1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундесвер: подготовки за можна мисија во Ормускиот Теснец

Нина Веркхојзер
5 мај 2026

Бундесверот започна подготовки за можен ангажман во Ормускиот Теснец, откако германски брод за уништување мини исплови кон Средоземјето во услови на зголемени геополитички тензии.

https://p.dw.com/p/5DInl
Deutschland Kiel | Minenjagdboot Fulda im Hafen
Фотографија: Franziska Wüst/DW

Од поморската база Кил-Вик на Балтичкото Море, германскиот брод „Фулда“ исплови кон Средоземјето, каде најнапред треба да биде интегриран во НАТО-состав за противминска одбрана. Бродот е специјализиран за откривање и уништување морски мини. Во случај да дојде до меѓународна мисија во Ормускиот Теснец, „Фулда“ би се наоѓала значително поблиску до можната зона на ангажман.

Од почетокот на војната со Иран, на 28 февруари, режимот во Техеран го блокира овој стратешки важен морски премин за меѓународната трговија, за кој постојат наводи дека е миниран. Поради блокадата, цените на нафтата и течниот гас на светските пазари нагло пораснаа.

Силно погодена германската економија

Блокадата на Ормускиот Теснец сериозно ја погодува и германската економија. Сојузниот канцелар  Фридрих Мерц  (ЦДУ) во повеќе наврати истакна дека Германија е подготвена да помогне во обезбедувањето на евентуален мировен договор – но дури по завршувањето на војната со Иран.

Како што изјави тој во неделата вечерта во интервју за јавниот сервис АРД, таквата позиција лично му ја пренел и на американскиот претседател  Доналд Трамп. „Му кажав дека оваа војна веќе има сериозни последици врз нас, дека сакаме таа да заврши и дека сме подготвени да понудиме помош“, нагласи Мерц.

Искуство во расчистување мини – силна страна на германската морнарица

Германската морнарица располага со големо и долго акумулирано искуство во  расчистување морски мини.  Уште од крајот на Втората светска војна, континуирано се отстранува стара муниција, особено во Балтичкото Море.

Во поморската база во Кил е изложен подводниот дрон „Си Кет“ на германската морнарица, а зад него е ловец на мини
Дронот „Си Кет“ обезбедува детална подводна слика на длабочина до 300 метриФотографија: Bundeswehr

Десет миноловци, опремени со современи беспилотни системи и високо специјализирани нуркачи, ѝ обезбедуваат на  Германија меѓународен углед во оваа релативно тесно профилирана воена област.

Способноста за минско расчистување важи за дефицитарна и во рамките на НАТО.

Последниот збор го има Бундестагот

Како и секоја вооружена мисија на Бундесверот во странство, и евентуалниот ангажман во Ормускиот Теснец би бил врзан за строги уставни услови. Тие произлегуваат од Основниот закон и од судската практика на Сојузниот уставен суд.

Од една страна, мисијата мора да биде дел од „систем на колективна безбедност“ – како што се Обединетите нации, НАТО или  Европската Унија.  Од друга страна, Бундестагот мора да биде информиран, да расправа и на крај да даде согласност за мандатот. Во него прецизно се утврдува задачата на Бундесверот, расположливите воени капацитети, подрачјето на дејствување, максималната бројност на силите и времетраењето на мисијата.

Морнарицата веќе е силно оптоварена

Процедурата во Бундестагот може да трае со денови, па дури и со недели, поради што морнарицата уште сега презема подготовки и мора да врши реорганизација на постојните ангажмани. „Сè што имаме веќе е во служба, особено кога станува збор за ескадроните за пребарување мини“, изјави неодамна капетанката на фрегата Инка фон Путкамер, командантка на Третaта миноловечка ескадрила, на прес-конференција во базата Кил.

Командантката Инка фон Путкамер, во поморска униформа, зборува на прес-конференција за контрамерките против мини во базата Кил-Вик
Командантката Инка Фон Путкамер: Опасната работа во минско поле е возможна само под соодветна заштитаФотографија: Petra Nowack/penofoto/IMAGO

„Секоја нова мисија оди на сметка на некоја постојна“, нагласи таа. Според министерот за одбрана Борис Писториус, германската морнарица во моментов е „најмалата во историјата на Сојузна Република Германија“ и веќе е ангажирана во повеќе мисии на ЕУ, НАТО и ОН.

Фон Путкамер истакна дека опасната работа во минско поле е возможна само под соодветна заштита. „Единиците за противминска одбрана можат да дејствуваат само ако заканите од воздух и од површината се неутрализирани. Како што фрегата не може да пронајде мина, така миноловац не може да води воздушна борба“, појасни таа. Затоа, ваквите мисии секогаш се изведуваат во состав со фрегати или корвети. Можно е ангажирање и на новите поморски извидувачки авиони од типот P-8 „Посејдон“.

Писториус: Нема ангажман без САД

Министерот за одбрана Писториус  нагласува дека ваква операција е возможна само заедно со сојузници и исклучиво во координација со  Соединетите Американски Држави.„Американците располагаат со најдоброто разузнавачко сознание за регионот“, изјави тој во април во емисијата „Извештај од Берлин“ на АРД.

„Тие, заедно со Израелците, ја водат оваа војна и затоа се клучниот партнер кога станува збор за справување со последиците“, рече Писториус.

Во моментов не е познато колкав е обемот на минирање во Ормускиот Теснец, ниту пак кога би се исполнил клучниот предуслов за евентуален германски ангажман – траен крај на војната со Иран. Засега, таков развој на настаните не се наѕира, бидејќи тензиите во регионот повторно се засилуваат.