САД: Американски воени бродови го минаа Ормускиот Теснец
4 мај 2026
Американски воени бродови денеска (4.05) го минале Ормускиот Теснец, кој досега беше блокиран од Иран, соопшти на американската армија. По нивното минување низ теснецот, разорувачите сега се наоѓаат во Персискиот Залив, соопшти Централната команда на вооружените сили на САД, надлежна за регионот на Заливот.
Во меѓувреме, иранската државна телевизија објави дека иранската морнарица испукала предупредувачки истрели во близина на американски разорувачи.
Во телевизискиот извештај од Иран беше наведено дека американските бродови ја игнорирале првичната иранска предупредувачка наредба да не продолжат со пловење. Потоа, иранската морнарица, како „предупредување“, истрелала крстосувачки ракети, проектили и беспилотни летала „околу непријателските бродови на агресорот“.
Американската Централна команда, од своја страна, соопшти дека американските разорувачи се ангажирани за поддршка на мисијата „Проект Слобода“. Така е наречена воената операција на американската морнарица што американскиот претседател Доналд Трамп ја најави во неделата. Според неговите изјави, од овој понеделник, во рамките на таа операција, бродовите кои поради иранската блокада останале заглавени во Ормускиот Теснец, треба да се изведуваат надвор од него.
Претставник на иранската армија, по најавата на Трамп за воената операција, се закани со напади врз американската војска доколку таа се приближи до Ормускиот Теснец или влезе во него.