1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кос: Нема членство за земјите што можат да ја поткопаат ЕУ

11 март 2026

Марта Кос во Европскиот парламент порача дека проширувањето бара вистински реформи, напредок и силни демократии без „тројански коњи“ што би ја поткопале ЕУ.

https://p.dw.com/p/5AAv1
Марта Кос, 29.01.2026
Марта Кос порача дека нема членство за земјите што можат да ја поткопаат ЕУФотографија: Simon Wohlfahrt/AFP

Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, во расправата за Стратегијата за проширување на ЕУ, што треба да се усвои денеска, изјави дека Европската Унија нема да дозволи приклучување на земји кои би можеле да ги поткопаат нејзините вредности или институции.

„'Не' за тројански коњи! Земјите што би нè поткопале одвнатре не можат да станат членки на ЕУ.Мора на секој начин да се погрижиме за тоа. Земјите што се приклучуваат мора да бидат силни и отпорни демократии, способни да се спротивстават на токсичното влијание на Русија и други актери“, изјави Кос пред Европскиот парламент.

„Нема тројански коњи во ЕУ“ – порака во Европскиот парламент

Според неа, проширувањето обезбедува мир, сигурност, слобода и благосостојба во ЕУ. Во контекст на новиот модел на проширување, таа нагласи дека „не смее да има компромиси кога станува збор за владеењето на правото, демократијата и темелните права, како и усогласеноста со внатрешната и надворешната безбедносна политика на Унијата“.

Фокусот, нагласи Кос, мора да биде на основните права и веродостојноста на целиот процес. 

Марта Кос: „Не“ за тројански коњи во ЕУ

Реформите како главен доказ за напредок

Таа додаде дека не смеат да се заобиколат ниту реформите, бидејќи „напредокот секогаш се докажува преку реформите – така се гради довербата“. Според неа, доверба е потребна во двете насоки: „Кога постои напредок од страна на земјите кандидати, мора да има напредок и од страна на ЕУ“.

Кос истакна дека мора да се надминат билатералните блокади и дека процесот треба да се темели на заслуги. Таа го поздрави напредокот на земјите што постигнаа значителни резултати – Украина и Молдавија.

За време на дебатата во Европскиот парламент, таа повтори дека инсистирањето на владеењето на правото како клучен приоритет го зајакнува кредибилитетот на процесот на проширување.

Потреба од надминување на блокадите и пристап заснован на заслуги

Стратегијата за проширување ја нагласува потребата од надминување на билатералните блокади во Советот на ЕУ и обезбедување пристап заснован на реални заслуги. Документот, исто така, ја истакнува важноста од постепена интеграција за земјите-кандидатки кои постигнуваат значаен напредок.

Авторот на стратегијата, европратеникот Петрас Ауштревичиус, ги повика институциите на ЕУ да го одржат моментумот и да ги отстранат внатрешните пречки, придржувајќи се кон предвидлив процес на пристапување заснован на заслуги.

Во документот се наведува дека е потребен преглед на секторските политики за да се процени како новите членки би се интегрирале и како би функционирала проширената Унија. „Нема кратенки до владеењето на правото и условеноста – слободата на медиумите, човековите права, заштитата на малцинствата, родовата еднаквост и недискриминацијата се задолжителни“, рече Ауштревичиус.

Во документот се нагласува дека проширувањето е од клучно стратешко значење во контекст на руската агресија врз Украина и други геополитички предизвици што бараат долгорочна визија и смели одлуки. Проширувањето се оценува како процес што носи заемни придобивки и за сегашните и за идните членки, а неговата политичка итност бара ЕУ да покаже поголема посветеност.