1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп лут на Путин: Промена на курсот во војната во Украина?

Ралф Борхард | дпа
9 јули 2025

Американскиот претседател Трамп го обвини Владимир Путин дека зборува глупости и, според „Волстрит журнал“, размислува да ѝ испрати на Украина систем за воздушна одбрана. Дали се менува курсот во војната во Украина?

https://p.dw.com/p/4xAON
Човек во темен костум, на кој има значка со американското знаме, и сина вратоврска (американскиот претседател Трамп) седи на фотелја со жолта боја
Американскиот претседател Трамп го обвини рускиот лидер Путин дека зборува глупостиФотографија: Kazuhiro Fujihara/Jiji Press/picture alliance/dpa

Доналд Трамп во текот на изминатите денови повеќепати го критикуваше Владимир Путин. Но, досега немало олку остра критика: „Добиваме многу глупости од Путин, ако сакате да ја знаете вистината“, рече Трамп како одговор на прашањата на новинарите на последната седница на кабинетот. „Тој е многу фин цело време, но се покажува дека тоа е безначајно“.

Трамп продолжи, велејќи дека Путин убива премногу луѓе. Затоа САД ќе испратат „одбранбено оружје“ во Украина, кое тој го одобрил. Па, зошто тогаш САД првично ги прекинаа испораките минатата недела, на пример на ракети за противвоздушна одбрана „Патриот“, кои се особено важни за Украина?

Дали сè уште има доволно залихи на оружје?

Викторија Коутс, заменик-советник за национална безбедност за време на првиот мандат на Трамп, а сега во Фондацијата Херитиџ која му е блиска на Трамп, вели дека одлуката ја донел Елбриџ Колби. Колби е државен секретар во Министерството за одбрана и се смета за најважен советник на министерот Пит Хегсет: „Ова беше дел од сеопфатна проверка иницирана од секретарот Колби“, изјави Коутс за Фокс њуз.

Проверката на тоа дали САД сѐ уште имаат доволно залихи на оружје е направена по обемните испораки во мандатот на претходникот на Трамп, Џо Бајден. „Она што мора да го гарантираме е американскиот народ да биде безбеден пред да им помогаме на нашите партнери и сојузници“, изјави Коутс.

Министерот за одбрана не го информирал Трамп

Според истражувањата на различни американски медиуми, министерот за одбрана Хегсет го одобрил замрзнувањето на испораките без однапред да го информира претседателот Трамп. Трамп, кој очигледно бил особено вознемирен од рускиот претседател по неговиот неодамнешен телефонски разговор со Путин, сега го ревидира запирањето на испораката.

Карикатура на ДВ по повод последниот телефонски разговор на Трамп со Путин: Фигура која личи на американскиот претседател Трамп држи црвена телефонска слушалка в раце и вели : „Ех, Володја, Володја...“
Карикатура на ДВ по повод последниот телефонски разговор на Трамп со ПутинФотографија: DW

Но, дали ова претставува трајно вртење на грб на Путин? Дали Трамп навистина е спремен да изврши притисок врз Русија? „Самата изјава на Трамп е доста впечатлива“, оцени коментаторот на „Њујорк тајмс“, Дејвид Сенгер, на Си-Ен-Ен. „Само пред неколку месеци, Трамп го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски дека е соодговорен за инвазијата на сопствената земја“.

Мајкл Мекфол, амбасадор на САД во Москва во времето на претседателот Барак Обама, останува скептичен. „Трамп сега го препозна проблемот: Путин не го слуша“, изјави Мекфол за Ем-Ес-Ен-Би-Си. Во исто време, тој нагласи дека оружјето што сега се ослободува за испорака е одобрено од претседателот Бајден. Откако ја презеде функцијата, Трамп не испратил никакво дополнително оружје во Украина, тој само го испорачува она што претходно е ветено.

Според „Волстрит журнал“, Трамп сепак размислува за испорака на дополнителен систем за противвоздушна одбрана на Украина од типот „Патриот“. Доколку тоа се случи, тоа би била прва испорака на поголем вооружен систем на Киев кој би бил плус на она што веќе го вети Бајден.

Досега нема зголемени санкции против Русија

Трамп досега сè уште не се согласил на построги економски санкции против Русија, како што бараше натпартиското мнозинство од демократските и републиканските сенатори. На последниотт состанок на кабинетот, Трамп само изјави дека сега повторно внимателно ги преиспитува овие санкции. За Мајкл Мекфол, останува прашањето: „Зошто претседателот Трамп му дозволува на Путин да го направи да изгледа толку слаб?“

Весли Кларк, поранешен врховен командант на НАТО во Европа, за Си-Ен-Ен изјави: „Оваа влада нема вистинска политика кон Украина. Претседателот Трамп веќе некое време се врти против Путин - користејќи зборови како 'фрустриран сум, ова не е во ред, бла, бла, бла, Владимир, престани'. Но, тој никогаш не направил ништо.“