Во нашата недовршена демократија е нормално при смена на власта комплет да се преврти државата, црното да стане бело, белото црно, лошото добро, но она што се случува со новите оцени и квалификации на настаните од 27 април 2017 година, ги надминува сите граници на партиско фарбање и ретуширање. Очигледен е обидот да се искористи амбиентот на наклонетост на сегашната власт кон протагонистите на овој срамен настан и да му се даде ново значење и дефиниција. Па дури и ако е возможно 27 април да се преименува и во 1 април односно дека сѐ било шега: насилниот влез во Собранието, крвавите глави на членовите на тогашната опозиција, обидот за линч на Зијадин Села, демолирањето на парламентарните простории.
Премиерот, со изјавата дека судењето за 27 април е политички монтиран случај, сакајќи да јава на бранот на популизмот, прави опасен преседан правдајќи напад на она што е најсвето во една демократска држава – парламентот кој се смета за храм на демократијата. И во кој никој не смее ни политички да одговара за искажани ставови, а камоли да биде нападнат физички. Со оцената, пак, дека организаторите и клучните луѓе кои учествуваа во нападот направиле само престап, тој оди на вода на сите оние кои го нормализираат физичкото насилство во демократските институции на државата и ставајќи ги во заштита отвора врата за нови насилства од таков вид.
Се потценува важноста на Собранието
Самиот факт што снимките од македонскиот парламент на 27 април 2017 година го обиколија светот, доволно кажува дека во нашата земја се случи нешто што е невообичаено и ретко видено во држави кои практикуваат демократија. Не се станува лесно вест во светските медиуми. Мала земја како нашата доаѓа на првите страници и на ударните вести само ако се случи нешто екстремно и нешто што излегува од рамките на нормалното. Таков беше случајот со нападот во парламентот во 2017 година.
Проблематично во правдањето и поддршката на луѓето кои се втурнаа тој ден да заплашуваат, кршат и убиваат е што на тој начин се потценува важноста на Собранието како институција која треба да биде пример за одбрана на демократски права. И институција која треба да биде бедем за сите оние на кои им пречи демократијата. Вистина е дека Собранието е народен дом, но токму пратениците го претставуваат народот и никој не смее да го релативизира обидот за загрозување на нивниот живот. Или и за оваа власт важи репликата која ја даде тогашниот премиер Никола Груевски – ако сакаа да ги убијат, ќе ги убиеја. Тој исто така се обиде да го минимизира настанот, но неговите мотиви може и да се оправдаат затоа што брзаше да ја симне одговорноста од себе.
Зошто сегашната власт која сака да се дистанцира од владеењето на тогашната ВМРО-ДПМНЕ влегува во таква авантура, навистина е нејасно. Имаат ли некаков долг кон осудените и кон учесниците во овој непримерен настан, или едноставно сакаат да покажат дека нивната моќ е неограничена и дека ако посакаат можат тепачите да ги претворат во недолжни граѓани и жртви на владата на нивниот политички противник?
Контаминирање на политичката агенда
Случајот 27 април помина низ институциите, донесени се и потврдени затворски пресуди на сите судски инстанци, и време е да биде оставен таму каде што му е местото – во минатото на државата и треба да служи само за поука до какви последици може да доведе политичката манипулација и подлегнување на партиска пропаганда. Токму во интерес на ВМРО-ДПМНЕ е тој случај да се заборави затоа што не говори добро за нив и методите со кои се служеа вовлекувајќи недолжни граѓани во своите партиски сценарија. Исто така и протагонистите на овој срамен ден за македонската демократија треба да престанат да го експлоатираат овој настан, бидејќи тој не беше израз на херојство или љубов кон татковината, туку беше изблик на партиски екстремизам и национализам кој можеше да ја втурне државата во граѓанска војна.
Со лансирањето на такви теми се добива и впечаток дека политичката агенда во државава се контаминира намерно со цел јавноста да се занимава со лажни теми како што е 27 април, која одамна требаше да биде затворена, укинување на пржинска влада, забрана на двојни државјанства за пратеници, иако е јасно дека тоа не може да се изведе без поголем зафат во легислативата. Тоа се познати пропагандни механизми кога една власт сака да ги минимизира проблемите и неуспесите, а да ги максимизира темите кои привлекуваат јавно внимание, но не се суштински за движење на државата напред.
Денес, девет години по крвавиот 27 април, многу посоодветно е да дискутираме зошто Црна Гора на 20-годишнината од референдумот (2006) за излегување од мини федерацијата со Србија доби вест дека ќе биде следна членка на ЕУ, а Македонија, која уште во 2004 се најде на агендата за проширување и 2005 доби кандидатски статус, никој веќе не ја ни спомнува во таков контекст. Тоа е вистинската тема, а не другото што секојдневно ни се сервира.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.