Конгресот го одобри буџетот – крај на рекордната блокада
13 ноември 2025
Најдолгата делумна буџетска блокада на работењето на американската влада заврши. Претседателот Доналд Трамп го потпиша привремениот буџет претходно усвоен од Конгресот, со што се стави крај на таканаречениот „шатдаун“ по 43 дена. „Со мојот потпис, федералната влада сега ќе продолжи со своите нормални активности“, рече Трамп во Белата куќа.
Непосредно пред тоа, вториот дом на американскиот Конгрес, Претставничкиот дом, гласаше за законскиот пакет усвоен од Сенатот. Привремениот буџет важи само до крајот на јануари. Во Претставничкиот дом, вкупно 222 претставници гласаа „за“, додека 209 гласаа „против“. Шест демократи се придружија на републиканското мнозинство и гласаа за предлогот.
Од 1 октомври, Соединетите Американски Држави немаат федерален буџет, а владините активности се строго ограничени. Вработените во владата повеќе не добиваат плати, помошта во храна за многу Американци е суспендирана, а илјадници авионски летови се откажани.
Со недели, Републиканците на Трамп и опозициските Демократи водеа жестока расправија околу буџетот. За привремениот буџет да помине во Сенатот на САД, беа потребни и некои гласови од Демократите, кои пак сакаа да ги протуркаат своите барања за здравствена заштита на Американците.
Станува збор за даночните поволности за придонесите за здравствено осигурување за повеќе од 20 милиони луѓе, кои треба да истечат на крајот од годината. Демократите сакаа да ги продолжат овие субвенции, а Републиканците се спротивставија, поради што многу осигурени лица сега се соочуваат со двојно зголемување на нивните месечни придонеси.
Со оглед на екстремно поларизираниот политички пејзаж во САД, финансиската блокада на владата не е сосема невообичаена, бидејќи двете партии честопати не успеваат навремено да постигнат договор. Но, ова беше убедливо најдолгата блокада во историјата на САД, до средата таа траеше 43 дена. Претходната најдолга блокада траеше 35 дена на почетокот на 2019 година - тоа беше за време на првиот мандат на Трамп како претседател.
Во текот на викендот, некои Демократи во Сенатот конечно попуштија, обезбедувајќи им на Републиканците потребни гласови. Оттогаш, медиумите шпекулираат зошто Демократите го променија својот став. За возврат, Републиканците ветија дека Конгресот ќе гласа за трошоците за здравствена заштита во декември. Сепак, оваа иницијатива се смета за практично безнадежна во Претставничкиот дом, каде што Републиканците исто така го имаат мнозинството.
Меѓутоа, привремениот буџет важи само до крајот на јануари. Доколку дотогаш не се донесе редовен буџет, може да се случи уште една блокада почнувајќи од февруари.