ги доведе страните во конфликтот на иста маса. Сепак, Турција се наоѓа во дилема: колапс на режимот во Техеран би можел да доведе до неконтролиран хаос во соседството. Но, ако режимот излезе зајакнат од кризата, тоа исто така би можело да предизвика нови политички неизвесности и конфликти.

Етнички судири и курдски конфликт

Неколку медиуми веќе шпекулираа дека САД би можеле да ги искористат курдските сили како копнени трупи во Иран – што во Анкара предизвикува сериозна загриженост. Иако милитантната ПКК се смета за поразена во земјата, а нејзината сестринска организација во Сирија, ИПГ, за ослабена, сепак вооружувањето на иранско-курдски милитантни групи би можело да создаде нова динамика во регионот.

Според Анкара, тоа би го загрозило започнатиот процес на приближување со ПКК и други курдски групи под мотото „Турција без терор“. Затоа, етничките судири во и околу Иран се оценуваат како најлошо можно сценарио.

Ирак | Борци на ПЈАК во планините Кандил
Извештаите во западните медиуми за можно користење на курдски трупи од страна на САД предизвикуваат значителна вознемиреност во Турција.Фотографија: Yahya Ahmed/AP Photo/picture alliance

Нов бегалски бран?

За време на војната во Сирија, Анкара веќе прими милиони бегалци од соседната земја – и покрај сопствените економски проблеми. Сега работи на спречување на евентуално повторување на такво нешто со луѓе што би бегале од Иран. Според медиумски извештаи, постојат планови за прифатни кампови на иранската страна, а продолжува и изградбата на граничниот ѕид кон Иран – која во последните години значително напредна.

Сепак, ниту владата ниту експертите во моментов не очекуваат непосредно зголемување на бројот на бегалци. Безбедносниот експерт Синан Улген потсетува на искуствата од Ирак и Сирија во 1990-тите и 2010-тите: масовни бегалски бранови се случија дури откако се развија граѓански војни со повеќе внатрешни, меѓусебно спротивставени фракции.

Досега, граничните власти не бележат поголеми движења. Ако сепак дојде до бегалска криза, не се очекуваат само ирански државјани, туку се смета и со повеќе од два милиони Авганистанци кои би тргнале од Иран кон Запад.

Лутина поради твитот на Фон дер Лајен

Твитот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја засили расправата за нови бегалски движења кон Турција. Во него таа експлицитно ги пофали подготовките на Ердоган за справување со миграцијата. Многу Турци тоа го протолкуваа како сигнал дека ЕУ повторно сака да ја направи Турција „држава-тампон“ или „вратар“ кој по секоја цена треба да го спречи евентуалниот „бегалски бран“ од Иран за Европа да остане поштедена.

Тоа што шефицата на ЕК толку нагласено ја истакна соработката во управувањето со миграцијата, предизвика шпекулации за тајни отстапки од Анкара, со кои земјата би станала крајна дестинација за милиони луѓе што бараат заштита.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик