1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРоманија

Романија: Владата соборена, заштитниот ѕид падна

6 мај 2026

Социјалдемократите - заедно со десните екстремисти - ја соборија реформската влада на премиерот Боложан. Економските последици се сериозни, политичката цена е висока. Дали сега на власт ќе дојдат десните екстремисти.

https://p.dw.com/p/5DL4a
Романија, Букурешт 2026 | Гласање на доверба на премиерот Илие Боложан во парламентот
Пратениците го набљудуваа и снимаа процесот на гласање во романскиот парламентФотографија: Daniel Mihailescu/AFP

Во Романија владите ретко опстојуваат подолг период. Последен пат еден премиер ја извршуваше функцијата цел мандат од 2004 до 2008 година. Од државната криза во 2012 година наваму, Романија имала единаесет избрани премиери, а покрај нив и седум преодни премиери. Формално, со земјата управувале вкупно 19 различни кабинети. Накратко: земјата одамна е хронично нестабилна.

Сега во Романија повторно падна една влада. Во вторникот (5.05.2026), кабинетот предводен од национал-либералниот премиер Илие Боложан, кој беше на функција само десет месеци, беше соборен откако не доби доверба во парламентот. Но овојпат не станува збор само за уште една владина криза.

За првпат во посткомунистичката историја на Романија, една партија од демократскиот, проевропски спектар – во овој случај Социјалдемократската партија (ПСД) – заедно со една десноекстремна, проруски ориентирана партија, Алијансата за обединување на Романците (АУР), поднесе предлог за гласање доверба до парламентот и потоа заеднички гласаше за соборување на владата.

Иако и порано во романскиот парламент имало примери на вакви заеднички гласања, тие не се одвивале во ваква координирана и заеднички испланирана форма. Со тоа, во шестата по големина земја-членка на ЕУ сега падна т.н. „заштитен ѕид“ против крајната десница, кој минатата година експлицитно беше заеднички прогласен од сите демократски парламентарни партии – иако ПСД се обидува да го релативизира ваквото толкување. Како и да е, актуелниот развој на настаните би можел, во случај на предвремени избори, да им го отвори патот кон власта на десните екстремисти.

Кризата трае подолго време

На актуелното соборување на владата му претходеше повеќемесечна криза во кабинетот на Илие Боложан. Таа кулминираше пред две недели, кога социјалдемократите ги повлекоа своите министри од владата и започнаа во парламентот да собираат гласови за предлог за гласање доверба.

Романија, Букурешт 2026 | Премиерот Илие Боложан пред гласањето за доверба во Парламентот
Пред гласањето за доверба, премиерот Илие Боложан се обрати пред пратениците: „Можам да си заминам. Но, проблемите на оваа земја остануваат“, предупреди тој.Фотографија: Vadim Ghirda/AP Photo/picture alliance

Владата на Боложан беше формирана пред нецела година, во јуни 2025 година, со амбициозни реформски планови и во услови на сериозна политичка криза – како коалиција од четири партии, кои својот заеднички именител го дефинираа како проевропски: Социјалдемократите, Национал-либералите (ПНЛ), прогресивно-либералната Унија „Спасете ја Романија“ (УСР), како и партијата на унгарското малцинство во Романија (УДМР).

Тежок политички нов почеток

Во тоа време Романија штотуку имаше зад себе тешки претседателски избори – едните во ноември 2024 година, кои беа поништени поради странско мешање, а потоа и нови избори во мај 2025 година, на кои лидерот на крајнодесничарската партија АУР, Ѓорѓе Симион, со нешто повеќе од 46 отсто од гласовите загуби релативно тесно. Претходно, три десноекстремни партии, меѓу кои и АУР, на парламентарните избори кон крајот на 2024 година освоија околу 30 отсто од гласовите.

Новоизбраниот претседател на Романија, либерално-конзервативниот поранешен граѓански активист Никушор Дан, по изборите во мај 2025 година се залагаше за одржување на заштитниот ѕид против крајната десница и за формирање силна проевропска коалиција. Таа навистина беше формирана, со договор според кој првите две години премиер требаше да дојде од редовите на национал-либералите, а потоа од социјалдемократите.

