1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоБелгија

Федерика Могерини обвинета за измама

Томас Гример
3 декември 2025

По апсењето на поранешната шефица на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини, е подигнато обвинение од страна на Европското обвинителство. Станува збор за злоупотреба на средства на ЕУ.

https://p.dw.com/p/54gaa
Поранешната Висока претставничка на ЕУ за надворешна политика, Федерика Могерини
Федерика Могерини се товари за измама при јавни набавки, корупција, судир на интереси и нарушување на службена тајнаФотографија: Sebastian Christoph Gollnow/dpa/picture alliance

Европското обвинителство со седиште во Луксембург соопшти дека Федерика Могерини се товари за измама при јавни набавки, корупција, судир на интереси и нарушување на службена тајна. Постапката се однесува на средства на елитниот универзитет „College of Europe" во Бриж, каде што Италијанката денес е ректорка.

Сомнеж за незаконски договори меѓу ЕАД и универзитетот

Истражителите се сомневаат дека Европската служба за надворешни работи (ЕАД), која тогаш била под раководство на Могерини, можеби му доделила средства на универзитетот за програмата за обука на дипломати.

Според обвинителството, „College of Europe" во 2021 и 2022 година добил договор за програмата распишана од ЕАД и за тоа инкасирал финансиска поддршка.

Уапсени, па пуштени на слобода

Могерини, нејзиниот заменик, како и поранешниот генерален директор на ЕАД, Стефано Санини, во врска со ова беа уапсени во вторникот (2.12). Според обвинителството, тие веќе се пуштени на слобода, бидејќи не постои ризик од бегство.

Белгиските власти, покрај тоа, извршиле претреси во просториите на ЕАД во Брисел, на „College of Europe" во Бриж, како и во домовите на неколку осомничени.

Белгија Бриж 2025 | College of Europe
„College of Europe" е приватен универзитет за европски студииФотографија: Kurt Desplenter/BELGA/picture alliance

Забранети договори?

Истражителите проверуваат дали ЕАД и универзитетот се договарале, иако во тек била јавна тендерска постапка. Такво постапување би било забрането, бидејќи „College of Europe" би имал неправедна предност пред другите кандидати.

Могерини од 2014 до 2019 година беше Висока претставничка на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика и со тоа шефица на ЕАД. Во 2020 година стана ректорка на „College of Europe".

Санини од 2021 до 2024 година беше највисок службеник на ЕАД. Во моментов ја извршува функцијата генерален директор на Европската Комисија за односите со Блискиот Исток, Северна Африка и земјите од Заливот.

„College of Europe" е приватен универзитет за европски студии и важи за кадарска школа. Меѓу дипломираните има бројни дипломати на ЕУ, службеници на Европската Комисија и политичари. Универзитетот соопшти дека во оваа постапка ќе соработува целосно со властите.