Зошто потфрлија руските противвоздушни системи во Венецуела?
9 јануари 2026
Главниот дел од противвоздушната одбрана на Венецуела се состои од руски системи за кои венецуелскиот диктатор Николас Мадуро се фалеше неколку месеци пред американската воена операција. Но, противвоздушните системи од Русија се покажаа како неефикасни.
Генералот Ден Кејн, началник на Здружениот штаб на војската на САД, објави дека повеќе од 150 борбени и извидувачки авиони учествувале во операцијата во Венецуела, вклучувајќи борбени авиони Ф-35, стратешки бомбардери Б-1 и борбени хеликоптери. Благодарение на брзото онеспособување на противвоздушната одбрана на венецуелската престолнина Каракас, беа избегнати загуби, рече Кејн.
„Очигледно, руските противвоздушни системи не функционираа баш добро“, рече американскиот министер за одбрана Пит Хегсет во говорот пред американските војници.
Кои системи требаше да ја заштитат Венецуела?
Технички гледано, руските системи можеа да функционираат многу подобро, смета австрискиот воен историчар Маркус Рајснер. „Тоа беше совршена комбинација од повеќе фактори од сузбивање на непријателската воздушна одбрана и сајбер напади врз системот за команда и контрола на воздушната одбрана“, објаснува Рајснер за ДВ. Тој додава дека собирањето информации што го вршеле американските тајни служби ЦИА и ДИА одиграло голема улога во тоа.
Според Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ), само помеѓу 2008 и 2014 година, Русија ѝ испорачала на Венецуела три системи Бук-М2 и С-300ВМ Антеј-2500 и единаесет модернизирани системи С-125 Печора-2М. За ова, во 2015 година, на тогашниот руски министер за одбрана, Сергеј Шојгу, му беше доделен Орден за национална безбедност во Венецуела.
Сепак, податоците на СИПРИ не се целосни поради нетранспарентното известување за извозот на оружје. Експертите проценуваат дека Венецуела всушност располага со уште повеќе руски системи за воздушна одбрана со различен дострел. Во последните 20 години, Венецуела набавила најмалку 17 големи ракетни системи за воздушна одбрана и бројни преносни системи за воздушна одбрана од Русија, со што изгради една од најгустите повеќеслојни воздушни одбрани во Латинска Америка.
Во октомври 2024 година Русија, според извештаите, испорачала дополнителни противвоздушни системи Панцир и Бук-М2 и преносни противвоздушни системи Игла-С со кои Мадуро се фалеше. „Секоја армија во светот ја знае деструктивната моќ на ракетата Игла-С, а Венецуела има најмалку 5.000 такви ракети“, рече тој во октомври 2025 година.
„Противвоздушната одбрана на Венецуела, која е базирана на руски системи и е комбинирана со кинески радарски систем за откривање на воздушни напади, беше најсилна во Латинска Америка, што не е изненадување бидејќи повеќето земји на тој континент не се плашат од воздушни напади“, вели воениот експерт Јуриј Фјодоров за ДВ.
Што се случи со противвоздушната одбрана за време на американскиот напад?
Американската воена операција започна со кибернетички напад кој онеспособи голем дел од снабдувањето со електрична енергија на Каракас и им овозможи на 150 американски авиони, беспилотни летала и хеликоптери незабележано да се приближат до главниот град. За да се обезбеди коридорот, според Вашингтон пост, биле нападнати шест противвоздушни инсталации кои требало да го покриваат Каракас.
Меѓу погодените беа и пристаништето Ла Гваира, воздухопловната база Ла Карлота, воената база Фуерте Тиуна, аеродромот Игероте и комуникацискиот центар Ел Волкан, сместен на планината. Според објавените снимки, уништени се најмалку два ракетни лансери Бук.
Освен тоа, западните воени експерти открија дека значителен дел од воздушната одбрана бил нефункционален поради долгогодишно лошо одржување и недостаток на резервни делови - но и затоа што Русија не ги исполнила своите обврски поврзани со поправки и модернизација. Следствено, во времето на американскиот напад, само мала компонента од номинално постоечките системи била функционална.
„Вашингтон пост“ во октомври објави дека Мадуро, соочен со американското воено присуство на Карибите, побарал од Русија и Кина да ја зајакнат венецуелската војска со ракети, беспилотни летала, радари и авиони. Меѓутоа, во последните години, Москва покажува сè помалку интерес за Венецуела, а очигледно е дека нема голема поддршка од Русија ни во сегашната криза.
Американската операција, која траеше вкупно два часа, на крајот доведе до заробување на Мадуро - без загуби за американската војска. Само еден хеликоптер беше оштетен, но сепак успеа да се врати во својата база.
Зошто венецуелската противвоздушна одбрана потфрли?
Јуриј Фјодоров го припишува неуспехот на воздушната одбрана на Венецуела на употребата на најновата генерација американски ловци-бомбардери Ф-35 и Ф-22. „Овие авиони од петта генерација се многу тешки за лоцирање со радар. Теоретски, тие би можеле да ја онеспособат воздушната одбрана и да ја уништат од воздух, како што се случи во Иран за време на 12-дневната војна. Авионите од петта генерација можат релативно лесно да ја надминат воздушната одбрана, па и руските системи С-400“, вели воениот експерт.
Противвоздушните системи на терен, особено руските, не се доволно силни против модерните бомбардери, изјави воениот експерт Даниел Бахмат за списанието Телеграф. Според него, противвоздушните системи не можат да се спротивстават на комбинацијата од извидување во реално време, електронско војување и прецизно вооружување. Понатаму, експертите го посочуваат ридестиот терен на Каракас како дополнителен проблем. Руските противвоздушни системи се дизајнирани за рамен терен, наведува Телеграф.
Заедно со техничките недостатоци на венецуелската противвоздушна одбрана, одлучувачка улога одигра и фактот што армијата била неспособна да реагира на нападот. Според американското списание Дефенс Блог, САД нападнале клучни командни и комуникациски центри, што довело до дезорганизација во единиците за воздушна одбрана и копнените сили. Неколку часа по нападот, не можеле да се забележат координирани акции.
Но, Јуриј Фјодоров смета дека главна причина за неуспехот на венецуелската воздушна одбрана е човечка грешка. „Не станува збор толку за техничките способности на едната или другата страна, туку за фактот дека венецуелските вооружени сили едноставно преспале и не очекувале напад“, вели Фјодоров.
Маркус Рајснер се согласува со тоа. Иако извозните верзии на руските противвоздушни системи имаат ограничени можности, одлучувачки фактор не се самите системи на оружје, туку нивните оператори.