Војна во Украина: Ракети против Киев и Харков
3 февруари 2026
Украинскиот главен град Киев и вториот по големина град Харков повторно беа цел на руски ракети и борбени дронови во текот на ноќта. Киевскиот воен администратор, Тимур Ткатшенко, објави на Телеграм дека имало руски напади со балистички ракети. Агенцијата Укринформ извести за неколку експлозии во метрополата. Според непотврдени медиумски извештаи, биле нападнати две термоелектрани.
Подоцна беше објавено дека биле погодени неколку станбени згради во Киев. Пожар избувнал и во една градинка, изјави градоначалникот Витали Кличко. Две лица се повредени во нападите.
Градот Харков на истокот од земјата е погоден ноќеска од најмалку две ракети, според зборовите на градоначалникот Ихор Терехов. Имало и „масовен напад“ со борбени дронови. Гувернерот Олех Синјехубов, исто така, извести за руските напади, за време на кои најмалку едно лице е повредено.
Дали е завршена ограничената пауза во нападите врз енергетски објекти?
Русија води војна против Украина веќе четири години. Руската армија систематски ги онеспособува електраните и трафостаниците. Оваа зима, со силни мразови, Украина се соочи со најлошата енергетска криза од почетокот на војната.
Минатата недела, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека рускиот претседател Владимир Путин, на негово барање, се согласил да ги паузира нападите врз енергетските објекти во Украина. Москва првично го потврди ова. Меѓутоа, најновите напади сугерираат дека оваа ограничена пауза сега е завршена.
Претставниците на Русија и на Украина треба да се сретнат во среда и во четврток во Абу Даби на нова рунда преговори за евентуален крај на војната.