Од 1 јануари 2026 година Украина и Молдавија добија бесплатен роаминг со земјите членки на ЕУ. Европските медиуми прогнозираат дека до крајот на 2026-та во групата ќе се придружат и Црна Гора и Албанија. Северна Македонија ја нема во најавите за оваа погодност за граѓаните. Веста за олеснувањето во телефонските комуникации со Унијата на граѓаните од овие земји, кај нас не доби особено внимание ниту пак анализа зошто нашата држава е изоставена од таква „награда“.
Објаснувањето на министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во интервју во понеделникот (12.01.) се сведе на тоа дека вклучувањето на земјата е „политика на ЕУ“, дека е „можно тоа да се случи наесен“ и дека „досега сите најави од Брисел се дека Македонија ќе влезе заедно со Црна Гора и Албанија“ во бесплатниот роаминг. Но видлива е неговата несигурност дали тоа ќе се случи. Тој рече дека и политичките критериуми за преговори и влез во Унијата земјава одамна ги исполни, но не беше наградена со членство.
Оваа најнова епизода од односите меѓу Македонија и ЕУ повторно се крши на грбот на граѓаните. Министерот вели дека прашањето за бесплатен роаминг со ЕУ е исто толку важно колку што беше визната либерализација. Но, тоа сите го знаеме. И го чувствуваме секогаш кога сме принудени поради прескапиот интернет да бараме безжичен интернет во кафулињата во земјите на ЕУ. И кога нервозно им велиме на нашите најблиски да не ни се јавуваат на телефон кога сме во странство за да не плаќаме после високи суми на телефонскиот оператор.
Зад политичарите се два милиони народ
Најважното прашање е зошто Македонија го испушта и овој воз. „Од деветте земји-кандидатки за ЕУ, само две во моментов се дел од таканаречениот систем „Roam Like at Home“. Сопствениците на украински и молдавски СИМ-картички можат да телефонираат, да испраќаат пораки и да користат мобилни податоци во ЕУ без дополнителни трошоци почнувајќи од 1 јануари 2026 година.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, активно се залага за вклучување на две балкански земји-кандидатки, Албанија и Црна Гора, во роаминг зоната на ЕУ“, напиша деновиве сајтот euperspectives.eu.
„Украина и Молдавија се приклучија на зоната за бесплатен роаминг на 1 јануари 2026 година. Во тек се планови за вклучување на регионот на Западен Балкан. Претстојното укинување на сите трошоци за роаминг и во Црна Гора и во Албанија се очекува до крајот на 2026 година“, извести и newunionpost.eu.
Објавувајќи го приклучувањето на Албанија и Црна Гора во 2026, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави: „Ова е добро за бизнисот, ова е добро за туризмот, а особено е добро за зближување на нашите луѓе“, рече таа за време на нејзината последна турнеја низ Западен Балкан.
Македонија повторно не беше спомната.
ЕУ станува нерелевантна во Македонија
Но европските теми сѐ помалку се присутни и во Македонија. Тие се истиснати од домашните препукувања меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Јавноста веќе не е ни заинтересирана за тоа што си порачуваат една на друга двете најголеми партии, ниту пак ги чита нивните набрзина напишани соопштенија со кои се масакрираат меѓу себе. Така и ЕУ станува сѐ помалку релевантна додека одвреме навреме не нѐ потсети дека исчезнуваме од сферата на нивниот интерес. Како со „заборавањето“ да нѐ приклучи кон бесплатниот роаминг.
А и овдешните политичари изгледа забораваат дека кога даваат изјави со кои ја оддалечуваат земјата од ЕУ, зад нив се два милиони граѓани чии интереси сѐ повеќе се поврзани токму со ЕУ. Таму живеат и работат, или бараат работа, нивни членови на семејства, таму остваруваат социјални, пензиски и здравствени права, и од таму комуницираат со своите најблиски дома или обратно.
Оттука и студениот туш што како одговор доаѓа од ЕУ не е само врз главите на нашето државно раководство, туку е и врз главите на два милиони граѓани кои сакаат да живеат користејќи ги цивилизациските предности што ги дава Унијата.
Услугата, позната и како „роаминг како дома“ со ЕУ, значително ќе ги намали трошоците на нашите граѓани кои патуваат во земјите од Унијата.
Можноста за бесплатни разговори на земјите од Западен Балкан со граѓаните од Унијата ја најави Марта Кос, уште во јули 2025 година. „Ако навистина работиме трудољубиво, а вие лидерите имате волја да го сторите тоа, ќе има многу реформи кои ќе ги сменат законите и ќе можеме да имаме бесплатен роаминг за земјите од Западен Балкан од 1 јануари 2026“, рече таа.
Министерот Андоновски уверува дека до февруари 2026-та ќе бидат направени потребните реформи. Уште да го фатиме возот кон бесплатниот роаминг. За жал засега прогнозите се дека тој нема да застане на нашиот перон.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.