1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово се соочува со нова политичка криза

Беким Шеху
24 јануари 2026

Повторното пребројување на сите гласови на Косово поради сериозни неправилности може да предизвика нова политичка и институционална криза пред истекот на мандатот на претседателката Вјоса Османи

https://p.dw.com/p/57ITV
Гласачки кутии во центарот за пребројување гласови во Приштина 19 јануари 2026
Гласачки кутии во центарот за пребројување гласови во ПриштинаФотографија: Press Office of the Central Election Commission of Kosovo

Иако се сметаше дека вонредните избори во Косово од 28 декември 2025 година конечно ќе го надминат долгомесечниот политички застој, неизвесноста повторно е главна тема.

Централната изборна комисија (ЦИК) на 19 јануари 2026 година нареди пребројување на сите гласачки ливчиња.Одлуката следува по делумното пребројување на неколку избирачки места, при што вкупната распределба на гласовите меѓу политичките партии остана речиси непроменета. Но, беа забележани големи несовпаѓања во гласовите дадени за поединечни кандидати.

Само во општина Призрен, ЦИК утврди дека повеќе од 20.000 гласови биле погрешно припишани на погрешни кандидати. Националната координаторка за избори, Лаура Пула, ги повика локалните обвинителства во сите општини да соберат информации и докази за можни изборни прекршувања.

Службениците ги пребројуваат гласовите во центарот во Приштина 19 јануари 2026
Службениците ги пребројуваат гласовите во центарот во ПриштинаФотографија: Press Office of the Central Election Commission of Kosovo

Можни последици и ризик од нова институционална блокада

Политичките аналитичари сметаат дека решението на ЦИК е неопходно за заштита на изборниот интегритет, но предупредуваат дека процесот може да предизвика сериозни процедурални доцнења. Косово веќе имаше повеќемесечна политичка парализа по изборите во февруари 2025 година.

Пребројувањето на сите гласови може да го одложи потврдувањето на конечните изборни резултати, што автоматски го блокира конституирањето на новиот парламент. Дополнително, мандатот на претседателката Вјоса Османи истекува на почетокот на март, а не постои јасна правна рамка што се случува ако парламентот не биде конституиран навреме и не се избере нов шеф на државата.

Нови резултати најрано во средината на февруари

Еуген Цаколи од Косовскиот демократски институт (КДИ) проценува дека пребројувањето на гласовите на сите избирачки места ќе трае најмалку уште две недели. Според него, по завршување на пребројувањето следуваат рокови за жалби на постапките во центрите за броење – процес што може да трае до 12 дена. Дополнителни жалби можат повторно да се оспорат, со нов рок до 13 дена.

Според овие пресметки, потврдувањето на резултатите во најдобар случај би завршило до средината на февруари, а во најлош – до крајот на февруари или дури почетокот на март.

Албин Курти и неговата партија „Ветевендосје“, 28 декември 2025
Албин Курти и неговата партија „Ветевендосје“ освоија 51 процент од гласовите на изборитеФотографија: Valdrin Xhemaj/REUTERS

Страв од повторување на политичката блокада

Политичкиот аналитичар Артан Мухаџири предупредува дека политичките партии би можеле намерно да ги користат законските рокови за да создадат нова институционална блокада. Тој потсетува дека по изборите во февруари 2025 година, Албин Курти, тогашниот премиер и лидер на „Самоопределување“, не успеа да формира влада повеќе од десет месеци. Иако доби 42% од гласовите, ниту една опозициска партија не сакаше коалиција со него, што резултираше со политичка парализа сè до вонредните избори во декември, кога Курти победи со повеќе од 51% од гласовите.

Мухаџири во интервју за ДВ предупредува дека нова блокада може да создаде „институционален вакуум“и да ги загрози „темелите на државниот систем“. Според него, „отсуството на парламент, влада и претседател во исто време би било политичка трагедија“.

Политичкиот аналитичар Артан Мухаџири 07.01.2026
Политичкиот аналитичар Артан Мухаџири ги следи случувањата во КосовоФотографија: Bekim Shehu/DW

Економските последици веќе се чувствуваат

Неуспехот да се формира косовски парламент го блокира пристапот до 882 милиони евра од Планот за реформи и раст на Европската унија, како и над 120 милиони евра од три спогодби со Меѓународното здружение за развој (ИДА) на Светската банка. Овие договори беа доставени до пратениците уште кон крајот на 2024 година, но сè уште чекаат ратификација.

Доколку конституирањето на парламентот продолжи да се одложува, Косово се соочува со ризик да не го усвои буџетот за 2026 година до 28 февруари. По тој датум, не може да се донесуваат одлуки за трошење средства – што директно би ги погодило платите на државните службеници, пензиите и социјалните надоместоци.