1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европејците иритирани поради наводниот мировен план на САД

ЖА / агенции
20 ноември 2025

Мировниот план за Украина, наводно договорен меѓу САД и Русија, предизвикува иритација кај Европејците. Високиот претставник на ЕУ, Калас, јасно стави до знаење: преговорите можат да се одвиваат само заеднички.

https://p.dw.com/p/53vx2
Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас
Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, повика на учество на Киев и Брисел во мировен план за Украина Фотографија: Geert Vanden Wijngaert/AP Photo/picture alliance

Во светлината на наводниот нов мировен план на САД за Украина, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, повика на учество на Киев и Брисел. „За да функционира кој било мировен план, Украинците и Европејците мора да бидат согласни“, изјави Калас пред новинарите пред состанокот на министрите за надворешни работи на  ЕУ  во Брисел. Европејците го поздравуваат „секој напор“ за „долгорочен мир“, нагласи таа. Во конфликтот  постои „агресор и жртва“, рече Калас, осврнувајќи се на руската агресорска  војна во Украина.

И полскиот министер за надворешни работи, Радослав Сикорски, побара Европа да биде консултирана во мировните напори. „Се надевам дека нема да се наметнат ограничувања на можноста на жртвата да се брани, туку на агресорот“, рече тој.

Рускиот претседател  Владимир Путин  стои на патот на мирот во Украина, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро по неговото пристигнување во Брисел. „Украинците не сакаат никаква капитулација“, додаде тој. Шпанскиот министер за надворешни работи Жозе Мануел Албарес изрази сличен став. Мировен план за Украина не е можен без Украина и Европската Унија, изјави тој. Таквиот план мора да гарантира и постоење на суверена и демократска украинска држава, изјави Албарес.

И германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул, изјави дека предусловите за мировни преговори се вклучување на Киев и Европа и прекин на огнот. Преговорите можат да се одржат само ако Путин „ја заврши својата агресорска војна против Украина, ако има прекин на огнот без никакви предуслови“, рече Вадефул.

Шефот на кабинетот на канцеларот, Торстен Фрај го изрази своето незадоволство од наводната нова американска иницијатива. „Првичните извештаи што ги видовме за ова се доста вознемирувачки“, изјави политичарот од ЦДУ за РТЛ и НТВ. „Се чини дека Путин би можел да постигне воени цели што не ги постигнал на бојното поле. А тоа сигурно би бил неприфатлив исход“, подвлече Фрај.

Позадината на овие реакции се медиумски извештаи за наводни тајни разговори меѓу Москва и Вашингтон во врска со  потенцијален мировен план за Украина.  Според „Фајненшл тајмс“, кој се повикува на извори вклучени во преговорите, планот бара големи отстапки од Украина. Според извештаите, тој бара Украина целосно да се повлече од спорните региони  Доњецк и Луганск и да ја преполови својата армија. Ова би вклучувало делови од територијата што  Русија  досега не можеше воено да ја освои. Јужната линија на фронтот би била во голема мера замрзната. Украина, исто така, се соочува со потенцијални ограничувања на дометот на своето оружје. За возврат,  САД би обезбедиле безбедносни гаранции за Украина и Европа од идна руска агресија.

Во извештајот, исто така, се наведува дека планот бара рускиот јазик да биде признаен како официјален и повторно воспоставување на поранешната промосковска православна црква. Раководството на Киев се обидува да ја забрани оваа црква, наведувајќи безбедносни проблеми.

Украина се соочува и со закана од ограничувања на дометот на своето оружје. Новинскиот портал „Аксиос“ објави дека планот бил договорен на крајот на октомври од страна на специјалниот претставник на  САД,  Стив Виткоф, и претставникот на Кремљ, Кирил Дмитриев. Според извештајот, Виткоф го информирал шефот на украинскиот Совет за безбедност, Рустем Умјеров, за размислувањата.