1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тензии пред обединувањето: „Вреди“ и ДУИ во отворен конфликт

6 мај 2026

Политичките тензии ескалираат пред најавеното окрупнување на коалицијата „Вреди“ која на 9 мај треба да прерасне во една партија со двајца претседатели. ДУИ упати жестоки критики и обвинувања кон Изет Меџити

https://p.dw.com/p/5DLxw
Изет Меџити, градоначалник на Чаир
Изет Меџити, кој според најавите, ќе биде копретседател заедно со Биљал Касами, се најде во центарот на остри обвинувања од страна на ДУИФотографија: Ministerium für Umwelt und Raumplanung, Nordmazedonien

Во пресрет на најавеното окрупнување на коалицијата „Вреди“, која се очекува на 9 мај официјално да прерасне во единствена политичка партија, се засилуваат политичките тензии во албанскиот блок. Изет Меџити, кој според најавите, ќе биде копретседател заедно со Биљал Касами, се најде во центарот на остри обвинувања од страна на ДУИ, додека „Вреди“ возврати со критики кон поранешните власти.

ДУИ со обвинувања кон Изет Меџити

Опозициската ДУИ упати серија обвинувања кон градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, оценувајќи дека тој е промотор на бруталниот непотизам во политиката на Албанците. Според партијата на Али Ахмети, нивниот поранешен сопартиец се обидува да се претстави како симбол на политичка промена, иако, како што велат, неговото минато говори спротивно.

„Човекот кој стана милионер додека Чаир осиромашуваше, денес се обидува да се претстави како промена, но граѓаните ја знаат вистината“, велат од ДУИ, наведувајќи дека „неговата политичка структура функционира врз принципите на - семејна лојалност, крвна поврзаност, лични интереси и контрола преку неговите најблиски луѓе. 

ДУИ обвинува дека повеќе од две децении Меџити и неговата група го контролирале претставувањето на Албанците во Скопје. „Во меѓувреме, растеше само неговото лично богатство и влијание“, велат од партијата, додавајќи дека граѓаните немаат потреба од „рециклирање на истиот менталитет“.

ДУИ, 12.03.2020
Опозициската ДУИ упати серија обвинувања кон градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, оценувајќи дека тој е промотор на бруталниот непотизам во политиката на Албанците.Фотографија: DW/P. Stojanovski

ВРЕДИ возврати со контранапади

Од „Вреди“ возвратија со народната поговорка: „Каде што те боли забот, таму оди јазикот“. Според нив, причината за нападите е фактот што ДУИ е во опозиција. „ДУИ ја боли Изет Меџити, затоа што заедно со народот ги испрати во опозиција“, се наведува во нивното соопштение.

Од „Вреди“ истакнуваат дека Меџити има директен легитимитет од граѓаните како градоначалник и пратеник, за разлика од, како што велат, функционери на ДУИ кои „ја следеле политиката на фотелји и тендери“.

Партијата обвини дека мала група околу раководството на ДУИ ја приватизирала партијата и ја користи за лични интереси. Во соопштението се посочуваат и долгогодишни функционери, при што се наведува дека тие со години биле дел од власта, но и натаму зборуваат за „заштита на Албанците“.

„Албанецот го гледале како број за глас, а функциите како семејно наследство“, посочуваат од „Вреди“.

Окрупнување на ВРЕДИ и политичката сцена

Од коалицијата нагласуваат дека се во завршна фаза на окрупнување во единствен политички субјект, со што дополнително ја зацврстуваат својата позиција на политичката сцена. Според нив, коалицијата веќе се позиционирала како втора политичка сила во земјата, со стабилно владино мнозинство кое има потенцијал да се проширува.

Тие потенцираат дека резултатите од локалните избори го потврдуваат тоа, нагласувајќи дека „Вреди“ освоил 10 општини, односно околу 80% од општините со доминантно албанско население.