1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прво избори, па уставни измени?

4 октомври 2022

Не мислам дека прашањето за уставни промени треба да биде приоритет број еден, смета претседателот Пендаровски. За уставните промени да се изјаснат граѓаните на избори, вели лидерот на ДС, Трајанов

https://p.dw.com/p/4Hi1u
Во македонскиот парламент нема потребно мнозинство за уставни измени
Во македонскиот парламент нема потребно мнозинство за уставни измениФотографија: Presidency of North Macedonia

Дали уставните измени, со кои Бугарите би биле впишани во македонскиот Устав ќе чекаат да се обезбеди неопходното двотретинско мнозинство по следните парламентарни избори? Иако од Владата нема децидни изјави за ваков евентуален след на постапките, според релевенатни политички изјави математиката е посилна од желбите на власта и од условите во преговарачката рамка: двотретинско мнозинство за уставни измени - нема!

На ова прашање вчера се осврна и претседателот на РСМ, Стево Пендаровски.

„Мојот став јас го кажав и порано, и сакам да го повторам. Апсолутно не се согласувам со форсирање на прашањето за уставните промени. Не мислам дека тоа прашање треба да биде политички приоритет број еден. Имаме ние многу други работи за решавање, реформи.... На први декември 2023 година формално ќе бидеме со завршен скрининг и имаме четири, четири и пол месеци до следните избори. Што е пологично од тоа - оној кој ќе ги добие изборите да тера понатаму со две третини, ако сака, зборувам - ако опозицијата биде во позиција да го прави тоа. Не гледам причина да се форсира сега, бидејќи очигледно во овој момент, според јавните изјави на сите актери, од 120 луѓе кои се во парламентот, нема 80 луѓе кои би кренале рака за тоа. Не гледам причина да се исцрпуваме ден за ден, дали ќе имаме или нема да имаме, дали ни недостигаат шест или седум луѓе. Еден да недостига - немаме. Во моментов нема 80“, рече Пендеровски во интервју на ТВ „Телма“

„Најбрзо што може“

Овој став на претседателот уследи само три дена по неговата посета на Бугарија поврзана со прашања на енергетската криза, по која неговиот бугарски колега, Румен Радев, пред новинарите изрази очекувања и од реализација на досега преземените обврски меѓу двете земји, и тоа „што е можно најбрзо“.

„Исклучително важно е да се разбере во Република Северна Македонија дека исполнувањето на двострано преземените обврски треба да се одвива што е можно најбрзо. Тоа е гаранцијата за забрзување на европската интеграција на Република Северна Македонија и да потсетам дека суштинските преговори за членство согласно со преговарачакта рамка - не се започнати. Тие ќе започнат дури кога Република Северна Македонија ќе ги впише Бугарите во нејзиниот Устав. Така што, тоа треба да биде многу јасно: тогаш почнуваат преговорите за членство“, потенцираше Радев.

Стево Пендаровски и Румен Радев
Стево Пендаровски и Румен РадевФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Притоа, потсети дека треба да се решат и други прашања одложувани многу години, а разговорот за заедничката историја со РСМ го нарече „неизбежен“.

Бугарските очекувања за уставни измени во моментов не се совпаѓаат со македонските можности. Дури и со поддршка од страна на албанските опозициски партии, владејачките партии не можат да обезбедат 80 гласови „за“, откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека ниту еден нејзин пратеник нема да гласа за промена на Уставот. Според математиката, „за“ уставни измени најмногу би гласале 74 пратеници и ќе недостигаат уште 6 гласови, иако според пратенички извори ни бројката од 74 не може да се смета за сосема сигурна.

И покрај ваквите околности, кога минатиот месец во Брисел и официјално започна скринингот за усогласеноста на македонското со европското законодавство,  вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, изрази оптимизам за комплетирање на процедурата.

„Ние имаме некој рок што сами си го зададовме заедно со планот за скрининг, а тоа е до крајот на скринингот, значи до ноември 2023, до крајот на идната година практично да ги комплетираме уставните измени и јас мислам дека ќе успееме во тој рок да ги комплетираме. Тоа секако нема да биде воопшто лесен процес, но мислам дека секој пратеник и сите политички партии ќе бидат на висина на задачата затоа што сега од нас зависи кога ќе продолжиме“, рече во интервју за МИА Маричиќ.

Изборите ќе дадат легитимитет

Фактот дека македонскиот парламент во моментов го нема непоходното мнозинство за уставни промени, не е непознат за Софија. На прашањето како ќе се обезбеди тоа, официјално доаѓаа изјави дека РСМ треба да преземе мудри чекори за својата европска иднина. Од политичките кулоари, пак, пораката беше подиректна: „Како ќе најдат мнозинство? Така како што најдоа за Преспанскиот договор“.

Надежите дека „гласови ‘за’ ќе се најдат во проевропскиот дел на опозицијата“, како што до скоро тврдеше првиот вицепремиер, Артан Груби, до денес не донесоа сигнали дека на тасот на мнозинството натежнал некој глас повеќе. Па, засега остануваат само најавите дека властите ќе се обидуваат да разговараат со сите пратеници и со сите партии за остварување на консензус за уставни измени.

Пендаровски не е единствен во ставот дека уставните измени не се приоритет во овој момент. Во време кога нема консензус за тоа прашање, и лидерот на владејачкиот Демократски Сојуз, Павле Трајанов, смета дека само следните изборите може да ја дадат и насоката, и легитиметот за такви одлуки.

„За уставните промени треба да се изјаснат и граѓаните на претстојните избори, без разлика дали тие ќе бидат предвремени или редовни. Партиите што се ‘за’ внесување на Бугарите без реципротитет, односно без да бидат признати и правата на Македонците во Бугарија, доколку тие партии победат на изборите и го добијат неопходно мнозинство, ќе можат да ги направат промените. Стојам на ставот дека не сум против Бугарите да влезат во Уставот, но само на реципрочна основа - и правата на Македонците да бидат признаени од Бугарија“, вели Трајанов за ДВ.

Радев ја одликувал Робин

На домашен терен  незадоволството од францускиот предлог  веќе произведе и  втора иницијатива за референдумско изјаснување.  Во Бугарија се задоволни од тој предлог, а француската амбасадорка во Софија, Флоранс Робин, вчера била одликувана од бугарскиот претседател со орден „Мадарски коњаник“ од прв ред, за нејзините големи заслуги за зајакнување и развој на бугарско-француските односи, но и заради разјаснувањето на  проблемите меѓу Софија и Скопје.

„За време на француското претседателство со Советот на ЕУ, амбасадорката Флоранс Робин значително придонесе за разјаснување на проблемите меѓу Бугарија и Република Северна Македонија и на бугарската позиција пред француските институции и експерти. Таа ги споделуваше и отворено ги бранеше своите позиции во време кога не сите наши европски партнери и експерти од Брисел ја разбираа длабочината на овие проблеми и не успеаја да проникнат во целата сложеност на сложувалката на политичките односи овде. Благодарение на нејзините заложби, прашањето за човековите права, одбраната на културното и историското наследство, важноста на историската вистина и објективност, беа издигнати од ниво на билатерални - на ниво на европски односи“, изјавил Радев.

Робин изразила благодарност до бугарскиот претседател, но и до Министерството за надворешни работи, нагласувајќи дека дијалогот меѓу нив отсекогаш бил лесен и искрен.

„Ја имам предвид и работата што ја извршиме заедно за време на француското претседателство, особено во однос на  прашањето за Северна Македонија“,  изјавила француската амбасадорка, која заминува од Софија по завршувањето на нејзиниот мандат.