1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСоединети Американски Држави

Трамп изрази отвореност за разговори со Мадуро

СН/дв | агенции
18 ноември 2025

Иако Трамп изјави дека е подготвен да разговара со Мадуро, тој не ја исклучи можноста за испраќање американски трупи во Венецуела. Кратко по изјавата на Трамп, и Мадуро порача дека е отворен за „директен дијалог“.

https://p.dw.com/p/53nAT
Композитна фотографија на претседателите на САД и на Венецуела, Доналд Трамп (лево) и Николас Мадуро во крупен план
Доналд Трамп изјави дека во одреден момент ќе разговара со венецуелскиот претседател Николас МадуроФотографија: Evan Vucci/AP/dpa/Cristian Hernandez/AP/picture alliance

Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот изјави дека е подготвен да разговара со венецуелскиот претседател Николас Мадуро, но не ја исклучи можноста за распоредување американски трупи во Венецуела.

„Во одреден период, ќе разговарам со него“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба.

На прашањето дали би ја исклучил можноста за испраќање на американската војска во Венецуела, Трамп рече: „Не, не го исклучувам тоа, не исклучувам ништо“.

„Само треба да се погрижиме за Венецуела“, додаде тој. „Ни испратија стотици илјади луѓе од затвор во нашата земја“.

Неколку часа подоцна, Мадуро изјави во својата неделна телевизиска емисија дека е подготвен за „директен“ разговор, лице в лице.

„Оваа земја ќе продолжи да живее во мир, а во САД, секој кој сака да разговара со Венецуела ќе разговара директно, без никакви проблеми“, рече Мадуро.

Во што е спорот меѓу Венецуела и САД?

Во последните месеци, администрацијата на Трамп го засили распоредувањето на американски трупи во Карибите под образложение дека се таму за борба против трговците со дрога, за кои тврди дека се стационирани во неколку латиноамерикански земји, вклучувајќи ги Венецуела и Мексико.

Во текот на изминатите неколку месеци, американските напади врз наводните венецуелски бродови за шверц на дрога резултираа со неколку жртви.

Од септември, американските сили убија најмалку 83 лица во воздушни напади врз бродови за кои тврдат дека превезуваат дрога, според бројките на агенцијата АФП, базирани на јавно објавени бројки.

Меѓутоа, САД не доставија никакви докази за да ги поткрепат своите тврдења дека луѓето кои беа цел на нападите се трговци со дрога.

САД, исто така, го обвинија Мадуро дека раководи со „терористички“ нарко картел, што тој негира.

Во меѓувреме, Мадуро повеќепати тврдеше дека зголемувањето на американската војска во Карибите има за цел да го собори од власт.