1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп верува во можност за договор меѓу Украина и Русија

ЕМФ / дпа
1 декември 2025

Американскиот претседател Трамп смета дека има добри шанси за постигнување договор за американскиот план за Украина. Специјалниот американски пратеник Виткоф денеска патува во Русија за да преговара со Кремљ.

https://p.dw.com/p/54WyU
Американскиот претседател Доналд Трамп
Американскиот претседател Трамп смета дека има добри шанси за постигнување договор за американскиот план за УкраинаФотографија: Pete Marovich/Getty Images

Американскиот претседател Доналд Трамп изрази оптимизам по разговорите меѓу претставници на Украина и неговата влада за можни начини за завршување на војната во Украина.

Трамп уште еднаш искажа увереност дека и Русија и Украина сакаат крај на војната. „Мислам дека постои добра шанса да постигнеме договор“, рече тој во претседателскиот авион „Ер Форс Уан“.

Американскиот пратеник Виткоф заминува за Москва

Трамп спомена и дека неговиот специјален пратеник Стив Виткоф оваа недела треба да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во Москва. Американскиот претседател не наведе точен датум. Неколку американски медиуми јавија дека Виткоф планира да отпатува во Русија во текот на денешниот ден (1.12).

Рубио: „Има уште многу работа“

Додека Трамп зборува за добри изгледи за компромисно решение за мир, неговиот министер за надворешни работи Марко Рубио, кој учествуваше на последните преговори, изјави дека «има уште многу работа».

САД 2025 | Стив Виткоф, Марко Рубио и Џаред Кушнер го слушаат Рустем Умеров
Претставници на Украина и САД за време на преговорите за можен договор за крај на војнатаФотографија: Chandan Khanna/AFP

Германскиот министер Вадефул со претпазлив оптимизам

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул е претпазливо оптимистичен: „Сега влегуваме во една одлучувачка недела“, рече тој во емисијата „Извештај од Берлин“ на АРД.

Вадефул додаде: „Претпазливо сум оптимистичен дека навистина постои шанса да има прекин на огнот и да се водат рамноправни преговори.“

Украина зборува за напредок, но без детали

Водачот на украинската делегација на преговорите Рустем Умеров, по разговорите на Флорида, на Телеграм соопшти дека го информирал претседателот Володимир Зеленски.

„Постигнавме значителен напредок во промовирањето на достоинствен мир и приближување на нашите позиции кон американската страна. Нашите најважни цели – безбедност, суверенитет и сигурен мир – остануваат непроменети и се споделени од американската страна.“ Умеров најави понатамошни консултации за договор околу заедничка рамковна одлука.

САД 2025 | Рустем Умеров зборува на состанокот со американската делегација во Флорида
Рустем Умеров (втор од д.) на преговорите за американскиот план за Украина во ФлоридаФотографија: Chandan Khanna/AFP

И покрај изразениот оптимизам, тој се согласи со оценката на Рубио дека има уште многу работа. Американскиот министер за надворешни работи во неделата лично присуствуваше на средбата со украинската делегација во Флорида. Ниту Рубио ниту Умеров не прецизираа во кои аспекти е постигнат напредок и каде сè уште има пречки.

Зеленски: Важно е што разговорите беа конструктивни

Украинскиот претседател Зеленски на Телеграм напиша дека е благодарен на САД, на тимот на Трамп и лично на претседателот за времето „кое толку интензивно беше вложено во утврдување на чекори за завршување на војната“.

Тој нагласи дека е важно што „разговорите беа конструктивни и сите прашања се дискутираа отворено со цел зачувување на суверенитетот и националните интереси на Украина.“

Путин го пофали претходниот нацрт

Неодамна преку медиумски извештаи стана јавно познат првиот план на САД за завршување на војната од 28 точки, кој беше жестоко критикуван како „руска листа на желби“ и навреда за Киев.

Европејците и Украинците потоа преговараа за нацрт-договорот со американските претставници, но неколку точки останаа спорни.

Путин го пофали првиот американски план и го нарече основа за можни мировни преговори.