1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГерманија

Предлог на Путин: Шредер за посредник во војната во Украина?

СН | АРД
11 мај 2026

Ги поврзува долгогодишно пријателство – сега шефот на Кремљ, Путин го посакува поранешниот германски канцелар Шредер за посредник во војната во Украина. Реакциите на германските политичари следеа брзо.

https://p.dw.com/p/5DYzA
Пранешниот германски канцелар Герхард Шредер (втор од лево) и рускиот претседател Владимир Путин (трет од лево) со шалови на Германија и на Русија заедно гледаат фудбалски натпревар во 2009 година
Долго блиско пријателство: Екс канцеларот Шредер (втор од лево) и рускиот претседател Владимир Путин (трет од лево)Фотографија: Vladimir Rodionov/Ria Novosti/Kremlin Pool/dpa/picture alliance

Претседателот на Русија,  Владимир Путин изнесе предлог поранешниот канцелар Герхард Шредер, со кого е во пријателски односи, да биде потенцијален посредник во војната меѓу Русија и Украина, со што предизвика дебата во Германија.

Германската влада реагираше воздржано. Од владини кругови во Берлин беше соопштено дека се запознаени со изјавите, но и оти тие се вклопуваат во низата „привидни понуди“ и се дел од познатата руска хибридна стратегија. „Германија и Европа, сепак, нема да бидат поделени со тоа“, се наведува понатаму.

Различни реакции во СПД

Меѓу партиите владеат поделени мислења. Експертот за надворешна политика на СПД, Ралф Штегнер, се заложи за разгледување на предлогот на Путин. „Ја поздравувам секоја иницијатива која би можела да ја заврши војната“, изјави Штегнер за „Шпигел“.

„Секоја понуда мора сериозно да се испита за да се утврди колку е веродостојна“, објасни и Адис Ахметовиќ, портпарол за надворешна политика на пратеничката група на СПД во Бундестагот. 

„Не можеме да прифатиме САД и Русија сами да одлучуваат за иднината на Украина и европската безбедност“, додаде Ахметовиќ. Целта мора да биде учество на преговарачката маса. Ако услов за тоа е вклучување на поранешниот канцелар Шредер, тоа треба „внимателно да се процени во тесна соработка со европските партнери, а не категорично да се отфрли на самиот почеток“, побара Ахметовиќ. 

Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер на портрет фотографија во неговата канцеларија
Герхард Шредер беше под многу поголем притисок поради неговите врски со Русија по руската инвазија врз Украина во 2022 годинаФотографија: Sven Wettengel/NDR/dpa/picture alliance

Меѓутоа од редовите на СПД доаѓа и отпор. Поранешниот претседател на Комисијата за надворешни работи во Бундестагот, Михаел Рот, зборуваше за „провокација кон САД и провиднo маневрирање“. „Кој навистина сака мир, започнува со прекин на огнот. Посредник во можни преговори не може едноставно да биде пријател на Путин“, рече Рот, кој до 2025 година беше член на Бундестагот. Одлучувачко е „да биде пред сè прифатен од Украина.“

Зелените: Шредер нема кредибилитет

Зелените јасно го отфрлија предлогот. „Путин ја сноси одговорноста за оваа војна во Украина, која го крши меѓународното право“, изјави шефицата на пратеничката група на оваа партија во Бундестагот,  Бритa Хаселман. Тој е агресор и може „веднаш да ја заврши“ војната. Неговиот предлог да го именува Шредер е апсурден. „Дури и во Кремљ би требало да се знае дека Герхард Шредер нема никаков кредибилитет кога станува збор за Русија и оти поради блиското пријателство со Путин стана персона нон грата во Европа“, рече Хаселман.

Скептична е и европратеничката од либералната партија ФДП, Мари-Агнес Штрак-Цимерман. „Посредникот во оваа војна мора да биде прифатен од двете страни“, изјави таа за медиумската група Функе. Шредер, сепак, „не го осуди доволно јасно нападот врз Украина“. Дали Украина би го прифатила Шредер во таа улога и би го сметала за доволно неутрален – „во тоа може да се сомневаме“. И шефот на пратеничката група на Левицата, Зерен Пелман, посочи дека Шредер и Путин со години се политички и лично тесно поврзани.

АфД отворена за евентуално посредување на Шредер

Партијата Алтернатива за Германија (АФД) покажа отвореност за предлогот. „Секое посредување што придонесува за прекин на страдањата на двете страни е добредојдено“, изјави Маркус Фронмаер, портпарол за надворешна политика на пратеничката група на АфД во Бундестагот. „Тоа важи и за евентуални обиди за посредување од страна на поранешниот канцелар Шредер.“ 

Рускиот претседател Владимир Путин и поранешниот германски канцелар Герхард Шредер во кабина на комбајн за време на саем во Хановер во 2005 година
Дали добрите лични односи меѓу Шредер и Путин би можеле да помогнат во постигнувањето мир во војната во Украина?Фотографија: R. Jensen/dpa/picture-alliance

Путин, по повод годишнината од победата над нацистичка Германија, се осврна на можниот крај на војната во Украина. Конфликтот се „приближува кон крајот“, оцени Путин по воената парада во Москва. Потоа го спомена Шредер. Иако САД се обидуваат да посредуваат, тој, како што рече, од европска страна би можел да го замисли поранешниот лидер на СПД како посредник. „Од сите европски политичари, би претпочитал разговори со Шредер.“

Шредер долги години работеше за Газпром

Канцеларијата на поранешниот канцелар, на прашање на германската новинска агенција дпа, соопшти дека Шредер нема да се огласи по ова прашање. По заминувањето од политиката, Шредер со години беше активен во руските енергетски компании, меѓу другото и како претседател на управниот одбор на компанијата Норд Стрим 2 АГ, ќерка-фирма на рускиот гигант Газпром.

Меѓу Киев и Москва, преговори за завршување на рускиот агресорски војна досега се водеа со посредство на САД, додека Европејците не беа на преговарачката маса – меѓу другото и затоа што Кремљ го отфрлаше тоа.