САД без ракети во Германија – дали дронови се решение?
25 мај 2026
Прашањето за ракети со среден дострел во Германија изгледаше веќе решено: додека Берлин не развие сопствени капацитети, САДтребаше да обезбедат поддршка. Американските крстосувачки ракети „Томахавк“, со дострел до 2.500 километри, требаше да бидат стационирани во Германија и, доколку е потребно, да достигнуваат цели на руска територија. За споредба, германскиот систем „Таурус“ има максимален дострел од околу 500 километри.
Договорот беше постигнат во 2024 година меѓу тогашниот германски канцелар Олаф Шолц и американскиот претседател Џо Бајден. Распоредувањето требаше да започне оваа година и да го премости периодот до развојот на европски еквивалентни системи. Сепак, планот е укинат.
Актуелниот американски претседател Доналд Трамп ја поништи одлуката на својот претходник, во контекст на заладени односи со германскиот канцелар Фридрих Мерц и по најавеното повлекување на најмалку 5.000 американски војници од Германија.
За германскиот министер за одбрана Борис Писториус, ова претставува сериозен проблем – значително слабеење на способноста за воена одбрана.
Ракетната празнина и новата стратегија
Американските планови не опфаќаа само „Томахавк“, туку и противвоздушни ракети SM-6, како и хиперсонично оружје способно да совлада огромни растојанија со повеќекратна брзина на звукот.
Со оваа комбинација, САД ќе можеа да спроведуваат прецизни удари на голема далечина – капацитет што Германија во моментов не го поседува. Намерата беше да се воспостави противтежа на руските воени капацитети.
Русија, пак, во Калининград има распоредено ракети „Искандер“, потенцијално опремени со нуклеарни боеви глави, кои можат да погодат цели низ цела Германија и голем дел од Европа. Дополнително, Москва располагa со ракети од среден дострел „Орешник“ во Белорусија, исто така со потенцијален нуклеарен капацитет.
Во оваа ситуација, Берлин итно бара решение. Новата воена стратегија предвидува забрзано развивање на способност за таканаречени „прецизни длабински удари“ (Deep Precision Strikes) – напади врз командни центри, аеродроми, логистички јазли и индустриски цели длабоко зад линијата на фронтот.
Европа зависна од САД, решенијата доаѓаат предоцна
Одлуката на Вашингтон повторно ја нагласува европската зависност од американската воена моќ. Германија и партнерите работат на сопствен систем во рамки на иницијативата ELSA (European Long-Range Strike Approach), но се очекува тој да биде оперативен дури средината на 2030-тите.
Безбедносните експерти предупредуваат дека тоа е предоцна. Аналитичарот Нико Ланге посочува дека празнината може да се затвори само со забрзано воведување домашно произведени ракети со среден дострел, независни од САД.
Во меѓувреме, германското Министерство за одбрана размислува за купување „Томахавк“ ракети и лансирни системи „Тифон“ од САД. Сепак, поради тековните воени операции, вклучително и конфликтот со Иран, американските залихи и производни капацитети се значително оптоварени.
Писториус веќе најави дека ќе го отвори прашањето при посетата на Вашингтон. Германија поднела барање уште пред година и половина, но одговор сè уште нема, а очекувањата се умерени.
Дроновите како нова стратегиска опција
Една од алтернативите се дронови со долг дострел. Иако имаат помала разорна моќ од крстосувачките ракети, тие се значително поевтини и полесни за масовно производство.
Германија планира заеднички развој со Украина на напредни беспилотни системи, особено за „deep strike“ операции. Станува збор за дронови со дострел до 1.500 километри.
Украина, која од 2022 година се брани од руска инвазија, се смета за глобален лидер во употребата на дронови. Во април, Берлин и Киев договорија продлабочена воена соработка, вклучително и развој на системи со голем дострел.
Овој чекор претставува значаен пресврт: откако Германија одби да испорача ракети „Таурус“ на Украина, сега двете земји заедно работат на развој на оружје што може да погоди цели на уште поголеми растојанија.