„Гренланд не е на продажба“
14 јануари 2026
Да се испрати порака - тоа го сакаат и политичарите и многу жители на Гренланд. Во продавницата за облека на Давид Рогилдс во главниот град Нук затоа има голема гужва. Бидејќи тука може да се купи модно изразување на ставот за спорот околу Гренланд: во излогот виси едноставен црн џемпер. На него со бели букви пишува: „Гренланд не е на продажба.“
Веќе повеќе од една недела околу 56.000 жители на Гренланд се во фокусот на светот, откако американскиот претседател Доналд Трамп побара Гренланд да припаѓа на САД – ако треба и со воена интервенција. Особено поради стратешки важната позиција во Арктикот, за која се интересираат и Русија и Кина.
Американски граѓани – за Давид Рогилдс тоа е страшна замисла: „Во САД луѓе се запираат на улица и се убиваат или деца умираат во масовни пукања во училишта.“ Огромното мнозинство Гренланѓани не сакаат да припаѓаат на САД, вели тој, туку „само да бидат Гренланѓани“.
Фредериксен: „Не може да се купи друг народ“
Најголемиот остров на светот порано беше данска колонија и во меѓувреме, како во голема мера самоуправен регион, му припаѓа на данското кралство. Затоа и во владата во Копенхаген е вклучен аларм.
Премиерката Мете Фредериксен, непосредно пред нејзиниот министер за надворешни работи да тргне на средбата во Вашингтон, нагласи дека станува збор за повеќе од еден остров: „Станува збор дека не смеат да се менуваат граници со сила. Дека не може да се купи друг народ. И дека малите земји не треба да се плашат од големите.“
Данците се во исчекување што ќе се случи на средбата на министрите за надворешни работи на Данска и Гренланд со нивниот американски колега Рубио и потпретседателот Џеј Ди Венс попладнево по средноевропско време. Сè изгледа можно – од прво внимателно приближување на двете страни до јавна кавга пред камери.
Гренланд и Данска заедно против САД
Само едно е јасно: во конфликтот со САД, владите на Данска и Гренланд настапуваат демонстративно заедно.
Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен еден ден пред средбата во Вашингтон нагласи дека иднината на неговиот народ не е во САД:
„Ако мораме да одлучиме тука и сега: тогаш го избираме данското кралство, НАТО и ЕУ.“
И тоа иако односите меѓу Данците и Гренланѓаните инаку се напнати, особено поради наследството од колонијалното минато.
Интересот на Трамп за Гренланд „апсурден“
Софи Амондсен е потомка на гренландски домородци. Младата жена изработува традиционален инуитски накит и припаѓа на оние на островот кои би сакале Гренланд да биде целосно независна држава, одвоена од Данска.
Во таа смисла, таа дури гледа нешто позитивно во актуелниот конфликт: „Откако постои ова надворешно интересирање, Данците нè сфаќаат посериозно.“
Намерата на Доналд Трамп да го преземе островот, можеби дури и да го купи од Данците, таа ја смета за апсурдна. И има совет за американскиот претседател: „Ние, Гренланѓаните, многу време поминуваме во природа, па затоа имаме јасна глава. Можеби и Трамп треба да го проба тоа.“
Автори: Арне Бартрам и Јана Зинрам, АРД