1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Рубио најавува американско преиспитување на НАТО

ЖА/ агенции
31 март 2026

Американскиот државен секретар Марко Рубио предупреди дека САД можат да ја преиспитаат улогата во НАТО поради одбивањето на Шпанија да даде поддршка во војната со Иран.

https://p.dw.com/p/5BPT6
Американскиот државен секретар Марко Рубио
Американскиот државен секретар Марко Рубио упати остра критика кон Шпанија и повеќе други членки на НАТО Фотографија: Kevin Wolf/AP Photo/dpa/picture alliance

Американскиот државен секретар Марко Рубио упати остра критика кон Шпанија и повеќе други членки на НАТО поради, како што оцени, недоволната поддршка за САД во  војната против Иран.  Тој оцени дека однесувањето на одредени сојузници го доведува под прашање идниот ангажман на Вашингтон во Алијансата.

САД незадоволни од ограничувањата на воздушниот простор и базите

Рубио за телевизијата „Ал Џезира“ изјави, според транскрипт од неговото министерство, дека во момент кога  САД  имаат најголема потреба од сојузничка поддршка, НАТО-членката Шпанија „се пофалила“ со својата одлука да им го забрани на САД користењето на својот воздушен простор.

Тој додаде дека Вашингтон се соочил со „значителен отпор“ освен во Шпанија и во други европски земји во обидите да добие дозволи за користење на воени бази како дел од операциите против Иран.

Според Рубио, НАТО е корисен за САД затоа што им овозможува да распоредат војници и опрема на  стратешки локации во Европа.  Но, ако Алијансата се сведува само на обврската Америка да ја брани Европа, додека европските партнери им го ограничуваат пристапот до бази кога им се најпотребни, „тоа не е добра спогодба“.

„НАТО не смее да биде еднонасочна улица“

Рубио порача дека по завршувањето на војната, САД ќе мора сериозно да ја преиспитаат својата позиција во рамките на НАТО.

„Ова е сојузништво, а сојузништвото не смее да биде еднонасочна улица. Се надевам дека ќе успееме да го поправиме тоа“, нагласи тој.

Што го предизвика незадоволството во Вашингтон

Шпанската влада неодамна го затвори националниот воздушен простор за сите летови поврзани со војната против Иран. Уште во првите денови од конфликтот, таа им забрани на САД да ги користат воените бази Рота и Морон за операции против Техеран. Двете бази, лоцирани во Андалузија, со децении се управуваат заеднички од Мадрид и Вашингтон.

Американскиот претседател  Доналд Трамп  веќе неколку пати јавно ги нападна европските партнери поради, според него, недоволната поддршка. Тој неодамна ја критикуваше и Велика Британија поради одложувањето на одобрението при американските воени операции од европски територии.

Важен столб на  НАТО е принципот на меѓусебна одбрана според членот 5, но војната против Иран – започната од САД и Израел – формално не е покриена со овој механизам, што им дозволи на европските членки да ја ограничат помошта.