1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Одложен изборот на обвинител по оставката на Коцевски

18 декември 2025

Советот на јавни обвинители го одложи изборот на в.д. државен јавен обвинител по оставката на Љупчо Коцевски. Собранието сè уште не ја започнало постапката

https://p.dw.com/p/55b5n
Јавното обвинителство во Македонија
Кој ќе го наследи Љупчо Коцевски?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Советот на јавни обвинители го одложи изборот на в.д. државен јавен обвинител за понеделник, откако Љупчо Коцевски пред два дена поднесе неотповиклива оставка.

Согласно член 25, став 3 од Законот за јавното обвинителство, вршителот на функцијата треба да биде определен од редот на јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Лицето што ќе биде определено ќе ја врши функцијата до изборот на нов државен јавен обвинител, но не подолго од шест месеци.

Што предвидува Законот за Јавното обвинителство?

„Ако на јавниот обвинител му е истечен мандатот, му престанала функцијата или е разрешен, Советот на јавни обвинители со одлука донесена од мнозинство гласови определува јавен обвинител од редот на јавните обвинители, кој ќе ја врши должноста до изборот на нов јавен обвинител, но не подолго од шест месеци“, се наведува во Законот.

Ова обвинителство, највисоко во хиерархијата, брои 10 члена: Анита Тополова-Исајловска, Исмаил Дарлишта, Соња Симовска, Ферат Елези, Џелал Бајрами, Елвин Вели, Лиле Стефанова, Наум Паноски, Валентина Стојановска и Златко Биковски.

Кој ќе ја врши функцијата до избор на нов обвинител?

Собранието сè уште не ја започнало постапката за избор на нов државен јавен обвинител.Првиот чекор е објавување оглас за пријавување на кандидати кои ги исполнуваат условите за раководење со органот надлежен за гонење сторители на кривични дела.

Коцевски во вторникот на прес-конференција соопшти дека поднел неотповиклива оставка. Тој рече дека заминува со „гордо крената глава“, но и со разочараност поради непочитување на принципите на правната држава. Коцевски се повика и на последниот извештај на Европската комисија, каде најголема критика беа политичките притисоци врз правосудството, кои ја парализираат борбата против корупцијата.