Ќе има ли крај на шоковите за стопанството?
20 април 2026
Економските институти единствено што можат е да констатираат дека и германската економија западна во долготрајна криза каква што не е видена со децении. „Со години се тетеравиме од еден економски шок во друг. По секој се појавува надеж, но таа набргу повторно се гуши“, изјави Михаел Гремлинг од Германскиот институт за економија (ИВ) во Келн, при претставувањето на анкетата спроведена меѓу илјада претпријатија.
Кризата започна во 2020 година со пандемијата на коронавирусот, што веќе тогаш предизвика тешки последици за компаниите. Откако пандемијата помина, прогнозите за 2022 година беа оптимистички, вели Гремлинг. Но војната во Украина донесе нов удар, заедно со наглиот пораст на цените на енергенсите. Токму кога почна да се учи како да се живее и со тој шок, стигна и нов удар: сите позитивни прогнози за 2026 година пропаднаа по нападот на САД и на Израел врз Иран.
Длабока загриженост меѓу директорите
Анкетата на Институтот, спроведена меѓу околу илјада компании од индустријата, услужниот сектор и градежништвото, донесува поразителни резултати. Четириесет и три проценти од претпријатијата наведуваат дека нивното работење е полошо отколку пред една година, а само 14 проценти сведочат дека работат подобро. Но од оптимизам нема ни трага: за остатокот од 2026 година значително повеќе компании очекуваат влошување отколку подобрување на деловната состојба. Анкетата е спроведена во март, по почетокот на војната на САД и на Израел против Иран.
Дополнителна причина за загриженост е фактот што 40 проценти од компаниите планираат да ги намалат инвестициите, што значи дека во блиска иднина нема да има подобрување. Многу компании планираат да ги намалат трошоците за работна сила. Во индустријата, 37 проценти од испитаните компании планираат укинување на работни места, а само 14 проценти планираат вработувања. Во услужниот сектор односот е нешто поблаг: 28 проценти очекуваат намалување, а 22 проценти зголемување на бројот на вработени.
Во кризата се неопходни и реформи
„Оваа цела низа на тешки економски шокови што се протегаат низ повеќе години е без преседан“, вели Гремлинг. Последна криза со слично траење беше забележана меѓу 2000 и 2005 година: започна со падот на берзанските индекси по пукањето на балонот околу дот-ком компаниите, но и со удвојувањето на цената на нафтата на околу 30 долари за барел. Во тоа време кинеската економија забрзано растеше и нагло ја зголеми побарувачката за нафта, што потоа доведе и до нагло зголемување на цените на светските пазари. Терористичките напади на 11 септември 2001 година дополнително ја влошија економската состојба.
Тогашната германска влада, предводена од СПД, одговори на слабеењето на економијата и растот на невработеноста со сеопфатни структурни реформи познати како Агенда 2010. „Како и тогаш, така и денес ни се потребни пофлексибилни правила на пазарот на трудот, за повеќе луѓе да можат да најдат работа“, вели Грёмлинг.
Покрај тоа, потребно е да се намалат и трошоците за бирократијата. Германските компании вработуваат голем број луѓе кои се занимаваат исклучиво со исполнување на сложените државни прописи, а често се принудени да плаќаат и скапа правна помош. Таквите трошоци ја оптоваруваат продуктивноста. „Кога бирократското оптоварување е високо, добивката паѓа, а цените за потрошувачите растат – тоа директно ја слабее конкурентноста на Германија“, заклучува Гремлинг.