1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вадефул во САД: Обид за одвраќање од аспирациите за Гренланд

Јенс Турау | Нина Хазе
14 јануари 2026

Германскиот министер за надворешни работи Вадефул во САД се обидува да го одврати Вашингтон од аспирациите за Гренланд и да го одржи тешкиот трансатлантски дијалог во време на растечки тензии.

https://p.dw.com/p/56n65
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул разговара со новинарите во авион на лет од Исланд до САД
Секогаш насмевнувајте се, дури и во напнати времиња: германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул разговара со новинарите на лет од Исланд до САДФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул пристигна во Вашингтон по долг пат од Берлин со пауза во Исланд, започнувајќи дипломатска мисија за која напорот и очекуваниот ефект очигледно не се во рамнотежа.

Првата станица беше средбата со министерот за надворешни работи на САД, Марко Рубио, по што следеше тричасовно патување со воз до Њујорк за да ја потврди германската поддршка за Обединетите нации во тежок период од нивното функционирање.

По ангажманите во Њујорк,  Јохан Вадефул  повторно се врати во американската престолнина за средби со членови на Конгресот. Но состаноците беа ретки, со долгa неизвесност и многу откажувања — реалност што денес ја карактеризира трансатлантската дипломатија. Ако германските политичари сакаат да ги одржат трансатлантските односи во живот во овие времиња, им треба многу трпение.

Притисок за Гренланд и тешка средба со Рубио

Гренланд беше главната тема на разговор со Марко Рубио. Американскиот претседател  Доналд Трамп  неодамна повторно го истакна својот амбициозен и контроверзен став дека САД „ќе го добијат Гренланд, на еден или друг начин“. Бидејќи островот е дел од Данска, секое американско дејствување таму би претставувало интервенција врз НАТО-сојузник — сценарио што Германците и Данците сакаат по секоја цена да го спречат.

На фотографијата е прикажан германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул со американскиот државен секретар Марко Рубио, како стојат пред две американски и две германски знамиња, се гледаат еден со друг и се ракуваат
Пријателски ракувања, но многу разлики, особено во врска со Гренланд: германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул со американскиот државен секретар Марко Рубио во ВашингтонФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

По средбата со Рубио, на прес конференцијата на која германскиот министер Вадефул излезе сам, тој нагласи: „Зачувувањето на нашите интереси во Арктикот е од пресудно значење. Тоа е задача на НАТО која ја исполнуваме заеднички.“ Тој додаде дека стабилноста во арктичкиот регион може да се гарантира само преку  солидарна соработка меѓу членките.

Но, како што забележува главната дописничка на Дојче веле, Нина Хазе, која го придружува германскиот министер на патувањето во САД, околностите околу средбата беа симптоматични: германската страна беше поотворена и поопширна во комуникацијата, додека од Вашингтон следеа само 14 редови соопштение два часа подоцна. „Тоа не може да се нарече избалансирано“, оценува Хазе.

Германија сака посилни ОН – САД не

Патувањето продолжи со првично непланирано заминување за  Њујорк,  каде Вадефул се сретна со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. По разговорот германскиот министер изјави дека германското кадровско присуство во ОН „не е доволно“, алудирајќи дека  Германија  сака поголемо влијание и повеќе институции на  ОН  во Бон. САД, пак, се движат во спротивна насока: администрацијата на Трамп најави повлекување од 66 меѓународни договори и организации, вклучително и Парискиот климатски договор. Во ова прашање  Германија и САД се на спротивни страни повеќе од кога било.

Хаотични распореди за Германците навикнати на прецизно планирање

По средбата во Њујорк, Вадефул повторно се врати во Вашингтон во обид да обезбеди нови контакти во Конгресот. Нина Хазе истакнува дека оваа турнеја е спротивност од вообичаените строго планирани дипломатски патувања. „Флексибилноста е единствениот принцип што важи во моментот“, вели таа. Германската страна се обидува да „остане во контакт“ со САД, иако Вашингтон е сè потежок соговорник.

Средба за Гренланд закажана за среда

Сепак, на повидок е дипломатски напредок. Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен, в среда (14.01.2026) во Вашингтон ќе се сретне со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и со државниот секретар Марко Рубио. На средбата ќе учествува и гренландската министерка за надворешна политика, Вивиан Моцфелт, јавува данската агенција „Рицaу“.

Можно е дека и разговорите на Вадефул со Рубио придонеле да се отвори пат за овој состанок – и можеби за дипломатски напредок во  спорот околу Гренланд.