1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Канцеларот Мерц во Израел- пријателство и покрај конфликтите

6 декември 2025

Фридрих Мерц патува во Израел за првпат како канцелар на Германија. Тоа е посета во тешки времиња, бидејќи односите меѓу двете земји имаат и пад и подем.

https://p.dw.com/p/54ppG
Германскиот канцелар Фридрих Мерц и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху
Првата посета на Фридрих Мерц на Ерусалим е предизвикувачка мисија - канцеларот и израелскиот премиер Бенјамин НетанјахуФотографија: Kobi Gideon/GPO/dpa/picture alliance

Откако ја презеде функцијата пред седум месеци, канцеларот Фридрих Мерц негува посебен германско-израелски однос.

Имаше неколку спорови меѓу Берлин и Ерусалим околу акциите на Израел во Појасот Газа со десетици илјади мртви, кои беа реакција на терористичкиот напад предводен од Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, во кој загинаа повеќе од 1.200 луѓе.

Затоа, првата посета на Мерц на Ерусалим е предизвикувачка мисија. Некои зборуваат за континуитет, а некои за промени.

Канцеларот и амбасадорот

Ова станува јасно веќе од реакциите на израелскиот амбасадор во  Германија,  Рон Просор, на изјавите на канцеларот. Кога Мерц, само две недели по преземањето на функцијата, ја изрази својата загриженост за акциите на Израел во Газа кон крајот на мај и зборуваше за кршење на меѓународното хуманитарно право, Просор реагираше лежерно: „Ако  Фридрих Мерц  ја упати таа критика до Израел, тогаш ние слушаме многу внимателно, бидејќи тој е пријател“, изјави дипломатот за германскиот јавен сервис ЗДФ.

Рон Просор, израелски амбасадор во Германија
Рон Просор, израелски амбасадор во ГерманијаФотографија: Alina Schmidt/picture alliance/dpa

Единаесет недели подоцна звучеше сосема поинаку: на почетокот на август, Мерц, со оглед на хуманитарната ситуација во Појасот Газа, одлучи да не испорачува одредено оружје на Израел „до понатамошно известување“. Поточно, стануваше збор за оружје што може да се користи во  војната во Појасот Газа.   Германската влада, рече канцеларот, не може да испорачува оружје за конфликт што може „да резултира со стотици илјади цивилни жртви“.

Критиките на Просор за тоа беа невообичаено остри: „Овој потег на канцеларот не го донесе моментот на ослободување на израелските заложници од рацете на Хамас, ниту постигнување на прекин на огнот“, изјави тој за телевизискиот канал Велт.

Наместо тоа, дискусијата е „за разоружување на Израел“, истакна Просор, додавајќи: „Ова е празник за Хамас“. А израелскиот премиер  Бенјамин Нетанјаху  тогаш оцени дека тоа е  „награда за Хамас“ од Мерц.

Дури кон средината на ноември  германската влада повторно ги укина ограничувањата за извоз на оружје.  Како објаснување, таа се повика на прекинот на огнот во Појасот Газа што стапи на сила на 10 октомври.

Сепак, тоа примирје е прилично нестабилно, бидејќи одвреме-навреме има судири меѓу борците на Хамас и израелските војници или ракетни напади од израелска страна. Според наводите од палестинските власти во Газа, контролирани од Хамас, кои од ОН и меѓународните невладини организации се сметаат за доверливи, повеќе од 300 луѓе, меѓу кои и многу деца, се убиени во Појасот Газа од израелско гранатирање од почетокот на прекинот на огнот.

Премиерот и канцеларот често разговараат по телефон

В недела (7.12), Мерц повторно е гостин на Нетанјаху. Канцеларот ги споменува долгите телефонски разговори со израелскиот премиер почесто од неговите претходници во актуелните јавни обраќања, без разлика дали станува збор за целокупната ситуација на Блискиот Исток, хуманитарните проблеми во Газа или дванаесетдневната војна меѓу Израел и Иран.

Кан Јунис во Појасот Газа по прекинот на огнот од октомври 2025 година
Кан Јунис во Појасот Газа по прекинот на огнот од октомври 2025 годинаФотографија: Ramadan Abed/REUTERS

Освен политичките разговори со Нетанјаху и израелскиот претседател Јицак Херцог, посетата на канцеларот на Меморијалниот центар на холокаустот Јад Вашем сигурно ќе биде важна.

Тоа место е многу повеќе од симбол. Го зачувува споменот на шест милиони Евреи кои беа убиени од нацистичка Германија за време на  Холокаустот.  А во Израел,  Мерц беше виден како се бори со солзите  кон средината на септември за време на говорот по повод повторното отворање на синагогата во Минхен, која беше уништена од нацистите 87 години претходно. Во исто време, тој го изрази и својот „срам“ од повторното разгорување на омразата кон Евреите во Германија.

„Пријателство“ наместо „државен резон"?

По спорот околу извозот на оружје,  Мерц изјави дека германско-израелското „пријателство“ може да издржи несогласување по некое прашање:  „Ништо не се променило и ништо нема да се промени“.

Меѓутоа, Мерц, како што самиот призна, тешко се справува со терминот „државен резон“, бидејќи тој „со сите негови последици никогаш не е разработен“, како што рече во едно интервју во октомври.

Терминот „државен резон“ беше воведен во 2008 година од канцеларката  Ангела Меркел  (како и Мерц, таа е исто така од  ЦДУ),  кога беше првиот шеф на странска влада што зборуваше пред Кнесетот, израелскиот парламент. Во тоа време, таа го формулираше на следниов начин: „Секоја германска влада и секој канцелар пред мене беше посветен на посебната историска одговорност на Германија за безбедноста на Израел. Таа  историска одговорност на Германија  е дел од државниот raison d'être на мојата земја“.

Ангела Меркел стои пред говорницата на Кнесетот, израелскиот парламент. Пред задниот ѕид, кој е направен од типичен светло обоен ерусалимски камен, од десно може да се види израелско знаме. Член на персоналот на Кнесетот седи во позадина од левата страна
Во март 2008 година, тогашната канцеларка Ангела Меркел зборуваше во Кнесетот, израелскиот парламентФотографија: dpa-Zentralbild/picture alliance

Во јули, Мерц исто така го користеше тој термин, но после тоа речиси и да не го користеше повеќе.

На еден настан есенва, Мерц зборуваше веднаш по претседателот на Централниот совет на Евреите во Германија, Јозеф Шустер. Шустер го употреби терминот „државен резон“ неколку пати. Мерц само во еден момент од својот говор спонтано му се обрати на Шустер, цитирајќи го неговиот избор на зборови. Од своја страна, канцеларот ја нарече посебната одговорност на Германија за Израел, неговото постоење и неговата безбедност „неприкосновена компонента на нормативните темели на нашиот устав“.

Заобиколен пат преку Јордан

Мерц сега патува во Ерусалим нешто повеќе од седум месеци откако беше избран за канцелар.

Неговите претходници, Олаф Шолц и Ангела Меркел, ја остварија својата инаугуративна посета на израелскиот премиер во првите три месеци по преземањето на функцијата. И двајцата патуваа директно во-  Израел. 

Мерц, сепак, прво лета за Јордан, за да се сретне со јорданскиот крал во Аман, пред да го продолжи своето патување кон Израел.