1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИран

Војна во Иран: Зошто Русија не му помага на Техеран?

5 март 2026

Иранскиот режим, со многу мал број меѓународни сојузници, смета на поддршката од Москва при американско-израелските напади, но досега остана длабоко разочаран.

https://p.dw.com/p/59rfR
Знамињата на Иран и Русија на мали јарболи на маса со цветен аранжман во средина. Зад неа се гледа раскошна софа.
Партнерството меѓу Русија и Иран се протега од воена поддршка до заеднички економски интересиФотографија: Iranian Presidency/ZUMA/picture alliance

Само неколку часа откако израелски и американски бомби почнаа да детонираат во Техеран во саботата, Русија се огласи со јасен став преку постојаниот претставник на земјата при ООН, Василиј Небензија, кој зборуваше за „неиспровоциран чин на вооружена агресија против суверена и независна земја-членка на ОН“. Москва е еден од ретките, но најцврсти сојузници на Техеран, а евентуалниот колапс на иранскиот режим би можел да биде удар за геополитичките и економските интереси на Русија. Зошто тогаш земјата не му излезе на Техеран во пресрет со помош?

Партнерството меѓу Русија и Иран

Москва и Техеран соработуваат на неколку економски проекти од витално значење за Русија, посочува за ДВ Никита Смагин, независен експерт за Русија и Блискиот Исток со седиште во Азербејџан. „Транспортниот коридор Север-Југ е еден од нив, особено откако Русија беше отсечена од нејзините традиционални транзитни рути по почетокот на целосната инвазија на Украина во февруари 2022 година“, објаснува тој. Русија, Индија и Иран потпишаа договор за мрежа од 7.200 километри (4.473 милји) со мулти модули во 2000 година, која исто така треба да минува низ Азербејџан. Според тинк-тенкот Заливски истражувачки центар со седиште во Саудиска Арабија, 75% од проектот се завршени. Иран и од воен аспект е клучен за Русија, меѓу другото и заради т.н. „Шахед“ дронови кои ѝ ги испорачува од 2023 година. Беспилотните летала во голема мера го сменија текот на војната во Украина, вели Џулијан Валер, истражувачки аналитичар во Програмата за студии на Русија при американскиот тинк-тенк „Центар за поморски анализи“. 

„Иран беше корисен за руските воени напори, дури и ако производството [на беспилотни летала] сега во голема мера е префрлено во Русија, која што го подобри нивниот дизајн“, вели Валер за ДВ. Се вели дека Русија споделува и разузнавачки информации со Иран и испраќа ракети и муниција за Техеран. „Сепак, партнерството меѓу Русија и Иран не е поврзано со идеологија - руските политичари особено и не го сакаат Иран“, потенцира Смагин и додава дека „тие сепак го сметаат Техеран за сигурен стратешки партнер, со оглед на тоа дека обете земји се под меѓународни санкции - за разлика од Турција или Египет кои би можеле да престанат да тргуваат со Русија доколку бидат притиснати од Западот“. Грегоар Рус, директор за Европа и Русија во лондонскиот тинк-тенк „Чатам Хаус“, смета дека Техеран дури и станал ментор на Москва до одреден степен. „Иран со годините има стекнато значајно искуство во заобиколување на меѓународните санкции и ѝ дава совети на Русија во тој поглед“, вели тој за ДВ. 

Погрешна математиката на Иран?

Па и покрај ова, експертите се чинат согласни дека нема изгледи Русија активно да интервенира во тековната војна меѓу САД и Израел против Иран. „Двете земји не се одбранбени сојузници“, вели Валер, а тоа може да се должи и на неформален договор со Израел за меѓусебно воздржување од напади, на чие наводно постоење посочуваат некои аналитичари. Според Моџтаба Хашеми, експерт за меѓународни односи и политички аналитичар, Техеран без разлика на сѐ очекувал „опиплива политичка и воена поддршка“ од Москва, „вклучувајќи проширена воено-техничка соработка, споделување разузнавачки информации и испраќање јасна порака за одвраќање до непријателите, а не само вербална поддршка“, посочува експертот за ДВ, додавајќи дека иранскиот режим погрешил во својата математика. „Русија и Кина имаат поголеми проблеми. Нивната поддршка беше истата што до сега ѝ обезбедуваше на Исламската Република многу оружје и средства за репресија“, вели Хашеми.  

Кога би можела да заврши војната со Иран?

Мохамед Гаеди, предавач на Универзитетот Џорџ Вашингтон, пак смета дека недостатокот на поддршка од Русија не бил изненадување за иранските лидери. „Во Техеран одамна има скепса околу потпирањето на Москва. Како што еднаш рече (поранешниот ирански претседател) Махмуд Ахмадинеџад, Русија отсекогаш ја продавала иранската нација“, а претседателот Масуд Пезешкијан по 12-дневната војна (јуни 2025 година) забележа дека земјите што ги сметавме за пријатели не ни помогнаа за време на војната“. 

Плус и минус за Москва од војната во Иран

Пролонгирана војна во Иран може да има предности за Москва, тврди Рус од Чатам Хаус. „Медиумскиот кислород за [украинскиот] претседател Володимир Зеленски би се намалил, бидејќи сè се врти околу Иран и ризикот од ескалација“, вели тој. „Покрај тоа, Вашингтон не може да си дозволи да одржува уште еден фронт од перспектива на дипломатска и воена поддршка – а, во хиерархијата на приоритети очигледно би имало вртење кон Блискиот Исток“, додава тој. Може да има и економски предности за Русија. Иран во голема мера го затвори Ормутскиот теснец низ кој минуваат 20% од светската нафта и гас. Цените на нафтата и гасот се зголемија. „Доколку цените на нафтата и гасот останат високи со месеци или дури и една година, тоа би било огромен бенефит за извозникот на нафта и гас Русија“, вели Валер додавајќи дека Кремљ потоа би можел да ги намали домашните даноци што се користат за финансирање на војната.

Но, евентуален пад на иранскиот режим би бил голем удар за угледот на Русија, бидејќи Москва сака да се прикаже како голема сила, потенцира Рус. „Русија е дел од група земји - вклучувајќи ги Иран, Сирија и Кина - кои имаат за цел да го заменат светскиот поредок управуван од Западот со мултиполарен свет“, наведува тој. „Но, група никогаш претходно не се намалувала толку брзо, што подразбира значително губење на влијанието за Русија во нејзината т.н. евроазиска зона на влијание“, додава Рус.  

Between Israel and Iran: What's at stake for Putin's Russia?

Дали ќе опстои алијансата Русија-Иран?

Хашеми е убеден дека недостатокот на поддршка од Русија за Иран веројатно ќе ги прекине нивните врски. „Русија и Кина во голема мера го користеа Иран како геополитички адут за преговори со Западот. Ако сегашниот режим дополнително заслабне, Москва веројатно ќе бара отстапки од следната иранска влада, наместо да инвестира во структура што колабира. Кина на сличен начин бара отстапки од следната влада за да задржи барем дел од своето влијание. Сепак, и двете земји се свесни дека односите на Иран по распадот на Исламската Република ќе бидат сосема различни“, објаснува тој. Гаеди од Универзитетот Џорџ Вашингтон смета дека актуелниот ирански режим сè уште би сакал да одржува блиски релации со Москва со оглед на затегнатите односи со Западот. „ТМалку е веројатно дека Техеран ќе ризикува да го изгуби ова партнерство, особено со оглед на тоа што Русија има право на вето во Советот за безбедност на ОН“, заклучува тој.