1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сиљановска-Давкова: Правда за Кочани, консензус за ЕУ

23 декември 2025

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во годишното обраќање повика на единство за евроинтеграциите и правда по трагедијата во Кочани.

https://p.dw.com/p/55t7T
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова 25 декември 2025
Годишното обраќање на претседателката: Кочани како тест за правдата, реформите и патот кон Европската УнијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во годишното обраќање пред пратениците, повика на национален консензус и побара гаранции за евроинтеграциите. Таа упати повик за обединување околу стратешките цели на државата, нагласувајќи дека евроинтеграциите не се само административен процес, туку политички предизвик кој бара уставни измени и јасни гаранции од Европската Унија и Бугарија.

Претседателката на почетокот на својот говор се осврна на најболниот настан во изминатата година – трагедијата во Кочани, каде загинаа 63 лица, потенцирајќи дека претстојниот судски процес ќе биде лакмус-тест за довербата во правосудството и за реалната решеност за владеење на правото. 

Во обраќањето беа опфатени и други клучни теми: реформите во јавната администрација, иселувањето на младите, заштитата на животната средина, борбата против фемицидот и потребата од нулта толеранција кон корупцијата. Таа потсети дека функцијата на претседател не смее да разделува, туку да обединува, и најави конкретни чекори за зајакнување на институциите и правната држава.

Национален консензус и евроинтеграции

„Без јасни гаранции од ЕУ и од Бугарија и без соодветни заштитни механизми, со уште една уставна промена ризикуваме да излеземе од процесот исто како што старецот на Хемингвеј излезе од морето – само со рибини коски, со соголен национален и културен идентитет“, предупреди претседателката. Таа потсети дека преговорите со ЕУ почнуваат и завршуваат со правосудството, а политичката волја е клучна за напредок.

Сиљановска-Давкова нагласи дека Македонија има суверено право на европско членство, но дека процесот мора да биде фер и транспарентен. „Ако ЕУ може да најде решенија за Украина и Молдавија, ќе се најде и за нас“, рече таа.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова 25 декември 2024
„Функцијата на претседател не смее да разделува, туку да обединува“, вели Гордана Сиљановска-Давкова Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Трагедијата во Кочани – системски пропусти и потреба за правда

Осврнувајќи се на трагедијата во Кочани, каде загинаа 63 лица, претседателката истакна дека пожарот откри системски пропусти, култура на неказнивост и корупција.

„Кочани нѐ доведе до ѕидот на срамот“, рече таа, додавајќи дека судскиот процес ќе биде лакмус-тест за довербата во правосудството.

„Треба да ги оставиме обвинителите да обвинуваат, а судиите да судат. Политичарите мора да ги прекинат дневно-политичките препукувања на сметка на болката на семејствата“, порача Претседателката.

Според неа, од овој процес ќе зависи дали судството ќе ја стекне или трајно ќе ја изгуби довербата кај македонските граѓани. „Овој процес е тест за реалната решеност за владеење на правото, а не само декларативно на хартија“, нагласи Давкова.

Реформи, предизвици и излезни решенија

Во говорот, Сиљановска-Давкова се осврна на реформите во јавната администрација, иселувањето на младите и егзодусот на таленти, прекумерната урбанизација и загадувањето, заштитата на водите и шумите, борбата против фемицидот, кој го нарече „системски неуспех“ и побара нулта толеранција.

„Функцијата на претседател не смее да разделува, туку да обединува“, заклучи таа.

Што се однесува до судството, таа порача дека како претседател има обврска да ја брани неговата незавиност. Порача дека одлуките на Уставниот суд не смеат да бидат под влијание на политиката и најави дека за во Судскиот совет ќе предложи добри кандидати со професионален углед и знаење.

На годишното обраќање присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, поранешните претседатели на државата, претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, претставници на судската власт, дипломатскиот кор, верските заедници и други високи гости.