Зголемувања на даноци и реформа на администрацијата

Владата ја презеде функцијата во услови на сериозна економска криза – со буџетски дефицит од повеќе од девет проценти, забавен економски раст, пренатрупан државен и управен апарат и застој на реформите во бројни сектори. Меѓу првите мерки на владата беа неколку зголемувања на даноците, меѓу другото и во системот на данокот на додадена вредност. Тоа предизвика незадоволство кај голем дел од населението – иако, според анкетите, и денес многу Романци ја сметаат за неопходна реформската политика на владата на Боложан.

Романија, Букурешт 2026 | Демонстрации за поддршка на премиерот Боложан
На демонстрации за поддршка на премиерот Боложан во Букурешт на 3 мај, жена држи транспарент со натпис: „Ги поддржуваме реформите. Ја поддржуваме владата на Илие Боложан“Фотографија: Vadim Ghirda/AP Photo/picture alliance

Истовремено, кабинетот на Боложан спроведе една од најголемите реформи во посткомунистичката историја на Романија – во државниот и управниот апарат, во државните претпријатија и во пензискиот систем. Со тоа беа укинати десетици илјади работни места во државната и локалната администрација, поедноставени беа структурите во институциите, а во државните компании беа укинати непотребни и скапи позиции.

Најконтроверзната реформа, која уште минатата есен доведе до кризни ситуации во коалицијата, беше укинувањето на посебниот пензиски систем за службениците во правосудството. Тие можат да одат во пензија и пред навршени 50 години и добиваат просечни пензии од околу 5.000 евра, во поединечни случаи и до речиси 15.000 евра – додека просечната пензија во Романија изнесува меѓу 500 и 600 евра. Владата на Боложан започна постепено укинување на овие посебни пензии и зголемување на старосната граница – но дали реформата ќе опстане, сè уште е неизвесно.

Само номинално социјалдемократи

Иако веќе се појавија и првични успеси од реформската политика, меѓу другото и намалување на буџетскиот дефицит, социјалдемократите во последните месеци сè поотворено се спротивставуваа на курсот на Боложан. Спротивно на своето име, ПСД е партија со корени во поранешниот комунистички систем, која денес застапува деснопопулистички и деснонационалистички ставови, па дури има и мало десноекстремо крило.

Иако социјалдемократите, поради своето учество во претходни влади, не се единствено одговорни за економската криза и застојот на реформите во Романија, тие сепак носат значителен дел од одговорноста. Во тој контекст, соборениот премиер Боложан во вторникот го нарече барањето за гласање доверба за неговата влада „лажлив, циничен и вештачки“, обвинувајќи ја ПСД дека уште од почетокот во владата „играла улога на опозиција“.

Романија Букурешт 2026 | Сорин Гриндеану на прес-конференција на ПСД
Предлогот за гласање доверба го поднесоа Социјалдемократите на ПСД, предводени од Сорин Гриндеану, кој самиот беше сменет од функцијата премиер во 2017 година преку изгласување недоверба Фотографија: Lucian Alecu/IMAGO

Што следува понатаму?

Заедничкото дејствување на социјалдемократите со крајната десница предизвика загриженост и критики и на европско ниво, особено во редовите на Алијансата на социјалистите и демократите (С&Д) во Европскиот Парламент, каде што членува и ПСД. Како ќе се развива ситуацијата понатаму во Романија, засега е нејасно.

Формално, претседателот може постојано да номинира кандидат за премиер и да му го довери мандатот за формирање влада. Номинираниот кабинет потоа мора да се соочи со гласање за доверба во парламентот. Ако не успее, процесот започнува одново. Претседателот по повеќе неуспешни обиди може – но не мора – да го распушти парламентот.

Во редовите на национал-либералите, дел од партијата се залага за формирање нова влада заедно со социјалдемократите. УСР и УДМР, пак, не сакаат нова коалиција со ПСД. Крајнодесничарската АУР досега постојано ја исклучуваше можноста за коалиција со ПСД, бидејќи ја смета за „системска партија“. Нивниот интерес е што побрзо да се оди на нови избори, бидејќи во споредба со 2024 година сега очекуваат уште поголема поддршка.

Претседателот на Романија, Никушор Дан, сепак, во многу кратка порака во вторникот навечер ја исклучи таквата можност. Тој изгласувањето недоверба го нарече „демократска одлука“ и повика на смиреност. Во земјата, рече Дан, постои прозападен, проевропски консензус. Тој ги исклучи предвремените избори и додаде дека, по завршувањето на сите консултации и уставни процеси, „повторно ќе имаме прозападна влада“.

Кено Верзек, новинар на ДВ
Кено Верзек Уредник, автор и новинар за Европската програма на ДВ