Руте: Македонија е значаен сојузник на НАТО
3 март 2026
НАТО нема да дозволи да се создаде безбедносен вакуум во регионот, особено во услови на ескалација на конфликтите на Блискиот Исток и продолжувањето на војната во Украина. Алијансата останува посветена на заштитата на секоја своја членка, беше порачано на заедничката прес‑конференција на претседателката Гордана Сиљановска Давкова и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте,кој престојува во официјална посета на земјава.
Руте: Северна Македонија е вреден сојузник во НАТО
„Северна Македонија е вреден сојузник во НАТО и придонесува за нашата заедничка безбедност“, изјави Руте. Тој нагласи дека земјата веќе издвојува повеќе од 2% од БДП за одбраната и дека еден таков напредок е значаен показател за нејзината посветеност.
„Постигнат е огромен напредок, а Северна Македонија даде заложби да го достигне и прагот од 5%како што беше ветено. Ова не е период да седиме мирно – сите сојузници мора да вложат повеќе во одбраната“, рече Руте, додавајќи дека таквите инвестиции носат поголема безбедност, економски раст и нови работни места.
Тој ја пофали и поддршката на Северна Македонија за Украина, оценувајќи ја како значајна и принципиелна во одбрана од руската агресија.
Сиљановска Давкова: Заедничката безбедност бара кохезија
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека посетата на Руте е јасен сигнал за поддршката што Северна Македонија ја ужива во рамките на НАТО. „НАТО не е само воен сојуз, туку заедница на споделена одговорност и заедничка визија. Продолжуваме да бидеме доверлива и одговорна членка“, рече таа.
Таа посочи дека поради сложената глобална безбедносна ситуација викендов го свикала Советот за безбедност, бидејќи околностите бараат будност, рано предупредување и одржливи инвестиции во безбедносните структури.
И Сиљановска Давкова и Руте нагласија дека Северна Македонија игра клучна улога во безбедноста на Западен Балкан, регион од стратегиско значење за НАТО.
„Нашата посветеност кон регионалната стабилност е јасна – нема да дозволиме да се појави безбедносен вакуум“, рече Руте, нагласувајќи ја поддршката на земјава за мисијата КФОР на Косово.
Претседателката повтори дека најголема гаранција за мирот во регионот е интеграцијата во Европската унија, повикувајќи на надминување на вештачките пречки и фокус на Копенхашките критериуми.
Безбедносните ризици од Блискиот Исток
Одговарајќи на прашања за ситуацијата на Блискиот Исток, Руте посочи дека Иран развива капацитети за напаѓачки проектили што претставуваат ризик за Европа.
„Иран со децении е извор на ескалации и нестабилност. НАТО ќе го брани секој дел од територијата на Алијансата“, рече тој.
Агендата на посетата на Руте
Во рамките на посетата, Руте ќе има средби со премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Собранието Африм Гаши и ќе се обрати пред пратениците. Тој ќе ја посети и касарната „Илинден“, каде што ќе му биде презентирана опремата и капацитетите на лесната пешадиска баталјонска група на Армијата.