1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Критики на одлуката на САД за санкциите за руската нафта

ЕМФ / дпа
13 март 2026

Германскиот канцелар Фридрих Мерц и украинскиот претседател Зеленски ја критикуваа одлуката на САД привремено да ги олеснат санкциите за руската нафта, предупредувајќи дека тоа ќе ја зајакне руската воена машинерија.

https://p.dw.com/p/5AMnB
Германија Берлин 2026 | Фридрих Мерц коментира за ситуацијата на Блискиот Исток по нападите врз Иран
Германскиот канцелар Мерц остро ги критикува САД поради нивната одлука за олабавување на санкциите за руската нафтаФотографија: Nadja Wohlleben/REUTERS

Германскиот канцелар Фридрих Мерц остро ја критикува одлуката на САД привремено да ги олеснат санкциите за трговија со руска нафта. „Сметаме дека е погрешно да се ублажат санкциите сега, од која било причина“, рече Мерц на заедничката прес-конференција со норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе на островот Андоја, во Норвешка. Мерц истакна дека Русија продолжува да не покажува подготвеност да преговара за крај на војната против Украина. „Затоа ние ќе продолжиме и мораме да го зголемуваме притисокот врз Москва“.

Американскиот министер за финансии Скот Бесент во текот на изминатата ноќ (12/13.03) објави дека одредени земји привремено ќе смеат да купуваат руска нафта што веќе се наоѓа на бродови, со цел да се стабилизира понудата на светскиот пазар. Оваа мерка важи до 11 април.

Мерц ги обвини САД дека со тоа се изолираат во рамките на Г7 и се повика на видео-состанок на шефовите на држави или влади на водечките демократски економски сили со американскиот претседател Доналд Трамп во средата (11.03). „Имаше многу јасно мислење од шест членки на Г7 дека ова не е вистинскиот сигнал. Потоа утрово дознавме дека американската влада очигледно одлучила поинаку“, рече Мерц, со што стави до знаење дека одлуката не била усогласена.

Канцеларот критикуваше дека сè уште не се гледа никаква стратегија за тоа како треба да заврши војната на САД и Израел против Иран. „Во моментов, според мене, затоа нема ни причина да се размислува за воено обезбедување на поморските патишта“, рече тој, осврнувајќи се на прашањето за можна воена операција во Ормускиот Теснец и на прашањето за евентуално германско учество.

Норвешка 2026 | Мерц, Писториус, Бер и Сторе во Андоја
Германија не е дел од оваа војна и не сакаме да станеме дел од неа, вели германскиот канцелар Мерц. На фотографијата Мерц (во средина) со норвешкиот премиер Сторе (д.) и германскиот министер за одбрана Писториус во Андоја, НорвешкаФотографија: Soeren Stache/dpa/picture alliance

„Германија не е дел од оваа војна“

„Сакам уште еднаш многу јасно да кажам: Германија не е дел од оваа војна и не сакаме да станеме дел од неа“, нагласи Мерц. „Затоа сите наши напори се насочени кон тоа да се заврши војната. Токму за тоа разговараме и со американската влада и со израелската влада.“

И норвешкиот премиер Сторе изјави дека нема планови за воена операција. Идејата за меѓународна мисија особено ја поддржува францускиот претседател Емануел Макрон. Тој, по видео-состанокот на шефовите на држави или влади од Г7, рече дека групата сака да подготви таква мисија за придружба на нафтени танкери и товарни бродови со воени бродови. Условите за тоа засега сè уште не се исполнети, но „таа работа мора да се организира“, рече Макрон.

Зеленски: Одлуката на САД ќе донесе милијарди за руската воена каса

На заедничка прес-конференција со Макрон во Париз, украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска исто така ја критикуваше одлуката на САД за привремено олеснување на санкциите против руската нафта, нарекувајќи ја контрапродуктивна. Само овој чекор, според него, ѝ носи на руската воена каса околу десет милијарди долари. „Тоа во никој случај не му помага на мирот“, изјави тој.

Зеленски рече дека може да ја разбере логиката зад оваа мерка на САД, бидејќи таа има цел да ги стабилизира цените на светскиот пазар. Но, бидејќи олеснувањето само ќе ѝ овозможи на Русија да произведува уште повеќе дронови, според него, тоа е контрапродуктивно. Украинскиот претседател предупреди дека тие дронови не се користат само во Украина, туку и на Блискиот Исток — а со тоа на крајот и против американските војници.