Мицкоски: Нема предвремени, туку редовни избори во 2028
6 мај 2026
Дебатата за предвремени избори во Македонија останува во фокусот на јавноста и покрај пораките од Владата дека засега не се размислува на таа тема. СДСМ ја критикува работата на Владата и порачува дека „на премиерот Христијан Мицкоски му се брза за предвремени избори“. Првиот човек на Владата, пак, најавува реформи и стабилност до 2028 година. Но, со тоа не се согласува министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани.
„За предвремени избори сум и нема веќе да бидам дел од „Вреди“, најави Лимани, кој веќе извесен период како се дистанцираше од владејачката коалиција.
„Сите сме за предвремени избори, освен ’Вреди’. Колку побргу се одржат, толку подобро ќе биде за земјата, за нејзиниот економски развој и во исто време за освежување и во рамките на ’Вреди’ и во рамките на кој било друг политички субјект или структура“, вели Лимани во изјава којашто ја пренесе агенцијата МИА.
Мицкоски: Фокусот е на реформи, не на избори
Мицкоски, пак, денеска ги разјасни дилемите во јавноста околу неговата неодамнешна изјава дека „наскоро“ ќе има избори.Тој појасни дека нема да има предвремени избори и дека Владата останува насочена кон реформите.
„Избори ќе има, но редовни во 2028 година“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања во Скопје.
Тој додаде дека актуелната година е посветена на реформи и консолидирање на институциите, а редовните избори се планирани за пролетта 2028 година.
„Некои партии се исплашија од избори“
Мицкоски оцени дека дел од политичките партии покажуваат страв од избори, но повтори дека тие нема да се одржат предвреме. „Има партии што се исплашија од таа изјава за избори. Но, мојот став е дека избори оваа година нема. Ова е реформска година и година на консолидирање“, рече тој.
Во однос на можноста за предвремени избори во 2027 година, Мицкоски нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ е секогаш подготвено за изборен процес, но дека приоритет остануваат реформите и економскиот развој.
СДСМ: Мицкоски се плаши од одговорност
Од СДСМ реагираа дека изјавите на Мицкоски се мотивирани од страв и политички притисок. Од партијата порачаа дека постои „паника“ поради можни истраги поврзани со регионални политички и бизнис структури.
Од СДСМ обвинуваат дека Владата нема резултати во економијата и дека европскиот пат на државата е блокиран. „По две години власт, нема видливи резултати ниту исполнети ветувања“, се наведува во реакцијата.