1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Царини: Дали Доналд Трамп го загуби своето најмоќно оружје?

23 февруари 2026

Одлуката на Врховниот суд на САД во врска со царините, го урниса централниот столб на економската и надворешна политика на претседателот Доналд Трамп. Дали ова ќе доведе до промена на курсот?

https://p.dw.com/p/59GFO
САД Вашингтон 2026 | Трамп дава изјава по пресудата на Врховниот суд против неговата царинска политика
Претседателот Трамп ги направи царините основен инструмент на неговата економска и надворешна политикаФотографија: Kevin Dietsch/Getty Images

Кога ќе се најде во ќорсокак, Доналд Трамп често користи царини. На кулминацијата на кризата со Гренланд, кога европските лидери остро ја критикуваа неговата реторика, тој се закани со царини против оние кои се спротивставуваат на неговите планови. Трамповата доверба во нивната ефикасност, без оглед за што се работи, се чини непоколеблива. „Секогаш велам дека царини за мене се најубавиот збор во речникот“, рече тој за време на парадата на денот кога беше инаугуриран во јануари 2025 година. „Царините ќе нè направат многу богати и ќе ги вратат бизнисите во нашата земја“, сметаше Трамп.

Отстранета омилената алатка за трговија на Трамп

Затоа одлуката на Врховниот суд на САД од петокот (20 февруари) со која вонредните царини се прогласуваат за нелегални, може да биде клучен момент во неговиот втор мандат. Дали Врховниот суд на САД го отстрани главниот адут на Трамп на неговата економска политика? Дали тоа ќе го натера да го смени курсот? Или тој уште поцврсто ќе тера со својата политика?

Јакоб Фанк Киркегард, виш соработник во Институтот за меѓународна економија Петерсон, за ДВ вели дека иако пресудата не ги отстранува царините од планот на Трамп, сепак може да го намали нивното влијание.

„Без разлика што ќе се случува во иднина, ова го отстранува претпочитаниот пат на Доналд Трамп да ги користи царините како начин за справување со каква било надворешна политика или кое било политичко прашање воопшто, едноставно велејќи со многу краток рок - оваа земја добива царини од 20%, 30%, 50%“, вели Киркегард и додава дека „таквиот степен на непредвидливост во трговската политика на САД сега исчезна.“

Сепак, одлуката на Трамп, по пресудата да воведе глобална царина од 10%, а потоа следниот ден да ја зголеми на 15%, аналитичарите ја толкуваат како знак дека тој воопшто нема намера да го омекне својот пристап. „Толку за луѓето кои си мислеа дека пораз во Врховниот суд ќе доведе до повоздржана трговска политика“, оцени на ЛинкедИн Дебора Елмс, раководител на одделот за трговска политика при Фондацијата Хинрих во Сингапур.

Економскиот биланс на Трамп – една година подоцна

Не се поништени сите царини на Трамп. Царините за челик, алуминиум и автомобили - сектори од особен интерес за Кина и ЕУ - остануваат на сила. Администрацијата на Трамп, исто така, истражува начини за воведување поголеми царини според различни статути.

Но, многу од т.н. реципрочни царини што Трамп ги наметна на земји ширум светот, се укинати и заменети со нова глобална тарифа. Оваа нова царина ќе важи 150 дена поради законски ограничувања и потребата од одобрение од Конгресот на САД за нејзино продолжување.

Каква е иднината на трговските договори на Трамп?

Најитното прашање со кое се соочуваат владите ширум светот, се трговските договори што ги склучиле со САД за да ги намалат повеќето царини од „Денот на ослободувањето“. Дали одлуката на Врховниот суд ќе ги предизвика Индија или земјите од ЕУ да се повлечат од склучените договори во надеж за подобри услови?

Експертите  сметаат дека земјите нема да дозволат постоечките договори одеднаш да пропаднат, бидејќи се плашат од потенцијална одмазда од САД подоцна, откако правната ситуација ќе стане појасна. Тие додаваат дека земји кои успеале да испреговараат царини од околу 15% со Трамп, можеби се сосема задоволни нештата да останат какви што се.

САД Вашингтон 2025 | Доналд Трамп и Нарендра Моди на заедничка прес-конференција
Има укажувања дека трговските договори склучени меѓу САД и земји како Индија би можеле да бидат доведени во прашањеФотографија: Jim Watson/AFP

ЕУ, сепак, би можела да го паузира процесот на ратификација на трговскиот договор меѓу ЕУ и САД, а Комисијата за трговија на Европскиот парламент денеска (23.02) ќе одржи итен состанок.

