1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија на 45 место на листата за слобода на медиумите

30 април 2026

Широко раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, се наведува во извештајот.

https://p.dw.com/p/5D2zH
Медиуми, 29 декември 2021
Репортери без граници ја рангираше Македонија на 45 местоФотографија: Anton Novoderezhkin/Tass/dpa/picture alliance

Македонија падна три места на Индексот за слобода на медиумите за 2026 година на Репортери без граници (РБГ) и се најде во групата на земји каде ситуацијата е оценета како „проблематична“. За разлика од минатата година, кога беше на 42 место, оваа година е на 45 позиција.

„Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, широко раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади.Исто така, владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите“, се наведува во образложението, коешто е исто како и минатата година.

Критичкото новинарство - мета на напади  

Репортери без граници оценуваат дека целокупната средина останува поволна за слободата на печатот, но владините агенции не се многу транспарентни, а критичкото новинарство е сè повеќе предмет на напади. „Поради силната политичка поларизација, медиумите можат да се најдат под притисок од властите, политичарите и бизнисмените и на национално и на локално ниво. Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создадоа паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредничка и финансиска независност“, се вели во извештајот. 

Во однос на правната рамка се посочува дека иако Уставот гарантира слобода на говорот и забранува цензура, земјата бавно го хармонизира законодавството за медиуми со стандардите на Европската Унија, на која има намера да се приклучи. „Стратешките тужби против учеството на јавноста (SLAPPs) служат како инструменти за заплашување и притисок врз независните медиуми. Нов закон со кој повторно се овластуваат националните и локалните власти да се рекламираат во приватни медиуми предизвика загриженост за можно поврзано рекламирање на влијание“, се вели во извештајот. 

Македонија и лани забележа пад, за дури шест места во однос на 2024 година, кога беше на 36 место.

Норвешка прва, Еритреја последна

Од регионот, задоволителна е состојбата во Словенија (36) и Црна Гора (41), Хрватска (53) е во групата со „проблематични“, како и Бугарија (71), Албанија (83) и Грција (86). Како „тешка“ се оценува состојбата во БиХ (90) и Србија (104).

Прва на ранг листата, веќе десетта година по ред, е Норвешка, додека Еритреја е на последното место. Германија се наоѓа на 14 место, што е пад од три позиции во однос на претходната година, но ситуацијата сè уште се оценува како „задоволителна“. САД паднаа за седум места и сега се на 64 позиција. 

Протест на новинари во Турција 03.05.2017
Партиите меѓусебно се обвинуваат кој е виновен за падот на медиумските слободи Фотографија: Getty Images/C. McGrath

Тешка и многу сериозна состојба

За првпат во историјата на Индексот за слобода на медиумите на „Репортери без граници“, повеќе од половина од земјите во светот сега спаѓаат во категориите „тешка“ или „многу сериозна“ состојба за слободата на медиумите. 

Од петте индикатори што се користат за оценување на слободата на медиумите во светски рамки ( економскиот, правниот, безбедносниот, политичкиот и социјалниот контекст за новинарството), правниот индикатор забележа најголем пад оваа година.

Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, реагираше на најновиот извештај на репортери без граници. „Со Мицкоски Македонија падна за 3 места во Индексот за слобода на медиуми на Репортери без граници. Сега сме во групата земји со 'проблематична состојба'“, порача Филипче на социјалните мрежи.  

Според него, „ова е уште еден доказ како Орбановата медиумска мрежа во служба на Мицкоски ’исполнува’една од клучните реформски точки за ЕУ – слобода на медиуми“.

На критиките возвратија од ВМРО-ДПМНЕ. „Филипче најде да говори за слободата на медиумите и извештајот на Репортери без граници. Филипче се најде за кредибилен и легитимен да говори за слободата на медиумите, кога нема медиум, портал и новинар со кого не се скара“, се вели во реакцијата. Од партијата порачуваат дека „Филипче треба да си стави прст на чело и да размисли што прави со новинарите и медиумите и дали тој негов однос е правилен“. „Доколку смета дека така треба, следната година уште надолу ќе одиме“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.