Како Русија ги блокира Јутјуб и Ватсап
13 февруари 2026
Јутјуб исчезна од рускиот интернет. Надзорната агенција „Роскомнадзор“ го отстрани доменот „youtube.com" од своите ДНС-сервери. Кога се пристапува до видео‑платформата од Русија, рутерот не може да ја поврзе веб‑адресата со нејзината ИП‑адреса и прикажува порака за грешка. И доменот на Ватсап исчезна од ДНС‑серверите на „Роскомнадзор“. Ова се случува паралелно со тековната кампања на руските власти против месинџерот Телеграм. Според експертите, „Роскомнадзор“ сè поинтензивно презема мерки против услуги кои не се под негова контрола.
За појаснување: ДНС‑серверите (Domain Name System) функционираат како телефонски именик на интернетот, а ИП‑адресите се броеви кои ги прават компјутерите, смартфоните и рутерите достапни и можни за идентификување. Кога комуникацијата меѓу ДНС‑серверот и ИП‑адресата е оневозможена, може да помогне ВПН (Virtual Private Network): тој воспоставува енкриптирана врска меѓу уредот и серверот. На тој начин може да се заобиколи геоблокирање и да се сурфа анонимно.
ДВ ги провери советите на експерти и интернет‑корисници за заобиколување на руските блокади и анонимно праша 9000 корисници за проблемите со Јутјуб во Русија. 46 проценти изјавија дека ја користат платформата преку ВПН, 24 проценти пријавија постојани проблеми со поврзување и покрај ВПН, 27 проценти велат дека не живеат во Русија, а три проценти дека не користат ВПН и дека искусиле пречки.
Промена во пристапот до веб-страниците
Михаил Климарев, експерт за интернет‑цензура, на Телеграм‑каналот „zatelecom" вели дека ДНС‑серверите на „Роскомнадзор“ всушност треба да се нарекуваат НДНС, односно „Национален систем за домени“. Климарев зборува за систем од софтвер и хардвер кој бил воведен во Русија заедно со законот за „суверен руски интернет“. „Фактички, тоа е алтернативен ‘интернет‑именик’ кој руските телекомуникациски оператори мора да го користат“, вели тој. Според законот, руските провајдери не смеат да се ориентираат според меѓународните регистри, туку само според НДНС. Ова ѝ овозможува на агенцијата централизирано да го контролира пристапот до веб‑страници.
Според информациите на Телеграм‑каналот „na_sviazi", неодамна биле отстранети 13 домени од НДНС. Тука спаѓаат домените на ДВ, Би-Би-Си, Радио Слободна Европа, Фејсбук и Инстаграм. Досега „Роскомнадзор“ најмногу ја користеше технологијата ДПИ (Deep Packet Inspection) како метод за ограничување на пристап. На овој начин агенцијата можеше да го анализира и филтрира интернет‑сообраќајот. Со ДПИ може и да се намали брзината на пренос на податоци, па видеата кај руските корисници на Јутјуб се вчитуваа бавно или воопшто не се вчитуваа. Така услугата технички беше достапна, но функционираше со прекини.
Независниот телекомуникациски експерт Алексеј Учакин во рускиот економски портал РБЦ изрази сомнеж дека капацитетите на „Роскомнадзор“ за намалување на брзината можеби се ограничени. Затоа агенцијата преминала на построга блокада за да ослободи ресурси за блокирање на Телеграм.
Што пишуваат корисниците на Јутјуб?
Во коментарите на Јутјуб‑каналот на ДВ, корисниците известуваат за влошување на квалитетот на пристап. Еден корисник забележува: „Дури и со ВПН се чувствува значително забавување и нестабилност.“ Друг пишува: „Потешко е да се гледа Јутјуб. Но мислам дека тоа не е поради Јутјуб, туку поради ВПН. Користам бесплатни верзии.“ Трет корисник вели дека никогаш не го исклучува ВПН‑от на својот лаптоп, „зашто без него ништо не работи“.
Во исто време, многумина се жалат дека дури ни ВПН‑сервисите не функционираат стабилно. Во коментарите се претпоставува дека тоа делумно може да се должи на ограничувања од страна на самите ВПН‑понудувачи или на адблокери.
Што можат да направат обичните корисници?
„Кога во една земја е достапен само НДНС, нема подесувања што можат да ја вратат нормалната ДНС‑функционалност“, пишува „na_sviazi". „Во таков случај мора сериозно да се размисли за заштита на интернет‑сообраќајот и избор на доверливи ВПН‑сервиси.“
Експертот за цензура Климарев предупредува дека дури ни користењето ДНС‑услуги и ВПН‑ови од трети страни не нуди целосна заштита. Интернет‑операторот може да блокира и алтернативни ДНС‑сервиси. Според него, користењето доверлив ВПН останува најефективниот начин да се остане во контакт со надворешниот свет. Но Климарев предупредува и дека руските власти би можеле да фалсификуваат ИП‑адреси. „И тогаш нема да бидете насочени таму каде што сакате“, истакнува тој. Корисникот може да биде пренасочен не кон вистинските веб‑страници, туку кон лажни копии создадени за кражба на логини, лозинки и банкарски податоци.
Што се случува со интернетот во Русија?
Експертите се согласуваат дека блокирањето на Јутјуб и Ватсап е поврзано и со тековниот притисок врз Телеграм. „Роскомнадзор“ официјално ги потврди ограничувањата за месинџерот. Агенцијата го оправдува тоа со „прекршување на рускиот закон“ и „загрозување на безбедноста на граѓаните“. Паралелно, на суд во Москва, Телеграм е обвинет дека не избришал забранети содржини и дека не ги исполнува „обврските на оператор на социјална мрежа“. Телеграм веќе доби казна од речиси 11 милиони рубљи (околу 120.000 евра).
Ваквиот развој води до создавање на посебен руски интернет‑сегмент кој сè помалку ќе наликува на глобалната мрежа, смета Климарев. „Некогаш во Руската Федерација ќе постои сосема поинаков интернет, различен од светскиот“, предупредува тој. „И нема да може да му се верува.“
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик