Зеленски најавува нови разговори со Русија во САД
7 февруари 2026
По завршувањето на преговарачкиот круг за Украина во Абу Даби, САД упатиле покана за нова рунда разговори, соопшти Зеленски. Според него, Вашингтон „за првпат предложил“ украинската и руската делегација да се сретнат на американска територија. Средбата, како што најави, најверојатно ќе се одржи следната недела во Мајами, во сојузната држава Флорида.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски додаде дека САД поставиле рок до јуни за постигнување договор за прекин на руската агресија. Доколку рокот не биде испочитуван, администрацијата на Доналд Трамп најверојатно ќе изврши притисок врз двете страни.
Во меѓувреме, и покрај дипломатските напори, руските сили продолжуваат со масовни напади врз украинската енергетска инфраструктура. Во услови на екстремно ниски температури, на многу места снабдувањето со струја е прекинато, оставајќи стотици илјади граѓани без електрична енергија и греење при температури што паѓаат и до минус 20 степени Целзиусови.
Украина соопшти дека по новиот бран масивни руски напади врз енергетската инфраструктура, во целата земја се воведени итни исклучувања на електричната енергија. Според украинскиот премиер Денис Шмихал, цел на нападите биле клучни постројки за производство и дистрибуција на струја. „Нападот сè уште трае“, напиша тој на „Телеграм“, додавајќи дека поправките ќе започнат веднаш штом тоа ќе го дозволат безбедносните услови.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека само во текот на изминатата ноќ биле употребени повеќе од 400 дронови и околу 40 ракети од различни типови. Главни цели, според него, биле електроенергетската мрежа, термоелектраните и трафостаниците.
Штети се пријавени во регионите Волин, Ивано-Франкивск, Лавов и Ривне. Напади имало и во областите Киев и Харков. „Секој ден Русијаможе да избере вистинска дипломатија, но наместо тоа избира нови напади“, изјави Зеленски.
Тој оцени дека е од клучно значење меѓународните партнери да реагираат. „Москва мора да биде спречена да ја користи студената зима како средство за притисок врз Украина. За тоа ни се потребни ракети за системите „Патриот“ и други одбранбени платформи.“ Секоја испорака, нагласи Зеленски, ќе ја зголеми можноста земјата да ја преживее оваа зима.