1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСоединети Американски Држави

САД запленија танкер за нафта: Порака и до Путин?

АРД
8 јануари 2026

Танкерот за нафта „Маринера“ е во најмала рака четврти брод, што беше следен и запленет од страна на САД. Наводно и „Маринера“ е дел од венецуелската флота во сенка, а плови под руско знаме.

https://p.dw.com/p/56Vbj
Танкер со нафта на отворено море
САД го следеа танкерот од минатиот месец, откако се обиде да ја избегне блокадата на САД околу ВенецуелаФотографија: Hakon Rimmereid/REUTERS

Следењето траеше околу две недели, потоа силите на американската крајбрежна стража и морнарицата интервенираа и танкерот за нафта „Маринера“ го ставија под своја контрола. Бродот е запленет во Северниот Атлантик врз основа на одлука од американски сојузен суд, рече портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит. Станува збор за брод што припаѓа на венецуелската флота во сенка, која во минатото транспортирала санкционирана нафта. „Со овој претседател на чело на САД, државата тоа нема да го толерира“, додаде Ливит. За операцијата САД имале поддршка и од воен авион и воен брод од Велика Британија. До пред неколку дена, танкерот се викаше „Бела 1“, а потоа беше преименуван и одеднаш пловеше под руско знаме, веројатно во обид да се одврати американската крајбрежна стража.

Извештаи за руски бродови во близина

Според извештаите, во близина на танкерот имало и руска подморница и други руски бродови, но не дошло до директна конфронтација. САД претходно во Карибите го запленија танкерот „М Софија“. Со ова, бројот на танкери за нафта запленети од страна на САД во нивната кампања против флотата во сенка, се искачи на најмалку четири брода. Претседателот Доналд Трамп се обидува еден по еден да ги извади од употреба танкерите во сенка, објасни за Си-Ен-Ен поранешниот амбасадор на САД во Брисел, Гордон Сондленд. „На тој начин Трамп врши дополнителен притисок врз економиите на Иран, Русија и Венецуела додека не ги постигне резултатите што ги наумил“, вели Сондленд. 

Русија со сенишна флота го заобиколува нафтеното ембарго

Според него, тоа треба да го притисне лидерот на Кремљ, Владимир Путин, и да попушти по прашањето за Украина. „Време е да ѝ се покаже на Русија. Толку многу се воздржувавме и му дадовме на Путин прилики да излезе од приказната и да склучи договор“, заклучува поранешниот амбасадор.

САД сакаат контрола врз нафтената индустрија на Венецуела

САД со операциите против флотата во сенка истовремено го потенцираат нивното право за контрола на нафтената индустрија на Венецуела. Тие сакаат целосен пристап и целосна контрола. Според Трамп, владата во Каракас се согласила да им препушти на САД меѓу 30 и 50 милиони барели сурова нафта, која треба да биде пренесена во Америка и потоа да биде продадена по цените на светскиот пазар. САД ќе контролираат како се распределуваат приходите, најави американскиот државен секретар Марко Рубио. „За да служат на венецуелскиот народ, а не да исчезнат во корупција, или во режимот. Со тоа имаме значително средство за притисок за стабилизирање на земјата“, додаде Рубио. Според Белата куќа, дел од приходите треба да останат во САД. За да се овозможи овој наводен договор за извоз на нафта, американската влада сега укинува некои од санкциите против Венецуела – од венецуелската државна нафтена компанија пак првично изјавија само дека се во преговори со САД.

Автор: Карстен Кинтоп, АРД Вашингтон