1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканот во трка за вооружување

Игор Ласиќ | ДТЗ /ДВ
26 март 2026

Балканската трка во вооружување се засилува: Србија и Хрватска со амбициозни планови, а Македонија ја модернизира aрмијата со американски „Страјкери“.

https://p.dw.com/p/5B76v
Воената парада во Белград, септември 2025 година.
Детал од воената парада во Белград во септември 2025 година.Фотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture alliance

Глобалната трка во вооружување не ги заобиколува ни малите држави на Балканот. Србија и Хрватска повторно влегоа во нов круг на регионално натпреварување, што во јавноста редовно се толкува како мерење на воените капацитети и стратешка надмоќ. Македонија, пак, ја модернизира армијата со американски „Страјкери“.

Најголемо внимание во регионот неодамна предизвика веста дека српската армија располага со кинески ракети воздух–земја CM‑400. Српските таблоиди ги нарекоа „Загрепчанки“, а во Хрватска веста предизвика силна загриженост и реакција на државниот врв. Медиумските анализи дополнително покажаа дека Србија во моментов има супериорно оружје, како во поглед на противвоздушната одбрана, така и во развојот на беспилотни системи.

Во Хрватска тоа отвори прашања за стратегијата на развој на војската, иако државата во последните години вложи или планира да вложи милијарди евра. Сепак, дел од експертите оценуваат дека модернизацијата не дава доволно уверливи резултати.

Српски војници на воен аеродром, 4 октомври 2018
Српските „мигови“ беа забележани со кинески ракети CM-400, што предизвика загриженост, особено во ХрватскаФотографија: Andrej Isakovic/AFP/Getty Images

Намален простор за дијалог

Трендот на интензивно вооружување на Балканот мора да се гледа во контекст на глобалните процеси, но и во рамките на веќе влошените односи меѓу Србија и Хрватска. Растечката милитаризација дополнително го намалува просторот за дијалог и го зголемува ризикот од погрешни интерпретации и брзи политички потези.

Српскиот претседател Александар Вучиќ настапува триумфалистички во поглед на воените набавки, додека хрватските лидери – претседателот Зоран Милановиќ и премиерот Андреј Пленковиќ – често влегуваат во меѓусебни конфликти и околу воените теми.

„Вучиќ зборува секакви работи, но нема реален потенцијал за вистински вооружен судир“, смета аналитичарот Бошко Јакшиќ, иако не исклучува инциденти од понизок ранг, кои би служеле за одржување на тензиите. Според него, Вучиќ сноси најголема одговорност за нарушените регионални односи.

Јакшиќ потсетува и дека Србија е опкружена со земји-членки на НАТО (со исклучок на БиХ и Косово), поради што офанзивните намери би биле нереални. Но, зајакнувањето на вооружувањето може да биде дел од стратегијата за подобрување на нејзината позиција во однос на Косово.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на аеродромот во Батајница во 2018 година - позади е борбен авион МиГ-29
Српскиот претседател Александар Вучиќ на аеродромот во БатајницаФотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture alliance

Глобалната нестабилност како катализатор

Поранешниот хрватски дипломат Божо Ковачевиќ за ДВ вели дека растот на тензиите меѓу Србија и Хрватска е целосно во согласност со глобалните трендови: „Годинава многу повеќе држави се чувствуваат загрозени отколку лани“, објаснува тој.

Во Хрватска загриженоста од новите српски ракети е разбирлива. Иако земјата има стратегија за одбрана, спроведувањето е често предмет на критики. Ковачевиќ предупредува дека во свет каде доминира „асиметрично војување“, скапиот арсенал не секогаш носи најдобра ефикасност.

Тој потсетува дека уште пред 25 години ги предупредувал хрватските власти да развиваат домашни технологии за противвоздушна одбрана, наместо да инвестираат во прескапи авиони. Со затворањето на Бродарскиот институт, Хрватска практично остана без научно‑истражувачка основа за вакви програми.

„Но, ни тоа не смее да биде изговор за ирационално трошење пари“, додава Ковачевиќ.

Македонија ја модернизира aрмијата со американски „Страјкери“

Паралелно со вооружувањето на Србија и Хрватска, и Македонија активно ја модернизира својата aрмија, при што најзначаен чекор е набавката на новите оклопни возила „Страјкер“ од САД.

Оценките на безбедносните експерти се дека овој проект значително ќе ја подобри оперативната способност, ќе ја зголеми мобилноста на единиците и ќе ја направи aрмијата поконкурентна во однос на другите армии во регионот.

Станува збор за еден од најкрупните проекти на македонското Министерство за одбрана, а плановите се модернизацијата да продолжи со интензивно темпо. Повеќе од 32% од буџетот за одбрана е предвиден токму за модернизација, што ја става земјата меѓу најагилните инвеститори во одбраната во регионот.