Киркегард вели дека од перспектива на ЕУ, новата глобална царина на Трамп од 15% веројатно веќе би го прекршила трговскиот договор, бидејќи царините би можеле да дојдат дополнително на веќе договорената стапка од 15%. „Тоа би било неприфатливо за ЕУ ​​и затоа ќе мора да видиме какви ќе бидат специфичните правни мерки во врска со трансатлантската трговија и администрацијата на Трамп, додава тој.

На почетокот на месецов, Индија и САД постигнаа привремен трговски договор, со кој Индија се согласи на „реципрочни царини“ во висина од 18%. По пресудата од петокот, Индија ги одложи плановите за испраќање трговска делегација во Вашингтон на состанок меѓу двете страни за финализирање на текстот на договорот, планиран да стапи на сила на 23 февруари.

„Некои договори - како оние со Швајцарија или Индија - експлицитно ги адресираат итните царини, бидејќи новите царински стапки беа формулирани како намалувања во однос на нив. Бидејќи законската референтна царинска стапка сега исчезна, овие договори можеби треба да се преработат“, вели Карстен Брзески, глобален раководител за макроекономски прашања во ИНГ Рисрч.

Сето внимание вперено кон посетата на Трамп на Кина

Пресудата дава сосема нова димензија на планираната посета на Трамп на Пекинг на 31 март. Кога Трамп го започна својот „реципрочен“ царински напад минатиот април, царините за Кина во еден момент достигнаа 145%. Двете страни постигнаа кревко примирје во мај, значително намалувајќи ги царините. На прв поглед, пресудата од петокот на Пекинг му дава клучна предност во идни трговски преговори, со оглед на тоа што се чини дека отпаѓа еден од главните лостови на Трамп. Сепак, аналитичарите велат дека Кина ќе внимава да остане смирена во пресрет на состанокот следниот месец.

Јужна Кореја Бусан 2025 | Средба меѓу Доналд Трамп и Ши Џинпинг на маргините на самитот на АПЕК
Експертите за Кина сметаат дека Ши Џинпинг нема да ја „искористи“ пресудата на Врховниот суд на САД за царинитеФотографија: Evelyn Hockstein/REUTERS

„Тоа на Кина ќе ѝ даде морален поттик во преговорите со тимот на Трамп во пресрет на самитот, но тие се подготвени за сценариото дека всушност ништо нема да се смени во реалноста“, вели Сун Јун, директор на програмата за Кина при Центарот Стимсон, тинк-тенк со седиште во Вашингтон.

Неколку аналитичари истакнуваат дека иако Трамп го изгуби најлесниот метод за воведување царини, тој сè уште има други начини – и мошне веројатно нема да ги изгуби за Кина или други земји, кои можеби се надеваат на поповолни услови, но кои сметаат дека одржување позитивни релации со Трамп се најдобриот пат да го постигнат тоа.

Дали Трамп ќе го искористи отстапувањето што го нуди пресудата?

Некои шпекулираат дека пресудата би можела да му обезбеди на Трамп простор за излез од неговата царинска политика, со оглед на тоа што царините станаа непопуларни кај гласачите во една економија која сè уште се бори со упорна инфлација. Имено, анкета на „Вашингтон пост“, „Еј-Би-Си њус“ и „Ипсос“ објавена во петокот, покажува дека 64% од гласачите не го одобруваат неговото постапување со царините.

Стои и фактот дека многумина во Републиканската партија на Трамп се критични во однос на неговата царинска политика, особено со оглед на тоа што среднорочните избори во САД треба да се одржат во ноември. Неколку републиканци во Претставничкиот дом и во Сенатот на САД се случуваше да гласаат за поништување и ограничување на царините за трговските партнери како Канада.

„Не мислиме дека претседателот Трамп ќе ја искористи пресудата како опција за да се повлече од својата царинска агенда“,вели  Брзески. „Напротив, соопштенијата по пресудата на Врховниот суд се силна потврда дека Трамп нема намера да го избрише 'најубавиот збор' од англискиот речник.“

Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик

Артур Саливан, новинар на ДВ
Артур Саливан Новинар со долгогодишно искуство, фокусиран на глобални економски приказни со геополитичка димензија