Повик за надзор врз правата на Македонците во Бугарија
21 ноември 2025
Македонската држава ќе биде столб на Македонците во светот каде и да се, држава којашто е нивна татковина, држава којашто со отворени раце ги чека да дојдат дома и да бидат заедно со Македонците во Македонија.
Ова е пораката на премиерот Христијан Мицкоски, кој вчера на покана на македонското здружение „ВМРО-ДПМНЕ Албанија" присуствуваше на отворањето на новата канцеларија на здружениете, придружуван од Генералниот секретар на партијата Ѓоргија Сајкоски и претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Жаклина Пешевска.
„Пред присутните ја нагласив и можноста на Македонците во Албанија да имаат свој клуб, можност за здружување, можност слободно да работат на зачувување на својата култура, идентитет, јазик и традиција, можност што ја немаат Македонците во Пиринскиот дел на Бугарија, кој во 21. век се спречени да регистрираат невладино здружение, не можат да зборуваат слободно за својот македонски идентитет. Ние сме вредни, трпеливи и умни и ве уверувам дали сега или во периодот којшто следи, ќе дојдеме до таа цел“, порача Мицкоски.
Чекор за посилно поврзување
Фотографии од настанот премиерот објави на неговиот профил на Фејсбук.
„Мене ми е драго што на сите овде ни е јасен тој наш вековен автентичен македонски корен и наш вековен македонски идентитет. Како што можам да забележам македонскиот јазик се негува и се чува и тоа особено ме импресионира вечерва", ги пренесе и партијата пораките на премиерот.
Импресии од настанот сподели и Генералниот секретар, Сајкоски.
„Горди сме што нашиот глас, идеи и активности продолжуваат да се шират и надвор од границите. Ова е уште еден чекор кон посилно поврзување со нашите граѓани, поддржувачи и пријатели. Заедно создаваме поцврста иднина и силна поддршка за сите наши граѓани каде и да се“, објави тој.
Според Пешевска, посетата на новата канцеларија на здружението во Тирана е основа за јакнење на заедницата, на место каде Македонците во Албанија ќе можат да создаваат, да се поврзуваат и да го негуваат својот јазик, својот идентитет и својата историска меморија.
Веста за отворањето на новата канцеларија на македонското здружение е нотирана во бугарските медиуми.
„Мицкоски на отворањето на канцеларијата на здружението ‘ВМРО-ДПМНЕ Албанија': Македонците во Пиринскиот крај ја немаат оваа можност“ (БТА), „Мицкоски се жали во Тирана за ‘Македонците од Пиринскиот крај'" (Факти.бг.), се дел од насловите со кои тие ја пренесоа информацијата.
Средбата на Мицкоски со ова претставниците на здружениете му претходи на неговото учество на самитот „Нашиот план до ЕУ“, што почна денеска во Палатата на Бригадите во Тирана, на кој, лидерите од Западен Балкан и комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, разговараат за планот за раст, економската интеграција и регионалната трансформација кон единствениот пазар на ЕУ. Македонскиот премиер ќе се обрати на панел дискусијата насловена „Исполнување на заеднички обврски, резултати и забрзување“.
Декларација на ЕФА
Македонија не е осамна во повиците за почитување на правата на Македонците во Бугарија. Истото го направи и Европската слободна алијанса (EФА): со декларација (објавена на нејзината веб страница) го повика Советот на Европа да продолжи одблизу да ги следи малцинските права во Бугарија. Групата потсетува дека ова прашање ќе биде на масата на Комитетот на министри на втори декември, откако Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) на први октомври годинава одлучи да го затвори пост-мониторинг дијалогот со Бугарија и наместо тоа да го разгледува нејзиниот напредок во рамки на периодични прегледи. Од ЕФА предупредуваат дека намалувањето на меѓународниот надзор врз Бугарија би го поткопало кредибилитетот на системот за заштита на човековите права, бидејќи земјата не ги спровела одлуките на Европскиот суд за човекови права.
„На втори декември, Комитетот на министри ќе се состане за да одлучи дали да продолжи да ги следи кршењата на малцинските права од страна на Бугарија или да го намали меѓународниот надзор во ова прашање. ЕФА го повикува Комитетот на министри да одржува засилен мониторинг врз Бугарија сè додека не се постигне опипливо и проверливо почитување на малцинските права“, повикува Европската слободна алијанса.
Оттаму изразуваат загриженост за состојбата со малцинските права во Бугарија.
„Земјата продолжува да одбива да ја признае македонската заедница и да регистрира која било македонска организација, кршејќи го членот 11 од Европската конвенција за човекови права. Меѓународни тела како што се Европскиот суд за човекови права и самиот Комитет на министри на Советот на Европа постојано препорачуваат да се преземат потребните мерки. Бугарија, исто така, избегнуваше да ги спроведува одлуките донесени од овие институции“, потенцираат од ЕФА.
„Не би разбрале, доколку Советот одлучи за предвремено затворање на мониторингот по ова прашање. Тоа би го поткопало авторитетот на Европскиот суд за човекови права (ЕКЧП) и кредибилитетот на системот за заштита на човековите права на Советот на Европа“, порачува потпретседателот на ЕФА, Керем Аптурахим Оглу.
Од групата потсетуваат дека Советот го следел почитувањето на правата на малцинствата од страна на Бугарија, откако ЕСЧП утврдил дека правата на македонското малцинство се прекршени - Македонците не се признати, а македонските организации не се регистрирани. Како еден од примерите ја посочуваат ОМО Илинден-Пирин.
Претседателката на ЕФА, Лорена Лопез де Лакале, повикува целосно да се почитуваат демократските права на македонското малцинство во Бугарија.
„Го повикуваме Комитетот на министри на Советот на Европа да ги зголеми своите дипломатски и политички контакти со Бугарија, така што ќе дејствува во согласност со највисоките демократски стандарди утврдени од европските и меѓународните организации“, порача таа.