1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Кралот Чарлс Трети ги повика САД на единство со Западот

ЕМФ | агенции
29 април 2026

Кралот Чарлс Трети ги повика САД на единство со западните сојузници, нагласувајќи дека ниту една земја не може сама да се справи со глобалните предизвици и потребна е заедничка одбрана на демократијата и мирот.

https://p.dw.com/p/5Cyke
САД Вашингтон 2026 | Кралот Чарлс Трети се обраќа пред Конгресот на САД
Кралот Чарлс Трети зборуваше пред двата дома на парламентот на САДФотографија: Chip Somodevilla/Getty Images/AFP

По повеќенеделните тензии поради војната со Иран, британскиот крал Чарлс Трети ги повика САД на заедништво со нивните западни сојузници. Ниту една земја не може сама да се справи со големите предизвици на денешното време, изјави Чарлс во вторникот (28.04) во обраќање пред Конгресот на САД. Велика Британија и Соединетите Американски Држави, додаде тој, исто така не можат да се „одмораат на минатите достигнувања“.

„Без оглед на тоа какви разлики и несогласувања може да постојат меѓу нас, ние стоиме заедно во нашата посветеност на зачувување на демократијата“, рече Чарлс пред двата дома на парламентот. Во своето обраќање, кое траеше повеќе од половина час, тој постојано се повикуваше на „посебната врска“ меѓу Велика Британија и САД, која се развила во еден од најважните сојузи „во историјата на човештвото“. „Се молам од сесрце нашиот сојуз и понатаму да ги брани нашите заеднички вредности“, изјави кралот.

Тој ја нагласи потребата од единство на Западот и во однос на Украина: за да се постигне „навистина праведен и траен мир“ во војната во Украина, потребна е „непоколеблива решителност“. Новите закани, додаде тој, исто така бараат посилни одбранбени напори.

И американскиот претседател Доналд Трамп, на официјалниот прием на кралот во претпладневните часови, ја истакна блиската пријателска врска меѓу двете земји. Уште од независноста на САД, „Американците немале поблиски пријатели од Британците“, изјави Трамп во Белата куќа. И тој ја спомена „посебната врска“ со Велика Британија и додаде: „Се надеваме дека тоа секогаш ќе остане така“.

Настапот на Чарлс беше прв говор на британски монарх пред американскиот Конгрес по обраќањето на починатата кралица Елизабета Втора во 1991 година. Односите меѓу Лондон и Вашингтон во моментов се затегнати. Американскиот претседател Трамп повеќепати изрази силно незадоволство поради одбивањето на британската влада да ги поддржи САД и Израел во нивната војна против Иран.