1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп ѝ се заканува на Би-Би-Си со тужба од милијарда долари

ЕМФ | агенции
11 ноември 2025

Американскиот претседателот Доналд Трамп му се закани на британскиот радиодифузен сервис Би-Би-Си со тужба во висина од најмалку една милијарда долари.

https://p.dw.com/p/53PVB
Американскиот претседател Доналд Трамп се заканува со тужба против Би-Би-Си од милијарда долари
Трамп побара од Би-Би-Си до петок да ја повлече контроверзната документарна емисија, да објави извинување и да исплати „соодветна“ отштетаФотографија: Brendan Smialowski/AFP

Претседателот на САД, Доналд Трамп, бара од Би-Би-Си повлекување на контроверзниот документарец за него и се заканува со тужба од најмалку една милијарда долари. Во писмо до британскиот радиодифузер адвокатите на Трамп побараа од телевизијата до петок да ја повлече контроверзната документарна емисија, да објави извинување и да исплати „соодветна“ отштета.

Реакција од Би-Би-Си и оставки на раководството

Телевизијата во понеделникот призна дека направила грешка при монтажа на прилогот. Портпарол на Би-Би-Си изјави дека радиодифузерот ќе одговори на писмото во соодветно време.

Скандалот предизвика сериозна криза во Би-Би-Си и во неделата (9.11) доведе до оставка на генералниот директор Тим Дејви и извршната директорка на вести Дебора Тарнес.

Причина беше внатрешен извештај кој, меѓу другото, се однесуваше на документарна емисија од серијата „Панорама“, емитувана непосредно пред претседателските избори во САД во 2024 година. Во неа, три делови од говорот на Трамп од 6 јануари 2021 биле монтирани на таков начин што се создавал впечаток дека тој директно повикува на напад врз Капитол. Притоа бил изоставен делот од говорот во кој Трамп ги повикува своите поддржувачи да маршираат мирно и патриотски. Документарецот веќе не е достапен во медијатеката на телевизијата.

Политички реакции и правни импликации

Портпарол на адвокатскиот тим на Трамп изјави: „Би-Би-Си го наклевети претседателот Трамп, со тоа што намерно и измамнички ја уреди својата документарна емисија со цел да се обиде да влијае врз претседателските избори.“

Портпарол на британскиот премиер Кир Стармер изјави дека иако биле направени грешки, владата сепак го поддржува Би-Би-Си.

Трамп, наводно, планира да ја поднесе тужбата во американската сојузна држава Флорида. Сепак, според тамошниот закон, на јавни личности им е тешко да добијат тужби за клевета, бидејќи мора да докажат дека обвинетите свесно ширеле лажни информации.