1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Улогата на муџахедините од Албанија во револуцијата во Иран

23 јануари 2026

Организацијата MEK има околу 3.000 членови во Албанија и често се споменува како фактор во протестите во Иран, но експертите се разидуваат околу нејзиното реално влијание.

https://p.dw.com/p/578HW
Протест на поддржувачите на Националниот совет за отпор на Иран пред Белата куќа за промена на режимот во Иран. 31.12.2025
Поддржувачите на Националниот совет за отпор на Иран се собраа пред Белата куќа за промена на режимот во Иран.Фотографија: Evan Vucci/AP Photo/picture alliance

Утврдениот камп во Манзе, мало село во централна Албанија во близина на главниот град Тирана, претставува дом за околу 3.000 членови на Народната муџахединска организација на Иран (ПМОИ), позната и како Муџахедин-е-Калк (МЕК). Тие се наоѓаат во Албанија од 2013 година, кога албанската влада се согласи да ги прими по барање на САД и Обединетите нации

Станува збор за исламска политичка опозициска група со социјалистички идеи, основана во 1965 година во Иран. Првично водела вооружена борба против владејачката династија Пахлави, изведувајќи бомбашки напади и врз американски цели во 1970-тите. Организацијата ја поддржала Исламската револуција во 1978–1979 година и ајатолахот Рухолах Хомеини.

Но, MEK многу брзо влегла во конфликт со новите власти во Техеран и беше забранета. Лидерството и активистите заминале во егзил, каде продолжиле со опозициска дејност.

Подоцна организацијата се преселила во Ирак, од каде што за време на иранско-ирачката војна спроведувала воени операции против Иран — нешто што и денес многу Иранци и го замеруваат на организацијата MEK.

Во 1997 година американскиот Стејт департмент ја прогласил MEK за терористичка организација, а во 2012 година ја повлекол таа одлука. Организацијата прва во 2002 година објави дека Иран тајно збогатува ураниум. По падот на Садам Хусеин, MEK била протерана од Ирак.

Влезот на седиштето на иранската опозициска група Народна муџахединска организација на Иран, во Албанија
Седиштето на иранската опозициска група Народна муџахединска организација на Иран, во АлбанијаФотографија: Siavosh Hosseini/NurPhoto/picture alliance

Новиот бран протести во Иран

Според Андреас Криг, експерт за Блискиот Истоки виш предавач на Факултетот за безбедносни студии при Кингс колеџ во Лондон, актуелниот бран протести во Иран не е изолиран настан, туку „спојување на долготрајно незадоволство“ што конечно се синхронизирало.

„Протестите започналаа со остар економски шок — пад на вредноста на валутата, инфлација, нагли поскапувања, недостиг на стоки и блокада на трговијата. Кога граѓаните увидоа дека државата не може или не сака да ја стабилизира нивната секојдневица, незадоволството брзо се политизираше“, вели тој за ДВ.

Криг додава дека протестното движење има широк профил: трговците и бизнис-секторот го иницирале замавот, студентите и урбаните центри ја одржувале видливоста, а периферните и етничките региони го прошириле отпорот.

Одговорот на режимот преминал од заплашување во жестока репресија, вклучувајќи национално исклучување на интернетот за да се забави координацијата и да се намали надворешниот надзор.

Фрагментирана опозиција

Иако во Иран со децении се случуваат масовни протести, опозицијата е силно поделена. Според Криг, протестите внатре во Иран најчесто се без централизирано раководство и функционираат преку локални мрежи, универзитетски групи и работни колективи.

Најголеми опозициски групи надвор од Иран се монархистите и MEK. Кралското семејство Пахлави, предводено од наследникот Реза Пахлави, има бројни поддржувачи во дијаспората, но неговата реална поддршка во Иран останува нејасна.

„Надвор од Иран, дијаспората останува влијателна во обликувањето на наративот и моралот, но е организациски поделена и честопати не ѝ веруваат луѓето во земјата кои се плашат и од манипулации и од вакуум по колапсот“, вели Андреас Криг.

Пламен се издига од запалена барикада на средина на улица за време на тековните антирежимски демонстрации во Иран. 10.01.2026
Оваа фотографија, добиена од МЕК, покажува пламен како се издига од запалена барикада на средина на улица за време на тековните антирежимски демонстрации во Иран.Фотографија: MEK/The Media Express/SIP/SIPA/picture alliance

Каква улога имала MEK во протестите?

Организацијата MEK е најголем член на Националниот совет за отпор на Иран (НЦРИ). Али Сафави од НЦРИ тврди дека МЕК активно учествувала во протестите.

„Единиците на отпор ги координираат и организираат демонстрациитеи им помагаат на граѓаните да се заштитат од репресивните сили“, изјавил Сафави, додавајќи дека без МЕК протестите би биле „брзо задушени“. Тој тврди и дека значителен број активисти на MEK се меѓу повеќе од 3.000 убиени од безбедносните сили.

Но, Андреас Криг предупредува дека треба да се разликува „перципираниот од реалниот домет“ на MEK. Организацијата, вели тој, е медиумски моќна и добро координирана во странство, но има сериозни проблеми со легитимитетот кај многу Иранци поради своето минато, обвинувања за строга внатрешна контрола и долготраен егзил.

Затоа многу Иранци ја гледаат како „странски тројански коњ“. Според Криг, MEK „воопшто нема улога во водењето на протестите“.

Повиците кон Европа

МЕК и НЦРИ повикуваат ЕУ да преземе остри мерки против иранскиот режим. Сафави бара Европската унија да го прогласи Корпусот на исламската револуционерна гарда (ИРЦГ) за терористичка организација, да ги протера иранските дипломати, да ги повлече амбасадорите од Техеран, да го исклучи Иран од меѓународниот финансиски систем, да воведе ембарго на нафта и да ги изведе иранските лидери пред меѓународни судови — вклучително и врховниот лидер Али Хамнеи.

Албанските медиуми интензивно известуваат за MEK и за протестите во Иран. Членовите на MEK во Албанија се многу активни на социјалните мрежи и редовно објавуваат содржини поврзани со убиените демонстранти и со активистите на MEK кои, според нив, биле ликвидирани за време на протестите.

Албанскиот премиер Еди Рама, кој во септември 2022 година ги прекина дипломатските односи со Иран по обвинувањата за ирански кибернапади, досега не ги коментирал најновите случувања во Иран.

Елона Елези
Елона Елези Дописничка на DW Албански